More

    Експертите согласни – важно е младите да излезат од системот „тате носи, мама меси“!

    spot_img

    Лоши времиња доаѓаат, не знаеме како ќе се одвиваат работите во иднина, па добро би било нашата младина да биде психо-физички подготвена за да може да се одбрани себеси, да го заштити своето семејство и својата татковина.

    Вака безбедносните експерти го коментираат синоќешниот предлог на началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, кој побара да се врати задолжителниот тримесечен воен рок во земјава, со цел, како што наведе, да се оспособат доволно кадри за какви било можни ангажирања во случај на пожари, поплави, земјотреси…

    Безбедњаците со коишто разговаравме целосно ја прифаќаат идејата на Ѓурчиновски, иако, како што потенцираат, во ова модерно време терминот „воен рок“ прилично страшно звучи. Затоа, предлагаат тие, наместо воведување задолжително служење војска, подобро би било државата да организира работни акции, макар и минимално платени, во кои би учествувале млади лица од 18 до 26 години.

    Од друга страна, пак, претседателот Стево Пендаровски вели дека државниот врв не разгледувал враќање на задолжителниот воен рок, ниту, пак, таква можност е отворена за во иднина.

    – Република Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО. Укинувањето на обврската за задолжително служење на воен рок од 2006 година и целосната професионализација на Армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО – истакна шефот на државата и врховен командант на вооружените сили.

    Работна акција за сите млади

    Националниот координатор за гранично управување и поранешен шеф на военото разузнавање, Владимир Пивоваров, вели дека целосно го поддржува предлогот за воведување тримесечен воен рок во земјава, но стравува дека оваа идеја ќе наиде на силен отпор во општеството.

    Пивоваров: За време на работните акции сме добивале лепче и гравче за јадење, ама сме биле среќни и задоволни. Работевме напорно, не се мразевме, се дружевме, се склучуваа доживотни пријателства и доживотни љубови. Јас сум разочаран од денешнава младина, оти младите во Македонија го сакаат системот „тате носи, мама меси“.

    – Во 2002 година со тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски разгледувавме предлог за формирање резервен состав, а лицата кои ќе бидат во тој резервен состав да добиваат некаков минимален надоместок. Планирано беше тие лица да бидат тренирани за цивилна заштита и за укажување помош при разни непогоди. Плус, на тој начин би се кренал моралот кај младите, би се кренала борбената готовност, а многу лица ќе спасевме со тоа што ќе ги тргневме од улица. Затоа сметам дека и сегашниот предлог на генералот Ѓурчиновски е повеќе од добар. Погледнете ја Швајцарија, на пример, која е неутрална земја, а која има ваков систем и младите лица одат на воена обука. Гледате дека дојдоа лоши времиња. Гледате дека Русија ја нападна Украина. Не знаеме како понатаму ќе се одвиваат работите. Службите треба да имаат стратешки планови и проценки дали може да нѐ снајде најлошото, иако, никој жив на светов не процени дека Москва ќе го нападне Киев. Многу шефови на служби си поднесоа оставки поради лошите проценки за Украина, меѓутоа се случи тоа што се случи. Затоа, треба да бидеме претпазливи и подготвени на сѐ – објаснува Пивоваров за Плусинфо.

    Прашање е колку пари ќе ја чини државата ваквиот проект, вели тој, па предлага наместо задолжителен воен рок, во земјава да се воведат работни акции.

    – Треба да се направи анализа за тоа дали ќе има економска исплатливост, инаку проектот е многу добар. Јас како младинец учествував на 7-8 работни акции и можам да кажам дека ништо поубаво во животот не сум искусил. Зошто да не го направиме тоа сега во Македонија? Многу придобивки ќе добиеме и како народ и како земја. Точно е, за време на работните акции сме добивале лепче и гравче за јадење, ама сме биле среќни и задоволни. Работевме напорно, не се мразевме, се дружевме, се склучуваа доживотни пријателства и доживотни љубови. Јас сум разочаран од денешнава младина, оти младите во Македонија го сакаат системот „тате носи, мама меси“. Младите во земјава сакаат сѐ да им е подготвено, па сигурен сум дека ваквиот предлог ќе наиде на огромен отпор. Ќе изнајдат милион начини како да го искритикуваат ваквиот предлог. Но, тука се политичките партии кои треба цврсто да застанат на нозе, да го прифатат предлогот и пратениците да го изгласаат во Собранието. Добро би било со консензус да помине ваквиот предлог, оти ќе има многу повеќе бенефити отколку негативни страни – објаснува Пивоваров.

