More

    Интерпелација за Владата и пуч на седницата на Централниот одбор на СДСМ

    spot_img

    Пеколниот план на поранешниот премиер Зоран Заев за брзи предвремени избори, за победничка коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ што ќе владее во следните 8 години и за елиминација на Али Ахмети и на Стево Пендаровски од политиката веќе е пропаднат. Заев наскоро ќе мора да се помири со тоа и да си легне на брашното, дознава Плусинфо.

    Добро упатени извори информираат за настаните што се одиграле откако нашиот портал на 30 и 31 декември ексклузивно обелодени што се случувало на состанокот во седиштето на СДСМ на 21 декември, на кој Зоран Заев и Венко Филипче дошле со намера да се пресметаат со лидерот Димитар Ковачевски, а си заминале со течење од ногавици.

    Хелоу, иц ми… Важен повик од Вашингтон за Заев и за Ковачевски

    По една куртоазна средба со американската амбасадорка Анџела Агелер, прв се огласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој потврди дека не присуствувал на средбата на Бихаќка на 21 декември, токму како што објави Плусинфо. Се огласи и влијателниот министер за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој исто така не присуствувал на неформалната средба. Дознаваме дека пред да се огласи и јасно да се определи за поддршка за Ковачевски, министерот Маричиќ исто така имал важна средба со еден влијателен западен амбасадор во Скопје, кој му ги дообјаснил приоритетите на европската агенда во Македонија.

    Но, овие изјави кусо ќе ги прокоментираме малку подоцна. Пред тоа, да ја соопштиме најважната вест.

    Плусинфо од сигурен извор дознава дека веднаш по обзнанувањето на скандалозниот план на Струмичанецот, висок функционер од Вашингтон им се јавил и на премиерот Димитар Ковачевски и на Зоран Заев и ја потврдил недвосмислената поддршка на САД за актуелната влада на СДСМ и на ДУИ. Но, според нашиот извор, човекот од Вашингтон на Ковачевски му рекол дека проценката е дека слаткоречивиот Заев сепак нема да се смири и дека ќе се труди по секоја цена да оствари превласт во СДСМ.

    После оваа комуникација, Заев на Фејсбук се огласи со пост во кој изјави дека нема да се кандидира за претседател на државата и дека нема да прави пуч во СДСМ. Тој во постот не демантираше дека имало средба на потесното партиско раководство на 21 декември, на која тој, како што обзнани Плусинфо, презентирал план во 7 точки, кој предвидува брзи предвремени избори, поделба на извршната власт во наредните 8 години меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и елиминација на ДУИ на Ахмети и на претседателот Пендаровски.

    Пренесувајќи ја оваа изјава на Заев, авторот на овој текст на социјалната мрежа Фејсбук му постави неколку прашања, кои, како што слушаме, предизвикале дополнителни недоумици и во Струмица, но и во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се тие прашања:

    Дали се одржал состанокот на потесното раководство на СДСМ на 21 декември, на кој, освен тој, Зоран Заев и Венко Филипче, присуствувале лидерот Димитар Ковачевски, генералниот секретар Миле Зечевиќ, Радмила Шеќеринска и уште неколку други членови на партискиот врв? Го демантира ли Заев овој настан?
    Дали на тој состанок Зоран Заев изнел план во 7 точки, опишани во текстот на „суетниот Геровски“, кого го спомнува во својот т.н. „демант“?
    Демантира ли Заев дека во етно-туристичкиот комплекс Бела Вода во близината на Берово тој и Филипче се состанале со двајца претставници на македонска опозициска партија (нивните имиња засега ќе ги задржиме во тајност)? Дал на тој состанок Заев го презентирал својот план? Ја демантира ли Заев оваа средба? Дали можеби имало повеќе од една средба во истиот состав?
    Гола вода Што се случило во Бела Вода?

    Плусинфо нема официјална потврда кој точно од опозицијата присуствувал на средбата во Бела Вода и кога точно се случил настанот. Александар Митовски од Инфомакс тврди дека на средбата учествувале лидерот Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николовски. Засега нема демант и на тоа тврдење.

    Како и да е, средбите и разговорите меѓу претставници на власта и на опозицијата се легитимна и потребна практика во политиката. Како што веќе нагласивме и во претходните објави, Плусинфо ја разбира потребата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да ги употреби сите дозволени средства за да предизвика предвремени избори, во услови кога рејтингот на опозициската партија е многу високо над рејтингот на партијата на власт. Дали токму абдицираниот Заев е вистинскиот избор за еден таков дијалог е прашање на проценка. Можеби Мицкоски оценил дека може да ги искористи и амбицијата на Заев да се врати во политиката и неговата наводна контрола врз 6-7 пратеници од пратеничката група на СДСМ.

