More

    Нафтоводот Скопје – Солун ќе носи дизел, а изгледа ќе мора и мазут

    spot_img

    По две тужби пред Арбитражниот суд во Париз, поради прекршување на договорот и платени казни повеќе од 70 милиони евра, државата сега планира да го активира нафтоводот Скопје – Солун и очекува да профитира од преносот на нафта за земјава, но и за Косово, за јужна Србија и за дел од Албанија, како и да добие поевтини нафтени деривати.

    Прашање е зошто сега се активира цевководот низ кој 13 години не помина ниту тон нафта, бидејќи беше прогласен за економски неисплатлив, а државата не го почитуваше, бидејќи предвидуваше да купува преголеми количини мазут.

     

    Лиценца на 35 години

    Експертите велат дека работата на овој нафтовод има позитивни и негативни страни, а поволностите за земјава ќе се сведат само на транзитната такса и евентуално поевтиниот дизел. Според нив, новото активирање на нафтоводот не го суспендира делот од договорот со кој земјава ќе треба да купува 500.000 тони мазут годишно.

    Грчката компанија „Хеленик петролеум“, преку својата фирма ќерка „Вардакс“, која стопанисува со нафтоводот, на крајот на ноември поднесе барање за добивање лиценца за пренос на нафтени деривати до Регулаторна комисија за енергетика. Во ова претпријатие држа вата е сопственик на 20 отсто од уделите, преку претпријатието „Нафтовод“, а поголемиот удел од 80 отсто го има „Хеленик петролеум“.

    Според она што го соопшти Регулаторната комисија за енергетика, претпријатието побарало лиценцата да важи за период од 35 години, а за вршење на дејноста ќе го користи продуктоводот Солун-Скопје, со должина од 213,5 километри. Номиналниот дијаметар на продуктоводот е 16 инчи, а со него може да се транспортираат од 2,5 милиони тони дизел годишно . Дизелот ќе биде производ на „Хеленик петролеум“, индустриски комплекс Солун, и ќе биде трнаспортиран од  терминалот во Солун  до терминалот на ОКТА во Скопје.

    Нов коридор за еколошки транспорт

    Плусинфо ги праша Владата и во Министерството за економија дали активирањето на гасоводот е договорено на последната средба на тимови од земјава и Грција, на која се разговарало за енергетските коридори и снабдувањето со струја и гас и која е причината за неговото активирање по 13 години застој.

    „Поводот за активирање на нафтоводот во кој сопственост има и државата е потребата да се обезбеди коридор за снабдување со рафинирана нафта за земјава и регионот. На тој начин ќе се обезбеди поеколошки транспорт, ќе се овозможи намалување на можноста за избегнување на царинските акцизи. И секако, ќе ја постави земјата како хаб за снабдување со гориво за Косово, Јужна Србија и дел од Албанија, што секако е додадена вредност за државата. Нафтоводот е тема веќе неколку години во насока на диверзификација и обезбедување на енергенси со соседните земји, бидејќи е неискористен капацитет кој секако е во корист да се стави во функција“, наведе Владата во одговорот.

    Нафтоводот е вистинско решение

    Ја орашавме и компанијата „Вардакс“ зошто сега е исплатливо да се транспортира дизел низ нафтоводот и колку е подготвен тој да биде користен за пренос на вакво гориво. Во очекување на одгиоворот, го пренесуваме ставот на менаџерите на „Нафтовод“, претпријатието кое ги застапува државните интереси во нафтоводот. Тие уверуваат дека освен финансиски придобивки, земјата ќе добие и поевтина и поквалитетна нафта.

    – Користа се еколошки чисто гориво, нема загадување, нема уништување на патиштата, квалитетот на нафтата којшто ќе се транспортира е со највисок квалитет, така што потрошувачите во земјава ќе имаат поевтина и поквалитетна нафта – изјави директорот на претпријатието Есад Рахиќ за Телма.

