More

    Македонските Евреи во логорот на смртта ги однеле Бугарите, никој друг!

    spot_img

    Неспорен историски факт е дека некогашната бугарска власт е единствено одговорна за попишувањето, собирањето и за депортирањето на македонските Евреи во логорот на смртта во Треблинка, за време на Втората светска војна.

    Ова за Плусинфо го потврди д-р Ѓорѓи Чакарјаневски, кој целиот научен век поминат во Институтот за национална историја го поиминал проучувајќи го периодот на бугарската окупација на Македонија.

    – Треба да им поставите прашање на бугарските историчари, зошто не беа депортирани Евреите од Бугарија, но затоа на Германците им беше испратено речиси целото еврејско население од Македонија, Тракија и од југозападна Србија. Црковните великодостојници успеваат да извршат притисок врз властите во Софија, да не се депортираат Евреите во германските логори на смртта. Но тоа важело само за Бугарија, не и за окупираните територии во Втората светска војна – вели Чакорјаневски.

    Инаку, Чакарјаневски во колумната објавена во март годинава на Плусинфо, детално го опишува и пропагандистичкото делување на бугарската окупациска власт во Македонија, вклучително и односот кон еврејското население. Таму тој открива неколку наслови во весниците контролирани од бугарската власт, како оној објавен во 1941 година: „Ограничувања на лицата од еврејско потекло – Наредба на министер Габровски”. Подоцна Чакарјаневски ја објавува и изјавата на министерот за внатрешни работи и народно здравје на Бугарија, Петар Габровски, кој говори за т.н. еврејско прашање.

    „Мерките кои се преземени до сега во врска со еврејското прашање беа навремени и со резултати, но недоволни и затоа тоа прашање треба да биде конечно решено. Европското (еврејското) прашање, е живо прашање и не може да се разреши само со една наредба”, изјавил во 1942 година Габровски, за весникот „Целокупна Бугарија“, којшто се печател во Скопје.

    Не ги праќајте Евреите во гасни комори повторно

    Поводот за проверката на историските факти ни го даде поранешниот претседател на Еврејската заедница во Македонија, Виктор Мизрахи, со неговото отворено писмо до јавноста, во кое тој им се обраќа на премиерот Димитар Ковачевски, на вицепремиерот Бојан Маричиќ, на министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и на професорите Денко Малески и на Катерина Колозова, апелирајќи да не учествуваат во промената на историјата и да не ги прогласуваат Македонците одговорни за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка.

    „Само по последната Илинденска епопеја, во НОБ дадовме преку 25.000 жртви, од кои 7.144 евреи. Заедно крвариме од секогаш, од Илинден и Рафаел Камхи до депортацијата на 7.144 евреи. А таа депортација ја изврши царска Бугарија, Филов, Габровски и Белев… не бугарскиот народ. Тие беа окупатори и фашисти, а не администратори. Ниту еден од депортираните не преживеа. Колозова и Малески, Османи, Ковачевски, Маричиќ, пратеници, бугарските војски не беа ослободители, а Евреите не ги депортираа Македонци“, напиша, меѓу другото, Мизрахи.

    Негирањето на холокаустот е кривично дело

    Разгорување на расна и на национална омраза е кривично дело, а тука влегува и негирањето на холокаустот на Евреите во Втората светска војна, уверува адвокатот и експертот за човекови права Тони Менкиновски.

    – Праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур покажала во многубројни случаи дека негирањето на фашизмот и на холокаустот поттикнува омраза и нетолеранција. Со оглед на историскиот контекст на засегнатите држави, негирањето на фашизмот и на холокаустот, макар и маскирано, како непристрасно историско истражување, треба да се гледа како конотација на антидемократска идеологија и антисемитизам. Ова Европскиот суд за човекови права го утврдува во предметот Перинчек против Швајцарија. Европскиот суд за човекови права утврдил дека негирањето на реалноста на злосторствата против човештвото, како на пример фашизмот и холокаустот, имало за цел да го рехабилитира национал-социјалистичкиот режим и да ги обвини самите жртви за фалсификување на историјата – вели Менкиновски.

    Тој додава дека таквото негирање, според Европскиот суд за човекови права, претставува еден од најсериозните облици на поткопување на темелните вредности на Европската конвенцијата за човекови права.

    Со „Бугарски железници“ до Треблинка

    Во Музејот на холокаустот на македонските Евреи во Скопје изложен е вагонот на „Бугарски железници“, како потсетник на возот со кој биле депортирани македонските Евреи во Треблинка.

    На 11 март 1943 година, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип се депортирани во логорот на смртта Треблинка, што претставува и еден од највисоките проценти на депортирани Евреи во светот, ако се земе в предвид дека вкупната бројка на еврејското население во Македонија не била многу поголема.

    Улогата на бугарските власти во депортацијата на Евреите ја истражувал и самиот Симон Визентал, славниот ловец на нацисти, кој делумно работел и на нивно откривање по војната.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img