More

    Добра инвестиција, ама долга процедура за реализација

    spot_img

    Ако сака државата да го забрза процесот на поставување фотоволтаици кај домаќинствата ќе мора да размисли за олеснување на процедурите кои треба да се исполнат. Ако, пак, се успее да се произведе дури и мал процент на струја од овој проект, е добро во даденава состојба, велат експерти.

    Според нив, проектот е добар, но многу доцна почнаа да се олеснуваат процедурите за домаќинствата и за малите бизниси, па од процесот нема многу да се види годинава.

    – Пожелно е граѓаните кои можат да поднесат ваква инвестиција да постават фотоволтаици на објектите. Тоа важи и за фирмите. Но, процесот е почнат доцна и не може да се очекува голем удел на оваа струја во вкупните државни количини. Знаете, преку ноќ ништо не може да се постигне. Сѐ зависи од тоа какви и колкави се административните пречки, но и од капацитетот и кадарот на фирмите кои ги поставуваат фотоволтаиците. Таму работат мал број луѓе. Дали тие ќе бидат способни до зимата да постават голем број вакви електрани? Сепак, мислам дека и 1 или 2 отсто да се произведе струја од вакви електрани е од корист во сегашната ситуација – вели професорот Ристо Цицонков.

    Експертите вклучени во процесот сметаат дека дел од она што се бара од домаќинствата е многу сложено и чини многу. Според нив, излишно е на домаќинствата да им се бараат дозволи за градба за поставување фотоволтаици на сопствен објект, но затоа, пак, за обезбедување некаква сигурност би требало да се бара некаква процена на статиката на покривната конструкција и електриката што ја поседува објектот.

    – Процедурите за добивање дозвола за градба од општините се долги и го успоруваат процесот, а граѓаните  ги поставуваат фотоволтаиците на сопствена куќа. Но ако се бара некаква сигурност тогаш општините или некое друго државно тело треба да воспостават систем на проверка на статиката на покривот која ќе се реализира за 3 дена и нема да ги чини многу граѓаните. Да речам, некоја оптимална цена би била 1.500 денари. Доколку, сепак, се бара да се изготви елаборат што е потребен за вклучување во мрежата тој би требало да биде поевтин од она што сега се бара, околу 2000 евра. Поднослива цена би била на пример 500 евра. Инаку сегашните трошоци во старт ја зголемуваат инвестицијата за повеќе 2.000 евра. Ако таа чини 6.000 евра со овие трошоци би се искачила на 8.000 евра – вели Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“.

    Тој се залага државата да му наложи на ЕВН како универзален снабдувач со струја да ги промени на своја сметка и струјомерите, бидејќи како што вели, ако тоа се прави на сметка на домаќинствата, инвестицијата во фотоволтаици за граѓаните би била повисока за најмалку уште 500 евра.

    – Треба со закон да се бара универзалниот снабдувач со струја сите броила да ги пренасочи на сопствена сметка, односно да постави двонасочни броила, под претпоставка граѓаните во иднина да имаат поголем интерес да произведуваат струја за сопствените потреби а вишокот да го предаваат во системот – вели Ненов.

    Тој додава дека инвестицијата е добра за граѓаните и во идеални услови се враќа за најмалку 5 години.

    Владата ги промени правилата за поставување фотоволтаици кај домаќинствата со што дозволи тие да можат да произведуваат струја до 6 киловати со можност да ја продаваат струјата на универзалниот или друг снабдувач со струја. Неодамна, Регулаторната комисија за енергетика за да го стимулира процесот ја укина мрежарината која треба да ја плаќаат домаќинствата кои произведуваат вишок струја.

    – Регулаторната комисија за енергетика пристапи кон промена на тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија со една единствена цел, бидејќи домаќинствата сега ќе продаваат и на ЕВН ХОМЕ, веќе за произведената електрична енергија нема да имаат обврска да плаќаат мрежарина, и на тој начин ќе заштедат многу средства. На тој начин домаќинствата треба да се мотивираат да поставуваат фотоволтаици на своите кровови, и на тој начин да ја намалиме увозната зависност од електрична енергија. Иако, навидум 6 киловати се многу малку, но да речеме дека 10.000 домаќинства да постават по 6 киловати тоа се 60 мегавати, тоа е како една поголема хидроцентрала во Македонија. Тоа пред сè ќе помогне на домаќинствата и на целокупниот електроенергетски систем во државата – рекоа тогаш од РКЕ.

    Но, и покрај ова, сложените процедури кои треба да се исполнат пред да се постават фотоволтаици на сопствен објект останаа и натаму, како и главниот проблем – обезбедувањето одобренија за градба.

    Најавено е дека ќе се поедностават процедурите, но досега нема никави поместувања во однос на тоа.

    За да можат граѓаните да се ослободат од добивање дозвола за градење треба да се промени законот за градење, за што треба да дадат зелено светло пратениците. Промени на законот и сега има во собраниска процедура, но чекаат повеќе од една година на дискусија и гласање.

    Го прашавме Министерството за транспорт и врски дали се во процедура такви измени на законот за градба, но не добивме одговор. Засега нема предлог и од Регулаторната комисија за енергетика за нови олеснувања на процедурите за поставување фотоволтаици кај домаќинствата и малите бизниси, иако бизнис заедницата бара забрзување на постапките за да може да се фати зимата.

    Но, и да се направат брзи промени на законот за градење во тој дел, сепак, за граѓаните останува обврската да подготват проект за поставување фотоволтаици и да обезбедат надзор.

    Дополнително треба да обезбедат и друга документација која е потребна, ако одлучат да продаваат дел од струјата што ќе ја произведат.

    Сето ова значи дека процесот на поставување фотоволтаици и годинава ќе се одвива по старо, а за наредната сѐ ќе зависи од желбата на државата да го забрза процесот за зголемување на производството на струја и преку овој начин.

    Експертите очекуваат оваа зима да биде критична бидејќи цената на енергенсите ќе продолжи да расте, а можни се и проблеми во производството.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img