More

    Мелниците стравуваат дека нема да ги издржат галопирачките цени на пченицата

    spot_img

    Брашно и леб ќе има, ако мелниците и пекарниците ги издржат зголемените трошоци предизвикани од енергетската криза и ако финансиски издржат да набават нови количини пченица чија цена вртоглаво расте на дневна основа и брашно кое исто така поскапува, велат од мелничко-пекарската индустрија. Владата убедува дека нема да има ценовни шокови бидејќи се обезбедени доволни количини резерви од енергенси и суровина за производство на храна.

    Мелничарите и пекарите велат дека со оглед на неизвесната состојба поради влијанието на војната во Украина, цените на брашното и лебот нема да останат исти подолг период, ако состојбата не се промени, бидејќи трошоците на производство секојдневно растат, а резервите на пченица кај одделни мелници се проценуваат од 1 до 3 месеци.

    – Од минатиот четврток цената на пченицата секој ден е во пораст. Денеска на европската и на американската берза цената на пченицата се искачи на 357 евра за тон. Тоа искалкулирано во трошоците на мелниците, под услов денеска да се набавува пченицата би значело 5 до 6 денари повисока цена на брашното. Секако, мелниците моментално имаат резерви набавени во изминатиот период па додека тие не се потрошат цената ќе остане каква што денеска ја има во продавниците од 27 до 33 денари на основниот леб. Но, по истекот на резервите и цената на нашиот производ ќе претрпи промена соодветна на набавената суривина (пченица и брашно). Да се надеваме дека овој пораст на цената на пченицата ќе се стабилизира за да нема пораст на цената на брашното и на лебот – вели Горан Малишиќ, претседател на мелничко-пекарската асоцијација во Стопанската комора.

    Според него, граѓаните треба да бидат свесни дека поради војната во Украина во овој период ќе има нарушување на пазарот на пченица, но тоа не значи дека нема да има брашно и леб, бидејќи пченица и брашно во земјава се набавува од регионот.

    – Стопанствениците веќе имаат направено договори и испораките течат според договорите со партнерите. Секако идните набавки ќе зависат од новата цена, но тоа како ќе течат набавките одлучуваат самите фирми (мелниците и пекарниците) – вели тој.

    Голем дел од мелниците поради растот на цената на енергенсите и замрзнатите цени на брашното и лебот имаат огромни финансиски проблеми поради што го намалија и производството. Дел од нив се сомневаат дека ќе можат да набават доволни количини пченица која главно доаѓа од увоз.

    – Брашно ќе има само ако имаме доволно пари да купиме пченица. Цената на берзите вртоглаво расте секој ден во просек за 6,5 отсто. Веќе сме финансиски исцрпени од превисоките цени на енергенсите, а сега и суровината поскапува. Состојбата е неизвесна и никој не може со сигурност да каже што ќе се случува од денеска до утре, а не на подолг период, затоа и не може да се каже како ќе се движи цената на брашното и колку често таа ќе се менува во наредните месеци – вели Тодор Ѓорѓиевски, извршен директор на мелницата „Кадино“.

    Оваа мелница, како што информира тој, го намали производството од 1.700 тони на 700 тони дневно производство како резултат на порастот на цената на енергенсите и замрзнатата цена на брашното во изминатите месеци.

    – Иако се смета дека нашите мелници ќе можат да сметаат на српската пченица и по новите цени, моментално никој не продава пченица од Србија, бидејќи не можат да се определат за цената. Дополнително српската влада планира и нови мерки за обезбедување економска стабилност на земјата и не се знае какви ќе бидат тие во однос на прехранбените продукти и извозот на брашно и пченица. Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска најави дека денеска или утре ќе донесат нови мерки. И во тој однос имаме неизвесност – вели Ѓорѓиевски.

    Според пекарите, цената на лебот и на другите производи ќе зависи од цената на брашното и другите трошоци кои влегуваат во крајната цена на лебот.

    – По одмрзнувањето на цените лебот зависно од фирмата која го производи се зголеми, но очекувам да се задржи иста за одреден период, додека не почне да расте цената на брашното. Сето тоа, како што реков, зависи од берзанската цена на пченицата и енергенсите која е неизвесна поради војната во Украина – вели Малишиќ.

    Владата и вчера и денеска убедува дека нема да има ценовни шокови бидејќи има обезбедено задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви.

    „Владата и државните институции ја следат состојбата на дневна основа и ги преземаат сите мерки за да се зачува стандардот на граѓаните. Моментално нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат резерви за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви. Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто“, соопшти денеска владата.

    Опозициката ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека владата треба да го стабилизира пазарот со прехранбени производи и да спречи ценовен шок а тоа ќе го направи со  активирање на стоковите резерви.

    -Доколку стоковите резерви со пченица се полни, тие се доволни за надомест на 120 дена просечна потрошувачка и ќе спречат раст на цените, на пченицата и брашното, доколку не се интервенира на пазарот и се остави мелничарите сами да се снаоѓаат и да увезуваат пченица по нови скапи цени.Дополнително прво што треба да се направи е намалување на акцизата за нафтените деривати за 50 отсто, и намалување на ДДВ за прехранбените производи од 5% на 0%.На економијата и на граѓаните им се потребни суштински мерки, кои ќе значат спречување на раст на цените  – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img