More

    Москва напаѓа, Киев не се предава

    spot_img

    Руските сили рано утринава истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и се истоварија војници на нејзиниот јужен брег, објавија украинските власти и медиуми, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече, специјална воена операција на истокот.

    Набргу откако Путин се обрати на руската државна телевизија, во тишината пред зори можеа да се слушнат експлозии во главниот град на Украина, Киев.

    Владимир Путин ја најави воената операција во Украина во 5:55 часот по московско време – а неколку минути подоцна првите гранатирања и проектили беа лансирани во Украина.

    Во главниот град Киев, се огласија сирените за итни случаи, а фотографии и снимки на социјалните мрежи покажуваат колони автомобили во обид да го напуштат градот. На жителите на Киев им е кажано да останат дома и да спакуваат торба со потребните работи, во случај да треба нагло да заминат. Но, голем дел од нив побрзаа во киевското метро за да побараат засолниште, пишува Си-Ен-Ен.

    Во близина на главниот град, како што јавија локалните медиуми, се слушале пукотници.

    Низ градот, црвените стрели насликани на ѕидовите ги означуваат локациите на најблиските засолништа од бомби. Градот првпат ги постави по избивањето на војната на истокот од земјата во 2014 година, но неодамна беа повторно обоени, за да не се пропуштаат.

    „Путин штотуку започна целосна инвазија на Украина. Мирните украински градови се нападнати“, објави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.

    „Ова е агресивна војна. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Време е да се дејствува“.

    Мали, мали, ама техничарчиња

    Вооружените сили на Украина се во голема мера помалубројни и поинфериорни во смисла на оружје и опрема од руските, но, во контекст на руската инвазија од големи размери, воените експерти велат дека тие ќе бидат способни да дадат значителен отпор и да нанесат големи загуби.

    Украинската армија е исто така подобро обучена и опремена отколку во 2014 година, кога Русија без борба го зазеде полуостровот Крим од Украина и нашироко се смета за високо мотивирана да го брани срцето на земјата, оценува Ројтерс, пренесува НДТВ.

    Повеќето воени експерти проценуваат дека бројот на руски војници во близина на руската граница со Украина е над 100.000. Русија, исто така, пресели некои војници во Белорусија, северно од Украина, за воени вежби.

    фото:јутјуб/принтскрин

     

    Руската армија има околу 280.000 персонал, а нејзините комбинирани вооружени сили вкупно околу 900.000, додека нејзините 2.840 борбени тенкови се побројни од украинските за повеќе од три спрема еден, според Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS) со седиште во Лондон.

    Украинскиот премиер рече дека декретот неодамна потпишан од Зеленски – за приоритетни мерки за зајакнување на одбранбените капацитети на државата, зголемување на атрактивноста на воената служба и постепена транзиција кон професионална армија – на крајот ќе ги доведе вооружените сили на Украина на 361.000 лица.

    Иако Украина тројно го зголеми својот буџет за одбрана во реални услови од 2010 до 2020 година, нејзините вкупни трошоци за одбрана во 2020 година изнесуваа само 4,3 милијарди долари, или една десетина од руските.

    Воените аналитичари велат дека украинската противвоздушна и противракетна одбрана е слаба, што ја прави многу ранлива на руските напади врз нејзината критична инфраструктура. Тие велат дека Русија, исто така, ќе се обиде да ја искористи својата супериорност во електронското војување за да ја парализира командата и контролата на својот противник и да ја прекине комуникацијата со единиците на терен.

    Бајден се моли за народот на Украина

    Реагирајќи на инвазијата што САД ја предвидуваа со недели, американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите молитви се со народот на Украина „додека трпи неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили“.

    Претходно, Русија побара запирање на проширувањето на НАТО кон исток, а Путин го повтори својот став дека членството на Украина во Атлантската воена алијанса предводена од САД е неприфатливо. Тој рече дека ја одобрил воената акција затоа што Русија немала друг избор освен да се брани од, како што рече, заканите кои доаѓаат од модерна Украина, демократска држава со 44 милиони жители.

    – Русија не може да се чувствува безбедна, да се развива и да постои со постојана закана што произлегува од територијата на модерна Украина. Целата одговорност за крвопролевањето ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Украина – рече Путин во телевизиското обраќање до нацијата при најавата на воените операции.