    Слободно уверување на авторот на овој текст, предочено и лично во разговор со Мицкоски, како и јавно, во коментари, е дека тоа е погрешна проценка. Првиот Њутнов закон на македонската политика гласи – во Заев верба да се нема!

    На ова наведуваат и нашите сознанија дека Зоран Заев на средбата во Бела Вода не им го соопштил на своите соговорници целиот план кој се однесува на елиминацијата на Стево Пендаровски од претседателската позиција. Според нашите информации, Заев не кажал дека токму себеси се гледа во улогата на заеднички кандидат на коалицијата ВМРО-СДСМ за шеф на државата, а потоа оваа комбинација тој им ја презентирал на некои свои сопартијци.

    Од друга страна, според информациите со кои располагаме, Заев на состанокот на Бихаќка на 21 декември не кажал ништо за идејата сегашниот генерален секретар на партијата Миле Зечевиќ да биде заменет со Венко Филипче (за оваа комбинација шпекулира и неделникот „Фокус“), но сосема е можно на средбата во Бела Вода Струмичанецот да се пофалил и со тој маневар. Како и да е, деновиве, во кругови на СДСМ наголемо се шпекулира дека на следната седница на Централниот одбор на партијата Заев ќе настапи со предлог за смена на Зечевиќ.

    Тиранска вечера Нема Албанци за предвремени избори?
    За други детали за средбата во Бела Вода (можеби имало и повеќе од една средба), во некоја друга прилика. За евентуалните намери на ВМРО-ДПМНЕ подиректно и поотворено да го поддржи планот на Заев – евентуално и со одлука на Извршниот комитет на опозициската партија – многу е важна проценката дали Заев самиот, со елиминација на ДУИ и на Али Ахмети, може да обезбеди доволно сдсмовски и албански пратенички гласови за изгласување недоверба на владата на Ковачевски.

    Ризикот на оваа проверка Заев, нормално, ќе посака да му го препушти на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Дознаваме дека Заев ќе се обиде да го мотивира Христијан Мицкоски да поднесе интерпелација за владата на Димитар Ковачевски. Можеби веќе и го сторил тоа. Струмичанецот нема што да изгуби. Не ни е познато како одговорил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Како што веќе напишавме во објавата на 31 декември, Плусинфо доби потврда од високо позициониран извор во албанскиот политички блок, кој вели дека во неговата партија за настапот на Заев на Бихаќка дознале пред десетина дена, што ќе рече веднаш по одржувањето на состанокот на раководствто на СДСМ. Изворот смета дека планот на Заев е во целосна координација со некои структури во албанските политички партии.

    По средбата на албанските првенци од Македонија со албанскиот премиер Еди Рама пред два дена во Тирана (сите без Беса на Билал Касами), Плусинфо го праша изворот дали некоја од партиите застапени на вечерата кај Рама се изјаснила за предвремени избори.

    – Не. Сите се изјаснија дека се против предвремени избори. Сите внатрешни недоразбирања внатре во партиите и на поширок план можат да се надминат со дијалог и со соодветни политички решенија. Но, Северна Македонија има важни приоритети поврзани со евроагендата и предвремените избори не се решение за исполнување на тие приоритети. Во тој дух се разговараше на средбата со Рама – вели нашиот извор.

    Ден по вечерата во Тирана во Македонија допатува советникот на Стејт департментот Дерек Шоле. Иако на средбата со Ковачевски се разговарало за борбата против корупцијата – во неколку изјави на американски официјални личности оваа тема е означена како топ приоритет за Македонија – се чини дека детално не било претресено прашањето на политичките прилики во Македонија. И има логично објаснување зошто е тоа така. Клучни на агендата на Шоле беа разговорите во Белград и во Приштина, а за политичката криза што се обидува да ја наметне Заев битен човек од Вашингтон веќе разговарал и со Ковачевски и со Струмичанецот.

