More

    Дали политичката криза во Бугарија ќе се прелее во Македонија?

    spot_img

    Приведувањето на поранешниот премиер Бојко Борисов заедно со неговите блиски прврзаници од партијата ГЕРБ, од страна на бугарската полиција, за момент ги подгреа надежите на Бугарите дека новата власт во земјата е решена да се стави во костец со корупцијата. Сепак, Борисов и неговите соработници екпресно беа пуштени на слобода, без притоа да биде покренато обвинение против нив.

    По овие настани се поставува прашањето, дали Владата на актуелниот премиер Кирил Петков со ова претрпе непоправлива штета, која би можела да се одрази и врз стабилноста на владејачката коалиција?

    Бугарскиот аналитичар Даниел Симев, во неговата анализа во врска со последните случувања во Бугарија, смета дека Петков си постигнал автогол.

    „Апсењето или притворањето на Бојко Борисов и неговите „соборци“ заврши со брзо ослободување и медиумска можност ГЕРБ да ја преземе улогата на жртви и демонстранти. На прв поглед, акцијата повеќе се покажа како автогол на премиерот Кирил Петков и министерот за внатрешни работи Бојко Рашков“, напиша Симев.

    Гавран на гавранот око не вади

    Лидерот на ОМО Илинден, организацијата на Македонците во Бугарија, Стојко Стојков, вели дека Бугарија е рекордер по прашањето на нерешени коруптивни случаи и не верува дека такво нешто ќе се случи сега, кога на ред дојдоа сомнителните зделки на Бојко Борисов.

    – Во Бугарија по правило не се судат поранешни министри, во тоа Бугарија е рекордер, не сум сигурен дали воопшто некој министер бил испратен во затвор последните 25 години. Има нешто како преќутен договор по принципот „гавран на гавранот око не вади“. Така што ако притисокот против корумпираната политичка класа (т.е. целата политичка класа) продолжи – власта може и да падне – вели Стојков во изјавата дадена за Плусинфо.

    Поранешниот македонски амбасадор во Република Бугарија, Марјан Ѓорчев, за Плусинфо изјави дека владата и обвинителството воопшто не соработуваат, па затоа во моментов Борисов може да се чувствува безбеден од обвинение.

    – Неодложното задржување на Бојко Борисов во еднодневен притвор од страна на полициските органи, по добиена информација за изнудување на непознато лице, беше изведено без соработка со бугарското државно обвинителство. Самиот чин на сведоштво на актуелниот бугарски премиер Петков, за конкретниот предмет за “наводно” изнудување, упатува дека бугарската влада, поточно МВР на Р.Бугарија не соработува со бугарското државно обвинителство. Изборот на државниот обвинител Гешев пред две и пол години, беше придружен со жестоки дебати во бугарското општество,за постапката и начинот на којшто беше избран. Јавна тајна е дека Борисов стоеше зад изборот на Гешев.  Несоработката на бугарското државно обвинтелство или поточно, бојкотот на полициската истрага спроведена по сомнежите за изнудување на непознато лице од страна на Борисов, укажува на сериозен и длабок институционален проблем во бугарската држава.Епилогот е јасен. Или ќе падне владата на Петков, или ќе биде сменет државниот обвинител Гешев.  Со паѓањето на Гешев, сосем извесно е дека Борисов ќе биде соочен со сериозни обвинененија за криминал и корупција. Бугарската влада за таа цел, ќе ја (зло)употреби и европската обвинителка Ковеси – вели Ѓорчев.

    Тој не ја исклучува можноста во Бугарија да бидат покренати масовни протести, на структурите незадоволно од начинот на кој владата се спавува со корупцијата. Тоа би можело да доведе, смета Ѓорчев, до разидување на колаициските партнери и распишување на нови парламентарни избори.

    Нови преговарачки пакети?

    Што се однесува, пак, до преговорите со Македонија, односно дали потресите што владеењето на Петков ги преживува во моментов, на некој начин ќе се одразат и врз односите со нашата земја, нашите соговорници сметаат дека се мали шансите за тоа, иако не ја исклучуваат можноста за радикализација на бугарските побарувања.

    – Политичката нестабилност во бугарската држава, нема да има никакво влијание на односот кон Република Македонија. Едноставно, сите политички субјекти во Бугарија се единствени во ставот, дека македонските институции се виновни што не се исполнува ДПДС (Договорот за пријателство,соработка и добрососедство). Тоа е главниот повод за бугарското вето, за отпочнување на нашиот преговарачки процес со Унијата. Причините се многу подлабоки и имаат свои историски, економски, политички, културни и демографски корени. Дури може да се случи во услови на политичката нестабилност, да се влоши бугарската поддршка за нашиот европски пат, со вметнувања на непринципиелни барања и понуда од бугарска страна на нови “преговарачки пакети”, коишто барем јас не верувам дека ќе бидат прифатливи за нашата држава – додаде Ѓорчев.

    Стојков, чија организација со години се бори да биде регистрирана во Бугарија, има одличен увид во односот што бугарските политички субјекти го споделуваат кон Македонија. Тој вели дека односот на Софија кон Скопје може да остане ист, што според него значи лошо или, пак, да стане уште полош.

    – Овде има нешто како генерален антимакедонски консензус меѓу партиите и се имаат создадено силно антимакедонски настроенија кај народот, кој очекува победа на бугарската националистичка агенда над Македонија, затоа по своја волја никоја влада нема да е наклонета на разумен компромис. Верзиите се меѓу лошо и полошо. Бугарските влади ќе одат до таму до каде ќе им биде можно, колку повеќе толку подобро за нив. За тоа сметам дека поважни фактори се јавуваат европскиот и американскиот интерес и притисок, како и рбетот на македонската влада – вели Стојков.

    Дека навистина е можно Македонија да се соочи со поостра реторика во преговорите со Бугарија, денеска навести и премиерот Петков, кој нагласи дека Македонија нема да добие „зелено светло“ за отпочнувањето на преговорите со ЕУ, сè додека Бугарите не станат дел од Уставот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img