More

    Зошто ЕСМ купува поскап гас од оној што се нуди на берзата?

    spot_img

    Зошто ЕСМ купува поскап гас од оној што се нуди на берзата?

    Експерти велат дека тоа е последица на политиката на владата, а не на некакви јаки економски прогнози и очекувања. Државната каса, граѓаните и компаниите ќе останат посиромашни за неколку милиони евра, бидејќи тие ќе го платат цехот за оваа политика.

    Од друга страна, ЕСМ и Владата се правдаат дека е избрана најдобрата опција која е во прилог на заштита на граѓаните од подрастичен ценовен удар, поради непредвидливоста на берзите.

    Кој ќарува?

    Цената на гасот на светските берзи во моментов е 60 евра за мегаватчас и е драстично пониска од фиксната цена што државава ѝ ја плаќа на бугарската компанија „Балкан јутилитис“ за овој месец – 98 евра за мегаватчас. Цената на берзите беше пониска и од целата по која ЕСМ купуваше гас во јануари. Цените на гасот последните месеци во Европа паднаа повеќе од 45 отсто, а во споредба со максимумите прикажани во август, тие паднаа речиси 5 пати.

    Професорот Константин Димитров вели дека за ваквата состојба нема економска логика, бидејќи сè се сведува на политиката што ја води владата, а која се пресликува во одлуките на ЕСМ како државна компанија.

    – Можеби таа политика е добра за некои избрани поединци, но не е добра за државата, за граѓаните и за компаниите. Не навлегувам кои се причините за таа политика, за што има и шпекулации и многу шеги. Но, треба да го земеме мислењето на македонската компанија која се откажа од учеството на тендерот. Таа тврди дека на тендерот се поставени сомнителни услови и е донесена лоша одлука, која испумпала милионски суми од буџетот. Тоа упатува дека тука има повеќе политика од економија. Факт е дека сега се плаќа повисока цена од онаа на берзите – вели Димитров.

    И професорот Здравко Савески смета дека состојбата според која земјава купува поскап гас од оној кој се нуди на берзата е во прилог на крупниот капитал кој го поддржува владата.

    – Секогаш е добро да се тргне од цената на производот на светските берзи. Цената на гасот е во значително опаѓање поради благата зима, не само кај нас туку и во Европа. Тоа значи дека, во принцип, цената на гасот и кај нас треба да се намалува, а не да се зголемува. Оваа владина мерка е во серија на последователни мерки кои одат во прилог на крупниот капитал и на штета на граѓаните и на компаниите. Преку неа се одлеваат пари од Буџетот – предупредува Савески.

    Американскиот гас ќе биде уште поскап

    Според него, во иднина земјава ќе плаќа многу поскап гас, бидејќи нејзините геостратешки партнери инсистираат да набавува американски течен гас (ЛНГ) преку гасниот терминал во Грција, во кој вложува и државава, бидејќи ЛНГ гасот во старт е многу поскап од гас што го продава Русија.– Цехот од геостратешките обвинувања на САД и Русија ќе го платиме ние и европските земји, преку многу повисока цена на гасот што ќе го набавуваме во иднина. Ние ќе бидеме принудени да купуваме поскап гас, само за да не биде гасот на нивниот непријател Русија – објаснува Савески.

    Ова го потврдуваат и зголемените испораки на течен гас во ЕУ и планот за испораки на руски гас во Европа, според кој годинава „Гаспром“ треба да испорача само 60 милијарди кубни метри гас. Во декември танкери донесоа рекордни 20 милијарди кубни метри ЛНГ во ЕУ.

    „Макпетрол“ сепак беше во право?

    Дека одлуката за фиксна цена на набавките на гас е понеповолна за земјава тврдеше и „Макпетрол“ уште при тендерот за снабдување во јануари. Компанијата се откажа од учество на тендерот за набавка на гас за февруари, но не го промени мислењето дека берзанската цена и во следниот период ќе оди надолу. Компанијата, како искусен трговец со енергенси, своите претпоставки ги базира на глобалните проценки за движењето на цените на енергенсите, па и на цената на гасот на берзите.

    Според компанијата, ЕСМ ќе поминеше со неколку милиони евра подобро во јануари, ако се придржуваше до основните пазарни услови на функционирање, односно, ако цената на гасот беше променлива и директно поврзана со цената на берзите. Компанијата најави дека за снабдувањето на нејзините редовни клиенти во февруари ќе обезбеди гас по цена пониска за најмалку 30 отсто споредено со цената во јануари.

    Дел од економистите, пак, велат дека можеби менаџментот на ЕСМ при одлуката за избор на компанија што ќе го снабдува со гас имал повеќе информации за случувањата, па донел најсоодветна одлука. Според нив, тешко е да се коментира врз основа на кои процени е донесена ваква одлука.

    И опозицијата го оцени тендерот за набавка на гас на ЕСМ како штетен за граѓаните и државата.

    Ковачевски се плаши од берзанските потреси

    Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски вчера изјави дека е избрана поповолна опција за граѓаните бидејќи берзите се непредвидливи, односно како што цената паѓа, така може брзо и да порасне, а кога тоа ќе се случело, нашите граѓани ќе биле заштитени.

    – Во моментот, да, се согласувам дека е пониска цената на берзата и има тенденција на паѓање, но да не заборавиме дека на берзите преку ноќ се случуваат енормни скокови на цената на природен гас. Ние тука сме заштитени, како државна компанија, не можеме да останеме отворени на пазарот и цената што ја плаќаат граѓаните во услови на криза некогаш да ја биде енормно повисока од тоа што треба – рече Ковачевски.

    Информациите за побарувачката на гас во Европа велат дека поради благата зима резервите на гас во европските земји се на ниво од 2012 година и нема услови за пораст на побарувачката и раст на цената на гасот. Европската унија во декември лани донесе механизам за ограничување на цената на гасот, кој се активира кога цената ќе достигне 180 евра по мегават час и 35 евра повеќе од референтната цена на течниот природен гас (ЛНГ) во период од три дена последователно. Одлуката стапува на сила на 15 февруари.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img