More

    Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) повеќе пати побара од Владата да им помогне во справувањето со енергетската и економската криза

    spot_img

    Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) повеќе пати побара од Владата да им помогне во справувањето со енергетската и економската криза, но засега оттаму добиваат празни ветувања и јалови средби, како и обвинувања дека општините нерационално и непотребно ги трошат нивните буџети.

    Според прогнозите на бројни аналитичари, како во светот, така и кај нас, економската криза која доведе до рекордна инфлација, особено во Македонија, како и енергетската криза што влијаеше значително на цената на електричната енергија им зададе главоболки на првите луѓе на општините кај нас.

    Затоа поставивме прашање во ЗЕЛС, дали и каков план за штедење подготвуваат со цел да не ги оптоварат своите буџети, а тоа да не се рефлектира врз граѓаните со зголемени цени на услугите кои им ги обезбедуваат општините.

    Оттаму нè информираат дека ефектите од енергетската криза, особено покачувањето на цената на електричната енергија се покажаа катастрофални за општините. Во таа насока, справувањето со овој предизвик беше една од најдискутираните теми на седниците на Управен одбор на ЗЕЛС од почетокот на оваа година, па до сега.

    – Голем број општини уште на почетокот на кризата беа соочени со еднострано раскинување на договорите, што по пат на спроведени постапки за јавни набавки тие ги имале склучено со лиценцирани снабдувачи на електрична енергија. Заради тоа тие беа принудени да користат струја што ја испорачува снабдувач со електрична енергија во краен случај, која се пресметува по пазарна цена зголемена за 50% по мерна единица потрошена електрична енергија. Ова доведе голем број на општини за изминатите месеци да добијат драстично зголемени сметки за струја (улично осветлување, за општинската зграда, за училиштата, градинките …) и тоа дури за пет – шест пати поголеми, во однос на оние од истиот период од 2020 /21 година – ни одговорија од ЗЕЛС.

    Според нив некои општини, особено помалите, реагираа дека само со две сметки за електрична струја ќе биде потрошен предвидениот буџет на општината за оваа намена (особено за уличното осветлување) што и во текот на изминативе месеци се потврди во пракса.

    – Па за плаќање на сметките се трошат средства од општинските буџети предвидени за други намени, а се почесто се изнесуваат и информации дека до крајот на годинава значителен број на општини во земјава ќе бидат финансиски исцрпени токму поради високите трошоци за електрична енергија, особено што во претходниот период финансиски беа исцрпени и од предизвиците со пандемијата со ковид-19 – посочуваат од Заедницата.

    Неколку пати од ЗЕЛС се обратиле до Владата на РСМ со предлог решенија за заемно решавање на овие предизвици. Потоа членови на Управниот одбор од ЗЕЛС имале средба со Премиерот на РСМ и одредени министри, но како што велат се останало на ветувања дека Владата ќе излезе со конкретни предлог модели за поддршка на општините.

    – Наспроти тоа, во континуитет следеа јавни обвинувања кон општините, па дури Регулаторна комисија за енергетика се дрзна и ги обвини општините дека се директни виновници за покачувањето на електричната енергија за домаќинствата, што апсолутно беше целосна дезинформација – реагираат од ЗЕЛС.

    Заедницата и понатаму смета дека за ова прашање мора да се преговара и да се продолжат разговорите со Владата и да се обезбеди поддршка.

    – Општините немаат финансиски средства за се справат со енергетската криза, а за тоа тие воопшто не се виновни. Затоа паралелно иницираме забрзување на продолжувањето на започнатите разговорите за драстични реформи во системот за финансирање на локалната самоуправа. „Козметички“, корекции што сега ни ги нуди Владата од типот на 0,5% годишно покачување на ДДВ во период од три години или 1% годишно зголемување на процентот од персоналниот данок, и што се содржани во предлог Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, (сè уште се во собраниска процедура) нема ни минимално да придонесат за финансиско подобрување, а камоли за финансиска независност на локалната власт во земјава – велат општинарите.

    Како втора работа што општините ја преземаат е интензивно насочување на имплементирање на проекти за користење на фотоволтаици.

    – Тоа беше и една од точките што ги понудивме во предлозите што и ги понудивме на Владата за справување со кризата, но досега немаме никаков одговор, освен што тогаш не посочија на користење на кредитите преку проекти чие имплементирање и во најдобри услови трае година – две па и повеќе. Затоа на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС беше договорено да се креираат неколку модели што потоа ќе им бидат доставени на сите општини за законските можности, процедурите, потребните документи и спроведувањето на целокупната постапка, како општината би можела преку фотоволтаици да произведува електрична енергија за покривање на сопствените потреби и за компензација со ЕВН за делот на уличното осветлување – велат од ЗЕЛС.

    Оттаму додаваат дека веќе е побарана средба со Централниот регистар и со Регулаторната комисија за енергетика, по што ќе се пристапи кон дефинирање на најдобрите модели за користење на фотоволтаици (преку јавно-приватно партнерство, преку Законот за јавни претпријатија, кога општината формира акционерско друштво за дејност која е во јавен интерес, или други начини). Точно утврдените модели, ќе им бидат доставени на сите општини да ги разгледаат и да утврдат што е најповолно за нив.

    – Се разбира дека дел од активностите на општините се и ребалансите на општинскиот буџет, но тоа се повеќе доведува до неможноста да се реализираат други потребни проекти што општината го предвидела во полза на обезбедување на поквалитетни услуги за граѓаните – заклучуваат од Здружението.

    Несомнено е дека следи сериозно оптоварување на општинските буџети, но и на буџетите на граѓаните, па поради тоа побаравме кој препорака ќе ја упати ЗЕЛС со граѓаните, но и што самите општини ќе преземат со цел полесно надминување на овие кризни месеци.

    – Препораката до граѓаните е да бидат што покооперативни во целата енергетска состојба со која се справува локалната власт, особено во делот на уличното осветлување, каде одредени обиди на некои општини да ги намалат трошоците, преку исклучување на одредени населени зони во ноќните часови, наиде на голем револт. Сето тоа се реализира во меѓусебен интерес, бидејќи помали сметки за општините значи повеќе реализирани проекти во полза на граѓаните – посочуваат од ЗЕЛС.

    Пред неколку дена Јавните претпријатија даватели на комунални услуги побараа помош од државата за справување со предизвиците од економската и енергетска криза. Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ) бара средба во Владата бидејќи оттаму велат дека кризата го доверува во прашање нормалното работење и обезбедување на комуналните услуги.

    – Поради енормниот раст на трошоците на струја, растот на цената на бензините, кој е речиси стопроцентен и инфлацијата чие ниво е алармантно имаме драматично зголемување на трошоците во нашето работење. Како претпријатија, даватели на комунални и водоводни услуги ние имаме обврска кон граѓаните да продолжиме да ги оствариме услугите на потребно ниво и покрај сите макроекономски предизвици со кои се соочуваме – рече претседателот на АДКОМ Пеце Милевски на прес-конференција пред Владата.

    Претседателот истакна дека цените на услугите кои Јавните претпријатија ги даваат на граѓаните се на исто ниво и покрај тоа што цената на струјата се покачи неколку пати.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img