    Истраги, дискредитации… Позициите на Заев слабеат

    Значи, да го сумираме до сега остварените резултати на иницијатива на Зоран Заев, шансите за остварување на неговиот пеколен план соопштен на 21 декември и осуетен десеттина дена подоцна:

    Заев не е ни блиску до шансата да обедини 61 глас во парламентот за изгласување недоверба на владата на Ковачевски и за распишување предвремени избори. Дури и да ја има целосната поддршка од Христијан Мицкоски, Струмичанецот нема доволно гласови на пратеници Албанци, а големо прашање е дали ги има гласовите на Левица, но и на Беса. Дополнително, поранешниот лидер нема поддршка од 6-7 пратеници на СДСМ. Дури и да ги има симпатиите од неколкумина, актуелното водство на неговата партија и странците на „сомнителните“ пратеници ќе им „помогнат“ да ја видат поголемата слика и ризиците што ги носи за нивната партија, но и за нив самите, евентуалното паѓање на Владата.
    За волја на вистината, засега се мали и шансите за формирање на т.н. проевропска коалиција, во која би влегле сите партии предводени од СДСМ на Ковачевски, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Очекувањата една ваква коалиција да обезбеди двотретинско мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот се далеку од реалноста.
    Не се за потценување, се разбира, но не треба и да се преценат шансите на Зоран Заев да оствари, мнозинство во Централниот одбор на партијата. Маричиќ, на пример, во изјава за порталот 360 Степени, проценува дека претседателот Ковачевски ја има целосната поддршка од целото раководство на партијата. Да го додадеме и тоа дека Маричиќ оценува дека делење на власта со ВМРО-ДПМНЕ, без ДУИ, по брзи избори кои би се случиле напролет, е „нефункционална и непрактична идеја“.
    Оливер Спасовски исто така е категоричен: „Сакам децидно да кажам дека оваа Влада ќе опстои до крајот на мандатот 2024 година. Лично јас, како човек кој долги години е во СДСМ и на силни и високи позиции, ќе направам сѐ да се сочува единството во партијата, да зајакне партијата и повторно промовирајќи ги тие вредности за кои што се залагавме во целиот овој период, да продолжиме напорно да работиме за реализација на значајни стратешки цели“.
    Не треба да биде изненадување ако наскоро уште најмалку двајца функционери на високи позиции во СДСМ се изјаснат со поддршка за Ковачевски и за единството во партијата. Што и да значи тоа.
    Од друга страна, комуникацијата меѓу Заев и Ковачевски е целосно прекината и нема нови иницијативи за помирување. Но, затоа, пак, деновиве се води грчевита битка на теренот за секој глас во Централниот одбор на партијата. Седницата на ова тело се очекува кон крајот на месецот.
    Мицкоски набрзо ќе разбере дека евентуалниот сојуз со Заев нема да му донесе предвремени избори. Извор на Плусинфо, добро брифиран од странски дипломати во Скопје, вели дека меѓународниот фактор иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори ја смета за легитимна, но обидот таа да се оствари во рамките на пучистичкиот план на Заев ја сведува на заговор без изгледни шанси за успех.
    Односите меѓу Зоран Заев и албанските политички партии се многу сериозно нарушени. Ден пред средбата на албанските првенци со Рама во Тирана, албанската телевизија Ора објави сторија за постоење прислушувани разговори кои наводно покажуваат дека високи функционери во Македонија директно интервенирале за да ја направат неуспешна операцијата за битка против шверц со наркотици преземена од странски агенции. Централен лик на овој скандал е Трајче Заев, братучед на поранешниот премиер Зоран Заев.
    Упатените велат дека ова би можело да биде само почеток на една пожестока кампања на јавни дискредитации на Заеви во албанските медиуми, како одговор на Зорановите планови да ја елиминира ДУИ, а Албанците во Владата да ги сведе на 25 отсто.
    Зоран Заев наскоро би можел да се соочи и со осипување на своите приврзаници, кои засега безрезервно го поддржуваат. Така, на пример, се шпекулира дека во Државната комисија за спречување на корупцијата веќе подолго во фиока е закопан случај на функционер од поранешната влада на Заев, инволвиран во корупциски скандал тежок неколку милиони евра. По редот на нештата, тој случај треба да го преземе надлежното Јавно обвинителство и да поведе истрага. Се проценува дека тоа би можело да биде причина Заев да изгуби еден од своите сегашни најверни соработници.
    Во кулоарите се шпекулира дека во рамките на долго најавуваната кампања за борба против корупцијата, наскоро би можело да биде поведена истрага за уште еден голем мега-предмет, поврзан со „Скопје 2014“. Претпоставките се дека прв на листата за отстрел повторно ќе биде поранешниот премиер Никола Груевски, но тој е во политички азил. Проблемот е што на листата на лица за кои би можела да се поведе истрага и евентуално да се подигне обвинение се и луѓе од актуелното опкружување на Христијан Мицкоски.
    Заев веќе ги губи, а и понатаму ќе ги губи своите инсталации во извршната власт и во правосудството. Стара е приказната дека Заев бил бесен што генералниот секретар Зечевиќ наводно успеал да го протурка несудениот „бранковист“ Заре Милошевски за директор на Агенцијата за национална безбедност и уште побесен што Али Ахмети ставил рака врз водечкото место во Основното јавно обвинителство за гонење организирал криминал и корупција. Фаворитите на Заев за овие две позиции испаднале од игра. Вчера е соопштено дека и поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, практично спакуван во куфери и кинисан на амбасадорување во Париз, отпаѓа од игра и на негово место најверојатно ќе замине кариерниот дипломат Пајо Авировиќ. Уште еден удар врз Заев, овој пат можеби од предвидениот за елиминација Стево Пендаровски.
    Самоелиминација Заев покажа дека нема иднина во политиката

