More

    Македонија исполни тешки задачи, заслужува брз напредок, порача Донфрид

    spot_img

    Силно ги поддржуваме вашите евроаспирации и сакаме што побрзо да се одржи меѓувладината конференција. Премногу се одолговлекува нејзиното одржување. Исполнивте тешки задачи, ги исполнивте реформите и заслужувате брзо да напредувате. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ, порача помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид, по денешната средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во Скопје.

    На заедничката прес-конференција со Османи во МНР, Донфрид истакна дека пристапувањето на земјава во ЕУ ќе донесе поголема стабилност на Балканот и поголем простперитет во Европа.

    – САД изразува пофалби за напорите на Северна Македонија за евроатлантската иднина. Силно ги поддржуваме вашите евроаспирации и сакаме што побрзо да се одржи меѓувладината конференција. Предолгo се одолговлекува нејзиното одржување – нагласи Донфрид.

    Таа ја пофали земјава и во однос на јасно изразениот став околу руско-украинскиот спор.

    – Вие сте бранители на демократијата и на владеењето базирано на правила. Застанавте заедно со меѓународните партнери во поддршка на украинскиот народ. Знаете колку е важна слободата и повеќе пати сте докажале дека сте стабилен партнер. Ова е време на предизвици и можности. Северна Македонија покажа дека е способна да застане во одбрана на човековите права. Треба да го одржите темпото на реформите, но покажавте дека можете да се справите со предизвикот – подвлече американската помошник државна секретарка.

    Таа дополни дека САД ја ценат и улогата на нашата држава во тројката на ОБСЕ, како и дека со нетрпение го очекуваат нашето претседавање.

    Донфрид го најави и стратешкиот дијалог на двете влади што треба да се одржи во Вашингтон.

    Сега е вистинско време ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи по средбата со Донфрид.

    Османи предупрeди дека отсуството на напредок во евроинтегративниот процес ќе има сериозни последици за нашата држава и за земјите од Западен Балкан, но отвора, како што напомена, и простор за штетни влијанија од трети земји поради што „забрзување на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери“.

    Според него, процесите на проширување на ЕУ претставуваат и безбедносна политика и оттука, членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност. Никој од нас, потенцира Османи, нема време за губење.

    – Северна Македонија е европска земја и лојален партнер со значителен напредок во реформските процеси. Иако сѐ уште земја кандидат, РСМ во целост или стопроцентно е усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и воедно со сите рестриктивни мерки што произлегуваат од воената агресија на Русија врз Украина. Цениме дека сега е вистинско време за ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство. Тоа ќе претставува големо охрабрување и за другите земји од Западен Балкан. Ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирувањето во регионот. Иако стабилен, регионот е обременет со бројни прашања кои создаваат простор за диригирана нестабилност засилена со надворешни влијанија од центри на моќ во чиј интерес не е стабилноста и просперитетот на регионо -, нагласи министерот.

    Тој повтори дека земјава го поддржува и се солидаризира со украинскиот народ, како и дека јасно ги осудува руските воени дејства во земјата.

    – Војната во Украина демонстрираше јасна потреба и за внесување нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан – укажа Османи.

    На прес-конференцијата министерот потенцира дека како НАТО сојузник, Северна Македонија ја презема обврската активно да придонесе во регионалната стабилност.

    – Во оваа смисла и САД, како и останатите НАТО сојузници може да сметаат на земјава како стабилен и кредибилен партнер при адресирањето на сите отворени прашања во регионот. Тоа е и наша обврска, но и наш директен интерес да бидеме дел од еден безбеден, стабилен и просперитетен регион опкружени со земји соседи кои ја делиме нашата европска и евроатлантска иднина – рече Османи.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img