More

    Градежниците бараат промена на правилата на игра при јавни набавки

    spot_img

    Градежните компании кои работат на проекти на државата и општините ќе стават клуч на врата или нема да успеат да ги реализираат проектите, бидејќи не можат да ги издржат промените на цените на репроматеријалите, ако државата не ги промени правилата на игра при јавните набавки. Тие велат дека главен проблем е ригорозниот Закон за јавни набавки со кој се штитат државните институции и општините на штета на компаниите. Според нив, законот е правен за нормални услови, а тие моментално работат во услови кои дневно драстично се менуваат.

    Тие бараат итна средба со премиерот и економскиот тим на владата за да се реагира брзо за да не запира реализацијата на вложувањата и да не се доведе во прашање егзистенцијата на компаниите од градежниот сектор.

    Според градежниците, потребни се три измени на законот за јавни набавки кои се однесуваат на промена на договорите кај некои од основните позиции (цени на репроматеријали и други основни материјали кои се увезуваат), потоа бараат воведување на авансно плаќање на работата кое ќе биде покриено со банкарска гаранција од страна на компаниите, како и пократок период од почеток на јавната набавка до потпишувањето на договорот и исто така кус период на плаќање на сработеното, како по реализирани позиции, така и по завршувањето на проектот.

    – Плаќањето по завршени работни позиции предлагаме да не биде подолго од 8 со 10 дена, а постапката од почетокот на јавната набавка до почетокот на реализацијата да се сведе на минимум и да изнесува помалку од 60 дена. Посебен проблем е тоа што проектите се реализираат со години, а цените на материјалите кои се вградуваат во нив остануваат непроменети и покрај тоа што веќе имаме дневна промена на цените. Значи ние работиме со загуби и ако не се промени тоа ќе треба да ставиме клуч на врата на голем број компании – вели Никола Велковски, член на управниот одбор на здружението на градежници во стопанската комора.

    Според него, државата мора да реагира зашто состојбата е веќе променета и не е иста со онаа од пред 5 или 10 години.

    -Треба да биде јасно дека градежните фирми не можат да чекаат парите да ги земат на крај од реализиацијата на проектот, зашто нема да имаат пари да ги купат репроматеријалите. Сега никој не сака да даде стока на почек, а ние чекаме со години да се платат завршени проекти или за сегментрна реализација чекаме пари со месеци. тоа веќе не може да се случи. Затоа е потребна промена на правилата за игра и во јавните набавки – додава Велковски.

    Тој додава дека земјите од регионот и посебно некои европски држави како Германија веќе реагирале и подготвиле кризни мерки за да го ублажат ударот врз градежништвото од кризата со цените на градежните материјали, енергетиката и кризните моменти предизвикани од војната во Украина.

    Претседателот на Здружението Андреа Серафимовски, вчера изјави дека проблемот со договорите за јавните набавки мора да се реши итно и поради фактот што капиталните вложувања тешко се реализираат.

    – Сите ќе бидеме одговорни доколку веднаш не почнеме да го решаваме тој проблем со оглед на тоа дека последиците од истиот би биле катастрофални и би влијаеле катастрофално на еден од најголемите стопански сектори во државата – рече Серафимовски.

    Градежниците очекуваат државата да изнајде модели како да се променат одредени делови од договорите на веќе договорените работи чија реализација трае подолго од 6 месеци, бидејќи како што велат, тие не можат да најдат пари за финансирање на државните проекти.

    – Градежниците веќе не можат да ја финансираат државата за реализација на проектите. Ние имаме огромни трошоци. Дневно имаме нови цени на репроматеријалите, а секоја нова набавка е со повисока цена. За една година кај одделни репроматеријали имаме зголемени цени од 60 до 150 отсто. Имаме и многу поскапа работна рака која се помалку ја има. Наспроти тоа имаме застој во наплатата на реализираното посебно кај општините кои реализираат проекти за кои немаат обезбедено пари и со години не го плаќаат сработеното, а секој обид за промена на договорите за јавната набавка во одредени ставки завршува неуспешно поради ригидноста на законот – вели Салим Хасани од групацијата за градежништво на Сојузот на стопански комори на северо-западна Македонија.

    Хасани вели дека градежните компании во сегашните услови не се во состојба да обезбедат ниту кредити од банките бидејќи не можат да ги исполнат условите, ниту, пак, да ги плаќаат навреме ратите бидејќи од работењето не обезбедуваат никаков профит, а сето тоа е поради тоа што се принудени да работат на проекти за кои институциите и општините не обезбедиле доволно пари и не пресметале реален период на завршување на проектите.

    – Во моменталните услови ние не можеме нормално да функционираме бидејќи немаме редовен прилив на пари со кои ќе може да ги плаќаме набавките на материјалите кои ги вградуваме во проекти договорени пред неколку години. Ставени сме пред избор дали да го прекинеме реализирањето на проектот, за што ќе претрпиме одредени финансиски пенали, и ќе го нарушиме угледот на компанијата или да ги затвориме компаниите и да оставиме без егзистенција голем број семејства кои живеат од нашето работење – вели тој.

    Според него, дополнителен проблем во сегашните услови на работење е заминувањето на квалификуваниот кадар.

    – Кога компанијата се обидува да обезбеди пари за нормално работење, не е во можност и да го задржи квалификуваниот кадар бидејќи не може да му обезбеди нормална плата. Ние не сме во состојба поскапата работна сила да ја задржиме, а плаќаме повисока цена за помалку квалитетна работна сила. Сето тоа влијае и на крајниот квалитет на нашата работа – додава тој.

    Податоците на градежниците говорат дека во изминатите години бројот на работници во секторот е намален за 2.000, а уделот на градежништвото во домашниот бруто производ (БДП) е намален за 0,2 отсто.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img