More

    Како Македонија стана европски вицешампион во мизерија и зошто?

    spot_img

    Статистиката, а како нејзин дел и социометријата, се егзактни и комплексни науки, од чии сознанија се раководат политичарите и тие што носат одлуки за разни општествени прашања, но и генералната светска јавност при формирањето на глобалната слика за состојбата во некоја држава или заедница. Врз основа на такви податоци, ние обичните лаици, кога ќе се спомене Хаити, или Таџикистан, веднаш имаме некаква магловите претстава дека тие луѓе живеат во беда и мизерија, а кога ќе слушнеме за Исланд или Шведска, имаме слика за благосостојбата во која живеат овие општество. И најчесто тие слики не се далеку од реалноста. Додека не се запознаеме со таканаречените „индекси“, со кои се служат статистиката и социометријата.

    Во формирањето на овие перцепции во светот главно се користи годишниот Индекс на човековиот развој (Хјуман индекс девелопмент – ХДИ), кој се прави врз основа на годишните извештаи на УНДП, тело на Обединетите нации кое ја следи состојбата со човековиот развој во светот. Во креирањето на овој индекст, кој е композитен, сложен, според прецизни формули, се земаат предвид очекуваниот животен век, образованието (просечните години на завршено школување, како и очекуваните години на школување по влегувањето во образовниот систем), како и индикаторите за бруто националниот доход (БНД) по глава на жител. Овој индекс е развиен од пакистанскиот економист Махбуб ул Хак и официјално се користи за мерење на развојот на една земја од страна на Канцеларијата на УНДП.

    Последниот таков годишен извештај, кој беше презентиран минатата недела, со право го поттикна македонскиот претседател Стево Пендаровски да упати сериозни забелешки до владата и другите општествени фактори во земјава, дека состојбата во Македонија е очајна и дека мора многу повеќе да се работи за да се подобрат сите наши поразителни параметри кои служат за формирање на овој индекс. Тоа само говори колку политичарите му посветуваат внимание на овој индекс, според кој Северна Македонија се најде на нималку ласкавото 83 место (од 193 набљудувани земји) со индекс 0,774 поени. Сепак, овој резултат спаѓа во групата „висок“ развој, за разлика од групата земји со „многу висок“ индекс на развој, во кој се најдоа и Србија, Црна Гора, Белорусија, Бугарија, Турција, на пример.

    Деновиве најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ го сврти вниманието на македонската јавност на уште едно рангирање, со многу сликовито и моќно име, Индекс на мизерија, што беше пренесено од многу портали и медиуми. Според ВМРО-ДПМНЕ Македонија е „втора најмизерна земја во Европа“, се разбира „благодарение на неспособната влада на СДСМ и ДУИ и Ковачевски“, и според тоа итно се потребни предвремени парламетнарни избори.

    За каква мизерија зборуваме?

    Индексот на мизерија е економски показател, создаден од економистот Артур Окун. Негова цел е да помогне да се определи како просечниот граѓанин стои економски, а не некоја земја во целина. Тој се пресметува со додавање на стапката на невработеност во една земја, и тоа сезонски приспособена, со стапката на годишната инфлација. Се претпоставува дека и повисоката стапка на невработеност и влошувањето на инфлацијата создаваат економски и социјални трошоци за една земја.

    Оваа стапка на Окун, која се користела првенствено во САД, подоцна е прилагодена од економистот Стив Ханке, и се употребува во светски рамки. Во неговиот индекс на истите параметри се додава и сумата на издадени кредити на население (што ја покажува економската моќ на граѓаните) и од таа сума се одзема годишниот раст на БДП, по глава на жител (не прашувајте зошто). На тој начин, според Ханкеовиеот индекс на мизерија, се добива пореална слика на сиромаштијата односно богатството во кое живеат луѓето во една земја.

    Мизериајта прави чуда

    Она што е интересно е што овој индекс, чиј годишен извештај исто така е објавен неодамна, се добиваат сосем различни табели и позиции на земјите во споредба со тие на ХДИ, што остава простор за разни, па и политички мотивирани интерпретации.

    Годинава според Индексот на мизерија (ИМ) се рангирани вкупно 191 земја и територии, и според него Северна Македонија се наоѓа на 64 место на табелата, со резултат од 28,1 индексни поени.

