More

    Граѓаните ги плашат новите цени и можниот недостиг на храна

    spot_img

    Продавниците се празнат од масло за јадење и брашно по информациите дека истите производи во некои земји имаат драстично зголемени цени. Граѓаните велат дека се плашат од недостиг од овие производи и кај нас, но и дека очекуваат драстично повисоки цени за нив во наредниот период. Институциите смируваат дека нема застој во снабдувањето и производството. Повисоките цени на одделни производи се резултат на берзанските цени на производите репроматеријалите кај кои не можат да интервенираат. Компаниите тврдат дека не ги зголемуваат цените, освен под влијание на берзанските цени на суровините.

    Граѓаните велат дека стравот од недостиг на одредени производи и секојдневно повисоките цени на овие производи ги тера да прават домашни резерви.

    – Нема веќе нормално пазарење. Секаде има турканици пред полиците за масло за јадење и за брашно, а цените ниту еден ден не се исти. Секој ден повисоки. Сите се плашиме дека ќе нè снајде цена на маслото за јадење како во Германија или како во Албанија и во Италија и трупаме резерви. Еве и јас денеска одлучив да купам некој килограм повеќе брашно и неколку литри масло за јадење – вели скопјанката Искра Т.

    Таа забележува дека зависно од која продавница го купува маслото за јадење и брашното, цените се различни за производ од иста компанија.

    – Разбирам дека треба да има разлика во цената кај различни производители, но кај ист производител, а велиме нула маржа, тогаш се прашувам зошто има различна цена во маркетите. Во некои поголеми маркети маслото за јадење на пример е 87 денари, а во некои помали продавнички го има за цена од 140 денари. Исто е и кај брашното од типот 400 за кое во некои продавници се бараат 29 денари, а во некои и 41 денар. До каде ќе оди ова лудило не знам, но знам дека ние граѓаните паничиме и ги празниме продавниците, а со тоа им даваме фора на трговците да посегнат по зголемување на цените за брза заработка. Тоа се случува бидејќи немаме доволен број инспектори, а инспекциите се најавуваат. Па има корекции и манипулации пред и по инспекторите – вели таа.

    Податоците на Државниот завод за статистика објавени денеска, говорат дека цените на мало во март во однос на февруари се зголемиле за 1,5 отсто, а во однос на ланскиот март за  9,6 отсто. Кај маслото за јадење цените за еден месец пораснале за 1,7 отсто, а кај лебот и житата за 5 отсто.

    Пораст на цените има и кај млекото за 7,3 отсто, јајцата за 6 отсто, свежото и разладеното овошје за 5,9 отсто, пивото за 2,9 отсто,минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,3 отсто,кафето, чајот, какаото за 1,2 отсто, виното, цигарите за 0,9 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, жестоките пијалаци за 0,5 отсто и кај  сирењето и урдата за 0,2 отсто.

    На сајтот на порталот Ценометар кој објавува цени на различни производи во поголемите маркети денеска цените изгледаа вака:

    Маслото за јадење во макретите „Тинекс“ се продава по цена од 87 денари, во „Рамстор“ 92 денари, во „Стокомак“ 93 денари, „Кипер“ 97 денари и КАМ маркет 99 денари.

    Брашно тип 400, најевтино е во КАМ мерктеите 29 денари, во „Стокомак“ чини 30 денари, „Тинекс“ 38 денари, во „Кипер“ 39 денари, а најскапо е во „Рамстор“ 41 денар.

    Производителите на масло за јадење деновиве соопштија дека имаат резерви на суровини за еден месец и го очекуваат подигањето на забраната за извоз на одделни производи од Србија. Во однос на зголемените цени на маслото за јадење, тие се повикуваат на берзанската цена на репроматеријалите кои влијаат на зголемените цени на маслото за јадење.

    Според нив, пред една година берзанската цена на маслото за јадење одела до 620 евра за тон, а сега изнесува 2.340 евра за тон. Тие не очекуваат дека цената ќе се стабилизира на одредено ниво многу брзо, а за враќање на нивото од пред една година не ни размислуваат.

    Иако, се надеваат на нови набавки од Србија, како што велат, не ја знаат цената, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу нивното производство и цената на крајниот производ.

    Министерот за економија Крешник Бектеши призна дека има зголемување на цената на маслото за јадење, но рече дека тоа е резултат на берзанските цени на суровините каде што не може да се интервенира.

    – Најважно во вакви моменти е дека во С. Македонија нема проблем во снабдувањето и производство на масло за јадење. Ние ги следиме редовно состојбите и ако е потребно ќе донесеме дополнителни мерки сè со цел да го ублажиме притисокот во делот на цените – рече пред два дена Бектеши.

    Мелниците тврдат дека од донесувањето на последните мерки на Владата со кои се наложи брашното да се продава по производна цена, нема ново зголемување на цените.

    – Цената на брашното по донесувањето на владините мерки не е зголемена. Разликата која се јавува во цените во трговските објекти зависи од типот на брашното, производителот и од добавувачот, бидејќи секој производител формира самостојно производната цена. Таа се движи од 3о до 34 денари зависно од типот и производителот. Кај некои типови на брашно цената достигнува и над 4о денари и зависи од тоа кој е добавувачот – вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничката и пекарската индустрија во Стопанската комора.

    Според последната одлука на владата која е донесена на 22 февруари и важи до крајот на мај годинава, лебот, брашното и маслото за јадење треба да се продаваат без маржа, а кај другите производи маржата изнесува 3, односно 4 отсто (шеќерот, кравјото млеко, свежото месо, сирењето, урдата, македонскиот ориз, јајцата …).

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img