    Барем за дизел ќе немаме мака

    Експерти, пак, велат дека дериватите, како и нафтата како фосилно гориво, во иднина треба да се напуштат, поради загадувањето на животната средина. Колку овој нафтовод сега ќе биде поисплатлив од претходниот период и дали државата ќе има корист од неговата работа ќе зависи од висината на транзитната такса и цената на горивото кое ќе се добива.

    – Се надевам дека лиценцата ќе биде за пренос на рафинирана нафта, бидејќи ако биде за сурова нафта ќе треба да се преработува во рафинеријата Окта која затворена, а нејзиното работење би значело големо загадување. Но, дури и ако се транспортира дизел и тоа е гориво кое загадува и е на листата за намена. Ќе имаме и дополнително загадување, ако како енергенс се користи во топланите во Скопје, но и како погонско гориво за машините во дел од производните капацитети, кои поради недостиг на гас можат да се префрлат на дизел. Секако, има и позитивна страна, а тоа се дека ќе се подобри снабдувањето со дизел во земјава – вели професорот Ристо Цицонков.

    Тој како што вели се сомнева во исплатливоста на проектот, бидејќи пазарот кој се најавува за ова гориво е земјава и Косово.

    – Секако, поголем ризик ќе има компанијата која поседува поголема сопственост во нафтоводот – вели тој.

    Цените ќе бидат пресудни

    Професорот Константин Димитров смета дека користа за земјава од активирањето на нафтоводот ќе зависи од цената на дериватите кои Окта ќе ги пласира на домашниот пазар и транзитната такса која ќе се наплаќа.

    – Се зависи од цената на продуктите кои ќе се транспортираат преку нафтоводот и таксата за транспорт низ земјава. Во основа цевководниот транспорт е поевтин од патниот, но прашање е колку цевководот е подготвен за транспорт на дизел како што се најавува? Дали се проверени и исчистени цевките? И, се разбира, главното прашање, кога ќе биде активен? Ние се наслушавме „ќе“ во енергетиката последниве две години. Се плашам да не ни се повтори „трансформаторот“ за РЕК Битола и во овој проект – вели тој.

    Што правиме со мазутот?

    Но, ако се применува договорот потпишан во 1999 година со „Хеленик петролеум“, државава ќе треба да купува годишно по 500.000 тони мазут количини, кои не се трошат во земјава. Годишната потрошувачка на овој енергенс се намалува и изнесува просечно околу 130.000 тони.

    Познавачи на правото велат дека овој договор е на сила и обврските кои произлегуваат од него на субјектите кои го потпишале треба да се реализираат.

    – Договорот е во правна сила бидејќи досега нема направени негови измени. Доколку се сака да се променат делови од него потребно е субјектите кои го потпишале да се предоговорат и да потпишат анекс на договорот. Правно решение е и тој да биде суспендиран со одлука на Уставниот суд. Но, таква иницијатива до овој суд досега не е стигната од ниту една страна. Тоа значи дека она што е потпишано во 1999 година е на сила – вели правен експерт.

    Од „Нафтовод“, пак, тврдат дека е потребен период за завршување на процедури и потреба од носење на одредени подзаконски акти и да се утврди транспортната цена од македонска и грчка страна. Нивните процени се дека ќе бидат потребни 3 до 6 месеци.

    Нафтоводот е затворен од 2013 година кога од страна на Хеленик Петролеум оценија дека неговото работење е непрофитабилно. Нафтоводот е долг 213 километри и во неговата изградба беа вложени околу 100 милиони евра. Пуштен е во функција во 2002 година, со цел пренос на сурова нафта. Во меѓувреме беше најавена пренамена на постоечкиот нафтовод на сурова нафта во продуктовод, со цел пренос на дизел директно до инсталациите на ОКТА.

    Договорот за изградба и користење на нафтоводот е потпишан во 1999 година, во време на владата на Љубчо Георгиевски. Земјава со тој договор беше обврзана за да купува годишно 500.000 тони мазут иако немаше потреба од тоа.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img