    Не е сѐ розево во животот

    Професорот од Факултетот за безбедност, Борис Мургоски, во разговор за Плусинфо вели дека служењето војска ќе им помогне на младите да си ја проверат сопствената зрелост.

    – На времето се одеше на работни акции, најмалку еден месец. Добар е предлогот на генералот Ѓурчиновски за воведување задолжителен воен рок во земјава, иако сметам дека поголем и подобар ефект би имале ако се организираат работни акции. Социолошки гледано, добро би било оваа наша современа, модерна и мрзелива генерација да се поднавикне и да ги насочи своите психо-физички потенцијали кон нешто што ќе им донесе корист и ним и на државата. На овој начин младите ќе можат полесно да се осамостојуваат, а и своите квалитети ќе ги насочат во еден процес на дисциплинарно подобрување. На тој начин би ја охрабриле својата способност во насока на созревање, односно младите би научиле што всушност значи лична и поширока безбедност и самозаштита. И во таа смисла мислам дека ваквиот предлог е прилично добар, но треба да се направи проценка дали ќе има одѕив кај младината – вели Мургоски.

    Предлозите за враќање на воениот рок или за организирање работни акции никако не треба да се сфатат како нешто ретроградно, лошо или негативно, додава тој.

    – Ваквите предлози треба да се сфатат како давање можност на новите генерации да научат што значи ред, поредок и дисциплина. И тука нема ништо лошо. Станува збор за давање можност за проверка на сопствената зрелост на луѓето. Младите мора да сфатат дека работите не се розеви и мора да се навикнат на ред и поредок. Потребно е да се направи добар план и добро да се анализираат нештата. Треба да се донесе одлука дали би било подобро воениот рок или работните акции да бидат задолжителни. Треба да се донесат одлуки дали и какви поволности ќе добијат лицата кои поминале воен рок или работна акција. Дали овие лица ќе имаат предност при вработување во војската или во полицијата?! Во секој случај, го поддржувам предлогот на генералот – објаснува Мургоски.

    Каква е ситуацијата низ Европа?

    Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Австрија, Швајцарија, Литванија, Естонија, Русија, Белорусија, Украина, Грција, Турција и Кипар сѐ уште имаат задолжителна воена служба во Европа.

    Молдавија неодамна одлучи да го укине воениот рок, додека граѓаните на Австрија и на Швајцарија на референдум ја отфрлија таквата идеја.

    Некои земји од НАТО го укинаа, па повторно го вратија воениот рок. Поточно, Литванија ја укина таа обврска во 2007 година, но ја обнови осум години подоцна и постои голем интерес за воена служба поради страв од можен напад од Русија.

    Во Финска, служењето воен рок е задолжително за работоспособните мажи, додека жените служат доброволно. Воената служба трае од 165 до 347 дена, во зависност од специјалноста, додека околу 20 проценти од Финците служат 11 месеци во цивилната служба.

    Швеѓаните го укинаа воениот рок во 2010 година, но повторно го воведоа во 2018 година. Од околу 90.000 млади мажи и жени кои стануваат полнолетни секоја година, армијата регрутира околу 13.000 и поканува околу 4.000 од физички и психички најспособните да продолжат да служат во војската, додека останатите немаат никакви обврски. Воената служба трае од четири до 12 месеци.

    Во Норвешка, доброволно се отслужуваат шест, 12 или 18 месеци, така што сите полнолетни момчиња и девојчиња се регрутираат, а оние што изразиле подготвеност за такво нешто, се повикани во војската. Момчињата и девојчињата се еднакви во правата и обврските, а по истекот на рокот, државата им дава одредени привилегии во школувањето или вработувањето.

    Естонија никогаш не го укинала воениот рок и тамошната воена обврска трае од осум до 11 месеци.

    Швајцарците со огромно мнозинство во 2013 година, на референдум одбија да ја укинат општата воена служба, а регрутите кои не сакаат да служат плаќаат данок од три проценти од годишната плата до 37-годишна возраст.

    Во Австрија, воената служба трае шест месеци, а нешто повеќе од половина од регрутите одлучуваат да служат во вооружени единици, додека останатите извршуваат цивилна служба.

    Последната класа во Македонија

    Парламентарната иницијатива за укинување на воениот рок во Македонија започна во 2005 година, а последната класа која служеше војска е од 2006 година.

    Таа иницијатива потекна од парламентарните партии и беше изгласана во македонското Собрание со цел создавање мала професионална и модернизирана армија според стандардите на НАТО.

    Тоа се случи во екот на реформите во одбраната со аспирација за што побрзо членство во Алијансата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img