More

    Допрва ќе се влечат најважните потези во корист на МПЦ-ОА

    spot_img

    Вчерашната историска одлука на Српската православна црква (СПЦ) да ја врати Македонската православна црква (МПЦ-ОА) во литургиско единство и да ја извлече од долгогодишниот раскол не е конечна одлука, туку само најава за нешто големо кое треба да се случи во текот на следните денови додека се одржува Соборот на СПЦ во Белград.

    Ова за Плусинфо го тврдат високи црковни извори кои појаснуваат дека одлуката за признавање на општопризнатиот автономен статус на МПЦ-ОА доделен во 1959 година е резултат на саботното молбено писмо што го испратил Синодот на МПЦ-ОА до СПЦ.

    Нашите соговорници посочуваат дека воопшто не се оправдани, ниту, пак, добронамерни, жестоките критики на дел од македонската јавност која неоправдано смета дека потегот на СПЦ всушност претставува „тројански коњ“ и назадување за МПЦ-ОА, бидејќи, како што објаснуваат, бидувањето автономна црква на макар и два дена е задолжителен дел од постапката која води до добивање автокефален статус.

    – МПЦ-ОА во саботата испратила молба до Соборот на СПЦ, која вчера се прочита пред цел Собор, а со која моли да биде вратена во состојбата до 1959 година. На Соборот ја прифативме молбата да ги вратиме во литургиско и канонско единство како до 1959 година и отсега па натаму ќе се решаваат административните прашања – брифираше за Плусинфо владика кој е дел од Соборот на СПЦ.

    Молкот на МПЦ-ОА е добар знак

    Според нашите соговорници, молкот на владиците на МПЦ-ОА по вчерашната одлука на СПЦ е само резултат на она што допрва треба да следува.

    – Штом постои писмен акт, односно било испратено писмо со молба од МПЦ-ОА до СПЦ, и штом првата одлука за извлекување од расколот се носи на првиот ден на Соборот на СПЦ, тогаш треба да очекуваме други многу поважни одлуки да се носат во следните денови, сѐ додека трае Соборот. Постои голема веројатност МПЦ-ОА и СПЦ веќе да се имаат тајно договорено за доделување автокефалност, но процедурата вели дека за да се дојде до автокефалија мора претходно да се помине преку автономија. Доволни се и само два дена, не мора тоа да трае со месеци или со години. Ова не е легализација на дивоградба, туку враќање на една православна црква во единството. И затоа мора да постои ред и да се почитуваат правилата. Но, штом СПЦ донесе толку важна одлука уште рано наутро на првиот ден на Соборот, тогаш треба да очекуваме и други одлуки. Затоа и молкот на МПЦ-ОА е добар знак. Македонските владици чекаат да се реализираат договорените втор и трет чекор, па тие тогаш да излезат со официјално соопштение. Ако вчерашната одлука беше крајниот исход, тогаш Синодот на МПЦ-ОА ќе излезеше вчера со официјален став и ќе го бранеше крајниот исход. Затоа, да почекаме, оти очигледно се наоѓаме на самиот почеток, а не на крајот – објаснуваат нашите соговорници.

    Злонамерни критики

    Во однос со преговорите со Вселенската патријаршија, нашите извори уште еднаш ја потенцираат реченицата од неодамнешното соопштение од Цариград, којашто голем дел од македонските медиуми, намерно или случајно, ја беа прескокнаа и не ја пренесоа, а која е суштествена и која гласи: „Ве враќаме во канонското единство, но оставаме проблемот да си го решите со СПЦ“.

    – Цариград имаше решение дека ја отстранува шизмата на црквата којашто не ја нарекува по име, а архиепископот г.г. Стефан не го нарекува по титула. Значи, не се знае г.г. Стефан на која црква е архиепископ, а и не се знае името на црквата на којашто тој е архиепископ. Вселенскиот патријарх јасно ни наведе дека ја отстранува шизмата, но сите проблеми да си ги решиме со СПЦ. Тоа во превод значи дека МПЦ-ОА нема друг избор, односно со Цариград веќе е донесена одлука дека решението треба да се бара во Белград. Затоа, паѓаат во вода сите жестоки критики од новинари, црковни аналитичари и експерти. Сите тие реакции се злонамерни и таквиот став не е во интерес на македонскиот народ и очигледно таквите напади се одвиваат под нечиј надворешен диктат. Прво, не постои друго решение. Цариград јасно ни соопшти дека решението е во СПЦ. Второ, Цариград вели дека црквата од Скопје не смее да делува надвор од рамките на Македонија и дека таа црква не смее да се нарекува со име коешто во себе го користи зборот „Македонија“. Критичарите нека им објаснат на луѓето колку е добро да имаме црква, а да не смееме да се нарекуваме со „тоа на М“. Исто така, во истата одлука на Цариград е наведено дека Македонската црква ќе може само да делува во границите на Македонија. Тоа значи дека МПЦ-ОА ќе ја загуби дијаспората. Од друга страна, пак, во вчерашното соопштение од СПЦ можете јасно да прочитате дека СПЦ нема да ѝ поставува услови на МПЦ-ОА во однос на именувањето и во однос на дијаспората – велат изворите.

    Москва нема ништо против

    Во вчерашното соопштение на СПЦ се посочува и дека одлуката се носи врз основа на акт на Синодот на МПЦ-ОА, со кој се прифаќа автономен канонски статус доделен од страна на Соборот на Српската православна црква во 1959 година.

    По одлуката на Соборот на СПЦ, се огласи заменик-претседателот на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов, кој изјави дека Руската православна црква (РПЦ) ја поздравува одлуката на Српската црква да го обнови канонското општење со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, додавајќи дека тоа претставува „надминување на половина век стариот црковен раскол“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img