More

    Млекарниците го зголемија за 10%, а трговците кому како му одговара

    spot_img

    Граѓаните негодуваат дека и млекото поскапе преку ноќ во трговските објекти. Цената за некои видови трајно млеко од домашните производители достигна и до 69 денари за литар зависно од масленоста и дали има додатоци на витамини и калциум. Кај увезеното млеко, цената достигна и до 78 денари за литар.

    Домашните преработувачи на млеко велат дека нивните цени по одмрзнувањето од март постепено се зголемуваат и просечно зависно од производот и неговата масленост пораснале за 10 отсто последните 3 месеци (март, април и мај).

    Од Министерството за економија велат дека немаат добиено информации од млечната индустрија дека во моментот се планира раст на цените на млекото во малопродажба, но додаваат дека е битно дека континуирано се почитува висината на трговската (профитна) маржа.

    Зголемени цени на млекото за 7,6 отсто во март регистрира и Државниот за завод за статистика.

    – Човек не може да појде во маркет, а да не се изненади со нова цена на некој основен производ. Преку ноќ гледаме нови цени. Денеска и млекото гледам има повисока цена. Досега увозното беше поскапо, но и домашното има нова цена. Што е пострашно, секој маркет си води своја политика и го продава со друга цена. Еве на пример „Битолското“ млеко од 3,5 отсто масленост до пред некој ден беше со цена од 52 денари, а сега гледам има цена од 59 денари, а некаде и 61, но и 69 денари. „Битолско“, она со 10 витамини во маркетите може да се најде и за 67 и 68 денари за литар. „Алпското“, пак, во некои продавници достигна цена од 78 денари. Она без лактоза се продава и за 89 денари литар. Да не ги кажувам цените на млекото „Збрегов“. Тие се солени до бесвест. Какви се пресметките на трговците не знам, ама производителот е ист, маржата рекоа е ограничена, а цената сепак е различна – вели Ангелина Т.

    Домашните млекарници кои ги контактиравме тврдат дека тие ги зголемиле цените во просек за 10 отсто, а главна причина се драстично зголемените производни трошоци – главно енормно високата цена на електрична енергија, на транспортот, но и на зголемената откупната цена на суровото млеко.

    – Само за пример, колку се зголемени нашите производни трошоци би ви кажале дека нашата сметка за електрична енергија во декември изнесуваше 45.000 евра, а веќе во јануари таа порасна на 242.000 евра. Просечно цената на овој енергенс изминативе месеци се движи од 250 до 300 евра за мегават. Моментално од нас се бараат и повисоки цени за транспорт. Превозниците побара за 30 отсто повисока цена. Во овој период имаме и за 20 отсто зголемена откупна цена на суровото млеко во однос на ланскиот просек. Сето тоа влијае на нашите трошоци. Па и со ова зголемување на цената на нашите производи едвај успеваме да работиме рентабилно – велат од една домашна млекарница.
    За тоа дека и нивните производи драстично поскапеле во некои трговски објекти, велат дека млекарниците пресметуваат маржа од 4 отсто на својот краен производ, а трговците дополнително определуваат каква цена ќе им понудат на потрошувачите.

    – Секој трговец ја прави пресметката кој производ како ќе го продава. Кај нас цената се определува според масленоста, но трговците имаат своја политика при определувањето на цените и кој производ по која цена ќе го нудат на граѓаните – велат оттаму.

    Домашните производители велат дека и откупната цена на млекото во однос на ланскиот просек е зголемена за 20 отсто.

    – Со информацијата дека откупната цена на млекото е 11 денари за литар, некој сака да дезинформира. Мислиме дека нема млекар кој го продава млекото по ваква цена, бидејќи ваква откупна цена немало и ако се вратиме 15 години наназад. Еве ние на таквите млекопроизводители ќе им понудиме и 15 денари за литар, но дали ќе го продадат суровото млеко за таа цена – коментираат од млекарницата.

    Од Министерството за економија велат дека за нив е битно да се почитува одлуката за ограничена маржа.

    – Министерството за економија нема добиено информации од млечната индустрија дека во моментот се планира раст на цените на млекото во малопродажба. Битно е дека континуирано се почитува висината на трговската (профитна) маржа согласно Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки (Сл. весник бр. 51 од 9.03.2022) – велат оттаму.

    За високите цени на увезеното млеко велат дека тоа зависи од земјата извозник.

    – Во однос на увозните цени на млекото треба да се има предвид дека висината на цената се базира на висината на трошоците утврдени во земјата извозник – велат од Mинистерството за економија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img