    Треба да се нагласи дека на првите места на оваа табела се рангирани државните со најголем индекс на мизерија, што би се рекло „најмизерните“, а на крајот тие „најмалку мизерните“, односно тие со најмал индекс на мизерија. Во светски рамки, земји со највисок индекс на мизерија се Венецуела (3.827,6), Зимбабве (547,0), Судан (193,9), Либан (177,1), Суринам (143,5), Либија (105,7), Аргентина (95,0, Иран (92,1)… Најмали индекси на мизерија имаат следниве земји, (од најмал) Палау (каде е тоа?), со индекс 0,826, Лихтенштајн (0,919), Маршалски острови, Сент Китс и Невис, Доминиканa (не Доминиканска република), Андора, и слични островски земји. Ова ласкаво признание за овие „најмалку мизерни земји“ веројатно е резултат на нивната исклучително мала популација, на која се дели нивниот вкупен БДП, но формулата е иста за сите, па испаѓа дека е далеку подобро да се живее во Џибути (170 место), отколку да речеме во Шведска (138), Финска (136) или Германија (145 место), ко.

    Душа дало за манипулирање

    Како и секоја статистика, и Индексот на мизерија „душа дал“ за да се манипулира со него. ВМРО-ДПМНЕ во својата презентација нагласи дека Македонија е втора најмизерна земја во Европа, што е тешко да се аргументира. Ако се сметаат земјите-членки на ЕУ како „Европа“ (во која ние не сме), полоши од Македонија се Шпанија на 62 и Грција на 53 место. Грција може комотно да ја понесе титулата на „најмизерна земја-членка на Европската Унија“ со своето рангирање на 52 место според мизерија и индекс 31,3 поени, што значи 11 места „помизерна„ од Македонија. Ако пак Европа се смета за географски поим, што и е, помизерни од Македонија на европскиот континент се Грузија (43 место и 34.8 поени), Црна Гора (35 место и 36,2 поени). А зависно и од усвоената дефиниција до каде се протега европскиот континент, а ги има различни, во помизерни европски земји од Македонија ќе спаднат и Грузија (43 место и 34,8 поени), Украина (да не ја сметаме поради војната), Ерменија (34 место, 36,7 поени), а и Турција (Туркие) (21 место и 41,2 поени), која сака себе си да се гледа како европска земја.

    Значи, може да одбереме која сакаме дефиниција на „Европа“, Македонија според ниту една од нив не испаѓа „втора во Европа според мизерија“, но добро звучи за соопштенија и прес-конференции.

    Чекајте да ги видите другите парадокси

    За да не испадне дека резултатите се чудни само за Македонија, која е гледаме помалку мизерна од една Шпанија или Грција, иако нашите лаички впечатоци го говорат спротивното, може да се забележат и многу други моменти кои се исто така чудни во табелата на индексот на мизерија, но тоа не значи дека не се веродостојни, барем според технологијата на компонирање на овој индекс.

    Така, Босна и Херцеговина е на солидното 76 место (23,8), заедно со Албанија (977 место, 23,8 поени). Овие две нам познати вилаети, замислете, само за влакно се полоши од еден Исланд, кој заработил нималку ласкаво 78 место и 23,5 поени во мизерија.

    Од друга страна, за сите нив вистински Елдорадо за работничката класа и на народот воопшто е една Романија на 95. место со само 18,5 индексни поени. Франција (96 место 18,4 поени) е пак, за влакно подобра од Романија, но полоша од нам добро познатите Србија (97 место, 18,3 поени), Хрватска (98 место, 18,3 поени), ама не може да се мери со Словенија (108 место, 17 поени), која е рамо до рамо со САД (109 место, 16,7 поени). Но, сите овие се далеку помизерни од Молдавија, која е на 110 место (16,4 поени), и Бугарија (114 место, 16,0) поени.

    Бугарија, според мизерија, милиметарски заостанува зад Австралија (115 место, 15,9 поени). Според табелата насловена како „Најлоши држави за живеење“, испаѓа дека ви е подобро да живеете во Русија (94 место, 19,9 поени), отколку во Обединетото Кралство (87) или Нов Зеланд (82), ако веќе не можете да се населите во Непал (95), кој е помалку мизерен од сите нив.

    (Не)дофатливите патишта на мизеријата

    Што да се каже освен дека се недофатливи патиштата на светската мизерија (исто како и патиштата на политичката мизерија)Може, на пример, да го цитираме многу актуелниот и популарен антрополог и социолог Јоел Ноа Харари, кој во својата книга „21 прашање за 21 првиот век“ нуди соломонски пристап на овие парадокси на индексите, во кој има елементи на физика, поточно на хидраулика. Како што водата тече од повисока кон пониска точка, резонира Харари, така и економската миграција се движи од поголема кон помала мизерија: „Ако сакате да знете која земја е помизерна“, вели Харари, „само видете од каде на каде оди народот во потрага по подобар живот – Народот секогаш гласа со своите нозе“.

    Се плашам само дека според неговиот пристап Македонија ќе помине уште полошо отколку на табелите на Индексот на мизерија и на Индексот на човеков развој.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img