More

    Какви ризици ѝ се закануваат на Македонија по евентуалниот конфликт во Украина?

    spot_img

    Безбедноста на граѓаните во Македонија нема да биде загрозена, но дефинитивно ќе им бидат испразнети џебовите. Ова го тврдат безбедносните експерти со коишто разговараше Плусинфо во поглед на последиците со коишто би се соочила земјава по евентуалниот напад на Русија врз Украина.

    Како што објаснуваат нашите соговорници, дури и да започне војната во Украина, Македонија нема да се соочи со безбедносни ризици, но како што велат, секако дека е неопходна поголема будност на домашните безбедносни структури.

    Во поглед на евентуален бегалски бран од Украина, безбедносните експерти сметаат дека тој бран ќе ја заобиколи Македонија, оти, како што потенцираат: „нашата земја не е една од посакуваните дестинации каде што човек би сакал да се пресели“.

    Сума сумарум, Македонија ќе се соочи со тешка економска криза, особено по најавата на заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, дека отсега Европа ќе купува гас по цена од 2.000 евра. Очигледно, во таа група спаѓа и Македонија, ако се земе предвид денешната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека земјава ќе биде дел од санкциите на ЕУ против Русија.

    Економска криза не ни бега

    Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров, во разговор за Плусинфо вели дека Македонија би можела да се соочи со огромни економски штети доколку започне војната во Украина, додека, пак, како што посочува, не се очекува голем број бегалци од Украина да пребегнат во земјава.

    Најбогатите европски држави би можеле да бидат крајната дестинација на бегалците, а нормално е и ние да очекуваме мигрантски бран, иако географски гледано Македонија не се наоѓа на рутата по којашто би пребегувале бегалците од Украина.

    Владимир ПивоваровНационален координатор за гранично управување

    – Цените на многу продукти на светската берза ќе бидат качени и тоа директно ќе влијае на економската ситуација не само кај нас, туку во цела Европа. Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, кој е многу близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, вчера најави дека Европа отсега ќе купува гас по цена од 2.000 евра за одредена количина. Тоа значи дека Москва ја зголемува цената на гасот за околу 1.000 проценти. Тоа е таа енергетска зависност што ја имаат европските држави, а ние сме мала земја со мал буџет и таквите поскапувања многу тешко ќе ги поднесеме. Затоа, потребно ќе биде Европската Унија да ни помогне во тие моменти. Во поглед на бегалците коишто би можеле да пребегнуваат од Украина, нашата земја не е една од посакуваните дестинации каде што човек би сакал да се пресели. Најбогатите европски држави би можеле да бидат крајната дестинација на бегалците, а нормално е и ние да очекуваме мигрантски бран, иако географски гледано Македонија не се наоѓа на рутата по којашто би пребегувале бегалците од Украина. Сепак, јас сум убеден дека на дипломатски начин ќе се решат проблемите и верувам дека и самиот Путин е свесен за притисоците и за последиците што би следувале по евентуална војна – објаснува Пивоваров.

    Тој апелира до македонските граѓани воопшто да не се грижат и да не се плашат за својата безбедност, без разлика на конфликтот што ќе се случи или нема да се случи во Украина.

    – Апсолутно, Македонците треба да спијат мирно. Деновиве се појавија некои информации и претскажувања дека Русија би посегнала и врз оној дел што порано се нарекуваше Источна Европа. Но, тоа се само претпоставки кои во денешно време и од денешна гледна точка се неостварливи. Ние сме про-НАТО и про-европски ориентирана држава, па невозможно е Русија да се прошири на овие простори. Нашиот северен сосед, Србија, на пример, јасно е дека си го избра другиот пат, па воено, економски и безбедносно е блиска со Русија. Вчера српскиот претседател Алексадар Вучиќ рече дека е загрижен и дека се плаши оти врз Србија ќе биде извршен силен притисок доколку започне конфликтот во Украина. Можеби и Србија ќе почувствува големи економски штети, ама во дел на воена интервенција не треба ни да се размислува. Вучиќ ѝ издаде наредба на српската армија да биде на готовс, но таквата негова одлука сметам дека нема друга логика, освен политичка – рече Пивоваров.

    Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски во вестите на Канал 5 истакна дека лично тој не очекува голем воен конфликт во Украина, но од друга страна, пак, очекува санкциите врз Русија негативно да се одразат и врз Македонија.

    – Помеѓу изборот дали да го повлече чкрапалото или да го стави својот потпис за признавање на областа Донбас, рускиот претседател Владимир Путин се одлучи за второто и на тој начин извојува пирова победа, но ги прекрши сите мировни договори. Овој конфликт во којшто се вклучени Русија, Украина и НАТО индиректно ќе влијае и на загрозување на економската безбедност, бидејќи македонската влада ќе го поддржи трговското и економското ембарго за Русија. Но, неизбежен ќе биде и домино-ефектот на случувањата во Западен Балкан, особено ако се земат предвид хибридните закани од Русија преку невладиниот сектор и дел од помалите политички партии во земјава – изјави Ѓуровски.

    Очи ширум отворени

    Во овој момент, безбедносните ризици за нашата земја и за регионот не се многу големи, вели деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, во интервју за Гласот на Америка.

    Но, тој смета дека сега неопходна е поголема будност на домашните безбедносни структури.

    – Мислам дека решението се наоѓа во договорот за тоа што ќе се случува со украинската потреба за членство во НАТО. Алијансата треба да размисли дали можеби постои некој друг начин на зајакната соработка помеѓу НАТО и Украина. Дали можеби ќе биде поисплатливо за некој временски период да се одложат таквите дејствија и да се најде некое стратешко партнерство кое ќе биде задоволително и за НАТО и за Русија. Како и да е, безбедносните ризици во овој момент за нашата земја и за регионот не се многу големи. Особено не се големи оние ризици што би се сметале за директни безбедносни ризици. Тука не би го ставил сајбер просторот на којшто треба секогаш да бидеме внимателни. Повеќе од една деценија, а особено во периодот пред пристапувањето кон НАТО, ние сме многу подложно тло за источните служби коишто овде не само што прибираат информации, туку се обидуваат и да влијаат на некакви неформални текови – објаснува Дујовски.

    Воените последици не се бројат само во жртви, туку и во економија, просперитет и во сите други аспекти.

    Лидија Георгиева, професорИнститут за безбедност

    Професорката од Институтот за безбедност, Лидија Георгиева, пак, укажува дека и нашиот регион може да биде засегнат од конфликтот во Украина.

    – Многу е важно како НАТО ќе продолжи да се движи и дали ќе го прифати ултиматумот на Русија за натамошно проширување и за враќање на позициите од 1997 година. Исто така, прашање е дали ќе има приближување на релација Русија-Кина. Сметам дека и нашиот регион може да биде засегнат од конфликтот во Украина. Истото важеше и за Сирија и за Авганистан, па бегалските бранови секако нѐ засегнаа и нас, а секако и најголем дел од Европа – објаснува Георгиева.

    Таа вели дека не се исклучуваат и радикални појави.

    – Тука веќе влегуваат и други сериозни прашања. И радикализација во нашиот регион, учество на странски борци во Украина, поддршка на некоја од про-руските или про-украинските страни. Воените последици не се бројат само во жртви, туку и во економија, просперитет и во сите други аспекти. Тоа го покажа и целиот период на Студената војна. Во 21 век не ни е потребна нова Студена војна – порачува Георгиева.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img