More

    Земјоделците и мелничарите најавуваат повисока цена на пченицата и на брашното

    spot_img

    Дали ќе имаме проблеми со обезбедување на леб годинава е неизвесно, но затоа пак е извесно дека ќе јадеме поскап леб. Цената на пченицата и пред жетвата секојдневно расте, а таа заедно со зголемените трошоци што и годинава ги имаат мелниците за струјата и за транспортот не ветува ниска цена на брашното.

    Пред претстојната жетва и земјоделците очекуваат повисока откупна цена на родот бидејќи и тие имаа повисоки трошоци за нејзино производство.

    Земјава и годинава ќе мора да увезува пченица толку колку што произведува, а дали овој производ ќе го има на пазарот е неизвесно, зашто голем број од производителите го намалуваат извозот, а најголемите извозници на пченица Украина и Русија се во војна.

    Министерството за земјоделство уверува дека нема да недостасува пченица и брашно, а за зголемување на домашното производство се има посебна стратегија на стимулирање на земјодлеците.

    Мелничарите велат дека не е можно да се влијае многу на цената на брашното во услови кога берзанската цена на пченицата бележи дневни растови и од 10 отсто, а цените на струјата и горивата исто така растат. И за трите производи не се најавуваат пониски цени до крајот на оваа и следната година.

    – Нема веќе евтино брашно и леб. Цената на пченицата само за еден ден по најавата на Индија дека го запира извозот порасна за 10 отсто и се искачи на 435 евра за тон. Цените на струјата и горивата исто така растат, а со тоа и нашите трошоци во работењето. Годинава очекуваме и земјоделците да бараат повисока цена на пченицата при откупот, бидејќи и тие имаат повисоки трошоци. Сето тоа придонесува да размислуваме за повисока цена на брашното, а со тоа и на лебот – вели Горан Малишиќ од Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

    Негова проценка е дека и годинава ќе треба да се увезе 80.000 до 100.000 тони пченица, бидејќи домашното производство и годинава е на ниво на ланското.

    – Мерките за зголемување на површините под пченица и подобрување на родот беа донесени доцна по жетвата и затоа и годинава очекуваме да се добијат приближно исти количини на пченица. Ние лани откупивме околу 80.000 тони домашна пченица и очекувам истите количини да ги откупиме и годинава во периодот од почетокот на жетвата до октомври. Остатокот од годишните потреби ќе биде увезен по берзански цени. Колку секоја од мелниците ќе треба да увезе зависи од нејзината финансиска моќ и плановите но ќе треба да се увезат некаде од 80.000 до 100.000 тони пченица што е еднакво на ланскиот увоз. Двете цени на домашната и увезената пченица ќе влијаат на формирањето на цената на брашното, која со оглед на актуелните состојби нема да биде иста како моменталната туку ќе биде повисока – вели Малишиќ.

    Мелничарите не можат да кажат како ќе се одвива увозот на потребните количини на пченица за прехрана на населението, бидејќи тоа ќе зависи од земјите поголеми производители на пченица кои прво ќе треба да ги задоволат своите потреби од лебното жито, па потоа да дозволат извоз. Тоа значи дека е можно и да има недостиг во одделни периоди.

    – Државата не може многу да придонесе за увозот на пченица бидејќи тоа ќе зависи и од финансиските можности на мелниците и дали ќе можат да ги поднесат високите берзански цени, но може да помогне со стимулативни мерки, односно со дополнителни субвенции како на земјоделците, така и на мелниците по продаден и купен килограм пченица. Со тоа би ги стимулирала земјоделците веќе на есен да засадат поголеми површини под пченица, а на мелниците би им помогнала во пребродување на финансиските проблеми кои ги имаат по неочекуваниот раст на цената на струјата и високата цена на пченицата на берзите – вели претседателот на Здружението на мелничко пекарската индустрија.

    Земјоделците годинава очекуваат пониски приноси кај пченицата поради временските услови, но и задоцнетото прихранување.

    – Би бил среќен да произведеме околу 80.000 тони пченица годинава, но временските услови и задоцнетото прихранување на пченицата, мислам дека нема да дозволат да се реализира тоа. Ќе имаме пониски приноси кај пченицата, а можеби ќе има и понизок квалитет – вели Пецо Стојановски претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

    Пред почетокот на жетвата земјоделците очекуваат реална откупна цена и поголема активност на инспекторите.

    – Откупната цена треба да биде далеку повисока од ланската бидејќи цената на пченицата секаде во светот порасна. За добар откуп очекуваме реална цена од најмалку 15 денари по килограм. Но тоа да се реализира во најдобар ред треба да ги имаме инспекторите на терен за да не се дозволи диви откупувачи да ја урнисаат цената, а легалните очекуваме барем годинава да не манипулираат со цената и да дадат реална цена. Откупувачите треба да бидат свесни дека треба да соработуваат со нас за да имаат доволни количини пченица од домашно производство, а не да работат против земјоделците – вели Стојановски.

    За зголемување на површините под пченица и подобар род, земјоделците бараат и подобри субвенции и добра откупна политика.

    – По завршување на жетвата ќе настапиме со нови барања за повисоки и поинакви субвенции. Треба да се има предвид дека земјоделците треба да знаат какви субвенции ќе добијат и дали ќе имаат добар откуп со реална цена, за да можат да планираат дали ќе сеат пченица наесен. Затоа предлагаме договор за субвенции пред стартот на сеидбата и субвенции пред почетокот на сеидбата и додека трае производниот циклус инаку нема да имаме посакувано производство на пченица. Државата треба да ги помогне земјоделците да ги издржат овие трошоци. Дополнително, откупната политика не треба да се остави да ја прават само трговците, туку во неа активно да учествуваат и Владата и земјоделците, а е потребно и подобрување на кооперативните односи земјоделец – мелници – вели Стојановски.

    За зголемување на производството на пченица Министерството за земјоделство направи неколку обиди тоа да го направи преку зголемување на субвенциите и воведување зелена нафта, но и да го нормализира откупот на пченица. Годинава иако задоцнето даде дополнителни субвенции преку интервентниот фонд за набавка на ѓубриво.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img