    После долги години поминати во политиката, на локално и на централно ниво, наспроти фактот што во петте години додека беше премиер направи компромиси со кои успеа земјата да ја внесе во НАТО и да заработи силна поддршка од меѓународниот фактор, Заев деновиве ги преживува своите најлоши денови. Се надеваме дека на приватен план е многу подобро, бидејќи како „општественик“ тој покажува неверојатно ниско ниво на познавање на принципите и правилата во политиката.

    Навистина не е јасно како било можно Заев да помисли да седне со една Радмила Шеќеринска (во многу муабети неосновано обвинувана дека е мој брифер, што е далеку од вистината) и да ја убедува дека постојат причини поради кои СДСМ мора да коалицира со ВМРО и да ја елиминира победничката партија, при што Левица наводно би изгубила влијание. Во чија глава ли се родила оваа анализа? Кој го смислил неверојатно глупавиот план?

    Човек којшто долго бил лидер на СДСМ и премиер, би требало да научи дека ниту една од трите повеќепартиски влади формирани во овие три децении независна Македонија – Кљусевата, Рамковната и Пржинската – не била плод на политичко коалицирање или последица на изборен резултат, туку сите се креирани со идеја земјата да се спаси од длабоки политички и безбедносни кризи. Ниту една од тие три влади не е направена по пат на елиминации, туку по пат на концентрација на политичките сили. И секако, ниту една не траела 8 години.

    Од каде го црпнал својот план Зоран Заев, не се знае. Како и да е, со самото постоење на тој план, овој човек дефинитивно се елиминира себеси како актуелен или иден релевантен фактор во македонската политика. Откако ќе ги употреби сите средства да им се одмазди и да им го загорчи животот на оние што го осуетија и го отфрлија тој план, Заев и самиот тоа ќе го разбере.

    ДВЕ ВИН-ВИН ПРАШАЊА ЗА ОЛИВЕРА ТРАЈКОВСКА И ЗА ПЕТАР АРСОВСКИ

    Синоќа (12 јануари) се емитуваше емисијата „Вин-Вин“, во која гости на Оливера Трајковска беа Васко Наумовски, вицемремиер од 2008 до 2011 година и аналитичарот Петар Арсовски. Голем дел од емисијата беше посветен на планот на Заев што го осуети Плусинфо.

    Со должно внимание кон Плусинфо и кон историјата на овој медиум на лиферување кредибилни информации (оценка на Васко Наумовски), тројцата соговорници направија многу интересна анализа на овој план, којшто водителката го означи како хипотетички, а сценариото како шпекулативно.

    Со препорака да ја погледнете емисијата, а разбирајќи ја непријатноста кога станува збор за дебатирање за „хипотетички“ планови и ситуации, како и со цел да им помогнам да ги утврдат фактите, за драгата колешка Оливера Трајковска и за мојот пријател Предраг Арсовски имам по едно прашање:

    Драга Оливера, тешко ми е да поверувам дека новинар од ваш калибар не може на три релевантни адреси да собере точни информации за наводите што ги изнесувам во моите написи. Доколку тоа сепак претставува некаква тешкотија, дали би сакале во директна комуникација да ви посочам три извори преку кои можете точно и прецизно да утврдите што е што?
    Драг Петар, во првиот напис на оваа тема спомнав дека на состанокот на 21 декември во седиштето на Бихаќка присуствувал и еден политички аналитичар, кој презентирал анкета за рејтинзите на политичките партиите. Дали можеби знаете кој е тој аналитичар?

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img