More

    Колку земјава е подготвена за новата сезона на пожари?

    spot_img

    Високите температури и сувото време се предупредување дека претстои сезона на шумски пожари. Лани во земјава немаше ниту еден авион за гаснење пожари, а годинава подготвено за интервенција е само едно летало, додека друг „ер-трактор“ треба да се врати од Шпанија штом ќе биде завршен неговиот сервис.

    Ова за Плусинфо го потврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути кој вели дека се очекува и третиот авион замине во Шпанија, но не прецизираше кога ќе се случи тоа.

    – Едно летало е тука кај нас и подготвено за интервенција. Според информациите кои ги имаме, второто е во завршна фаза, но не можам да ви кажам точно кога ќе ни биде вратено од компанијата која го врши сервисирањето – ни изјави Максути.

    Тој додава дека според договорот кој е склучен со компанијата, би требало да пристигне екипа за да го приспособи за летање и третиот „фајрбос“, а како што ни објасни, техничките детали се малку комплицирани бидејќи треба да се обезбеди дозвола за летање, маршрутата по која ќе се движи леталото, како и пристигнувањето на пилотите од компанијата од Шпанија кои треба да го однесат.

    Покрај сервисирањето на леталата, од страна на ДЗС пред почетокот на сезоната на пожари е работено на превенција за спречување, како и набавка на потребната опрема и возила.

    – Работевме на подигање на свеста особено во подрачјата и регионите каде што лани беснееја пожарите, но и на места каде што е можна појава годинава, при што извршивме многубројни обуки. Дневно имаме по една или две обуки во различни институции, дали се тоа приватни фирми, училишта, градинки, фабрики, државни институции, каде што сме оделе по нивно или по наше барање за обука – ни објасни Максути.
    Директорот на ДЗС вели дека уште минатата година е купена опрема која веќе се распределува до општините и градовите кои се дел од републичките сили.

    – Оваа година во процедура ни е набавка на теренски возила со пумпи. Постапката е во тек и неизвесно е како ќе заврши, затоа што економската криза си го прави своето и во овој сектор, па останува да видиме – вели првиот човек на ДЗС.

    Максути додава дека годинава иницирал средба во беровскиот регион каде што биле градоначалниците од неколку градови, како и претставници на сите други институции кои се надлежни, меѓу кои и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и заменик директорот на Македонски шуми.

    – На средбата беше укажано на законските обврски, поточно на ланецот како се одвиваат работите во случај на појава на пожар. Мора да биде јасно дека ДЗС е последната институција од ланецот која треба да интервенира. Според законот, мора прво општините преку расположливите сили да интервенираат, потоа Националните паркови, па Македонски шуми, па дури на крајот Дирекцијата, при што ќе бидат вклучени авионите за гасење, како и хеликоптерите на Армијата и на полицијата – објасни директорот.

    Максути бара од другите институции да помогнат и да си ја вршат својата законска обврска, така што во сезоната на пожари силите ќе се пренаменуваат, ќе се зголемува бројот на чувари во шумите, затоа што е потребно пожарот да се локализира додека е во почетна фаза, а не кога веќе ќе достигне поголеми размери.

    – Морам да истакнам дека извршивме контрола во 35 општини, од кои 3 ги исполнуваа условите, седум од нив делумно ги задоволуваа, а останатите беа во катастрофална состојба кога станува збор за борбата со пожарите. Затоа е потребно општините кои имаат законски обврски за тоа, да ги снабдат противпожарните служби со потребната опрема и со работна снага – ни рече Максути.

    Првите пожари во земјава лани избувнаа во јуни, а во текот на летната сезона беа регистрирани вкупно 142. Апокалиптични сцени го обиколија светот од пожарите во Малешевијата, а во нивното гасење, помагаа противпожарни бригади од Австрија, Романија, Словенија и од Бугарија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img