    Тој, исто така, истакна дека Русија не планира окупација на Украина.

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и граничните сили и дека експлозии се слушнале во многу градови.

    Тој рече дека е прогласена вонредна состојба и дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден. Во средата беа мобилизирани резервисти.

    – Војската функционира. Јас ќе бидам со вас цело време. Останете силни. Ќе победиме затоа што сме Украина. Слава на Украина – рече Зеленски.

    Руски копнени сили утринава од повеќе правци навлегле на украинска територија, соопштија украинските гранични сили.

    „Руски воени возила, вклучително и оклопни возила, навлегоа во регионите на Чернихив (северна, белоруска граница), Суми (североисточна, руска граница), Луганск и Харков (источна, руска граница) и преку преминот меѓу полуостровот Крим и континентална Украина“, се наведува во соопштението.

    Се додава дека Русија отворила артилериски оган пред да испрати воени возила.

    Украинските сили објавија и видео на кое се гледаат возила означени со буквата „З“.

    Дожд од ракети

    Украинските вооружени сили објавија соопштение во кое се вели дека руската војска започнала „интензивно гранатирање“ кон нивните единици на истокот на земјата, јави Би-Би-Си. Русија, исто така, изврши ракетни напади врз аеродромот Бориспил во близина на Киев и неколку други аеродроми, се вели во соопштението.

    Локалните медиуми цитираат украински официјални лица дека војници во Белорусија се приклучуваат на рускиот напад, што значи дека офанзивата сега доаѓа и од северот на Украина. Нападот од север ги дополнува руските напади на истокот на Украина и движењето на руските трупи кон Одеса на југ.

    Истовремено, проруските сепаратисти објавија дека почнале офанзива против градот Шчастија во провинцијата Лугањск, што е под контрола на Украина. Во провинцијата Доњецк почнале голема воена операција долж линијата на одвојување, јавија руските медиуми.

    Меѓународната заедница остро го осуди нападот и најавија силен одговор.

    Утрово во Киев е тивко. Би-Би-Си јавува дека е забележливо поголемо воено присуство од вообичаено. Жители се жалат дека изгубиле врска на нивните телефони. Исто така, локалните медиуми информираат дека во супермаркетите е гужва, а луѓето прават залихи од храна и продукти, како и дека вадат пари од банкоматите „за секој случај“.

    Украинците „ничкосале“ пет руски авиони и хеликоптер

    Украинската војска денеска потврди дека соборила пет руски авиони и хеликоптер на истокот од земјата во близина на енклава под контрола на бунтовниците.

    „Според командата на Здружените сили, денеска, 24 февруари, во областа на операцијата на Здружените сили, беа соборени пет авиони и еден хеликоптер на агресорите“, соопшти Генералштабот на армијата.

    Руското Министерство за одбрана соопшти дека уништило украински воени воздушни бази и системи за ПВО, неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин нареди воена офанзива против соседот на неговата земја.

    „Воената инфраструктура во воздухопловните бази на украинската армија е исфрлена од акција“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

    Според нив, системите за ПВО на Киев се „елиминирани“.

    Пристигнуваат и војници од Белорусија

    Локалните медиуми цитираат украински официјални лица дека војници во Белорусија се приклучуваат на рускиот напад, што значи дека офанзивата сега доаѓа и од северот на Украина, јави Би-Би-Си.

    Белорусија, која е на северната граница на Украина, е долгогодишен сојузник на Русија. Аналитичарите ја опишуваат малата земја како „држава клиент“ на Русија.

    Нападот од север ги дополнува руските напади на истокот на Украина и движењето на руските трупи кон Одеса на југ.

    Ердоган помеѓу „два огна“

    Украина побара од Анкара да го ограничи минувањето на руските воени бродови низ Босфорот и Дарданелите.

    – Ги повикуваме турските власти да и помогнат на Украина. Бараме Босфорот и Дарданелите да бидат затворени за руските воени бродови – изјави украинскиот амбасадор во Анкара Вадили Боднар, пренесува ТАСС.

    Украинскиот парламент, Врховната рада, денеска го потврди указот на претседателот Володимир Зеленски за воведување воена состојба на територијата на целата земја, јавија украинските медиуми.

    Зеленски утринава објави дека прогласува воена состојба, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди специјална воена операција во Донбас во источна Украина.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img