More

    Војната во Украина, растот на цените на енергенсите и храната како и сè уште актуелната пандемија на почетокот од годинава, ја забрзаа спиралата на инфлацијата

    spot_img

    Војната во Украина, растот на цените на енергенсите и храната како и сè уште актуелната пандемија на почетокот од годинава, ја забрзаа спиралата на инфлацијата. Предвидувањата иако се оптимистички со оглед дека се очекуваат позтивни резултати од преговорите на завојуваните страни, не ветуваат во поглед на инфлацијата и растот на економијата.

    Експертите велат дека е реално домашната економија де влезе во стагфлација со инфлација, како последица на кризата која е предизвикана од војната во Украина.

    Бизнисот веќе почнува да ги чувствува првите удари. Автомобилската индустрија е прва на која поради запирањето на производството во Украина и во Русија има намалено производство. Останатата индустрија засега не чувствува големи ефекти, бидејќи и потрошувачката во европските држави каде што извезува сè уште не е намалена на ниво кога нема да купува одредени производи.

    Во јануари инфлацијата достигна стапка на раст од 6,7 отсто, а како што оцени Народната банка забрзувањето на годишната инфлација е одраз на порастот на регулираните цени на енергенсите, како и на растот на дел од прехранбените производи коишто имаат променлива динамика.

    Банката, како што соопшти, внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага.

    Оттаму додаваат дека меѓународните институции очекуваат стабилизирање на растот на овие цени во втората половина на годината и со тоа намалување на инфлациските притисоци.

    Експертите велат дека инвазијата врз Украина ќе доведе до економска криза, а таа ќе се почувствува преку повисоките цени на производите поради поскапувањето на нафтата, преку намалената економска активност, бидејќи падот на руската економија ќе доведе до намалување на растот и на европската економија, а тоа ќе влијае и на намалување на растот на домашната економија која е директно поврзана со европската економија. Кризата, велат тие, ќе се почувствува и преку финансиските пазари и најверојатно ќе влијае на зголемување на каматните стапки.

    Професорот Зоран Ивановски вели дека е реално во земјава да се очекува забавување на растот на економијата и пораст на инфлацијата, односно да се влезе во таканаречена стагфлација.

    – Инфлацијата веќе надмина 7 отсто, меѓутоа има дилеми околу растот на економијата кој за годинава е планиран да изнесува над 4,6 отсто. Ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, поврзани со промените на цените на глобалните пазари и влијанието на војната во Украина, односно геополитичките случувања. Сето тоа ќе влијае на намалување на потрошувачката во економиите на земјите каде што се извезуваат нашите производи, а како резултат на тоа ќе се намали производството на нашите компании. Според тоа, тешко дека економијата ќе го постигне планираниот раст и реално е да се очекува таа да се најде во стагфлација, односно стагнација на растот со инфлација – вели Ивановски.

    Негова оценка е дека владините антикризни мерки нема да влијаат многу на зауздување на инфлацијата со оглед дека високите цени на енергенсите и цената на храната и металите се увезени.

    – Мерките кои ги донесе владата се главно фискални и немаат капацитет да го намалат ударот на инфлацијата. Дел од проблемите се увезени и тешко може на нив да се влијае. Монетарната политика пак во сегашните услови нема многу простор за реакција, бидејќи зголемувањето на каматните стапки не би влијаело на инфлацијата – додава Ивановски.

    Излез од ситуацијата е во поголема продуктивност на економијата и изнаоѓање нови пазари.

    – Останува економијата да ја подобри продуктивноста, преку високотехнолошки вложувања. Обврска е на владата да побара алтернативни пазари за да се надмине зависноста од сегашните пазари за да можат компаниите да го одржат производството – вели тој.

    Бизнисмените засега воздржани околу тоа како порастот на инфлацијата ќе се одрази врз нивното работење годинава, бидејќи неизвесноста предизвикана од енергетската и воената криза може да потрае подолго од оптимистичките сценарија за брз прекин на војната.

    – Засега освен автомобилската индустрија која директно е погодена со војната во Украина и претходните проблеми со набавката на чипови, другите индустрии немаат поголеми проблеми со инфлацијата. Но, долгорочно последици од растот на инфлацијата ќе имаат и другите индустрии, посебно извозните кои се поврзани со европскиот пазар, каде што исто така расте инфлацијата и се намалува побарувачката. Се надевам дека во Германија и другите европски земји каде што извезува нашето стопанство нема да има драстичен пад на потрошувачката за да имаме поголеми проблеми, но секое продолжување на конфликтот ќе биде проблематично за извозниците – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ Свети Николе.

    Според него, текстилната индустрија засега нема проблем со работењето.

    – Во земјите каде што извезуваме моментално нема видно намалување на потрошувачката. Тоа го гледаме бидејќи нашите производи први страдаат при намалена потрошувачка. Да се надеваме дека така ќе биде до крајот на годината – вели тој.

    Димитров смета дека владините антикризни мерки веќе имаат влијание на цените на дел од енергенсите, што ќе влијае на намалување на растот на инфлацијата, но очекува до крајот на годината одредено смирување на цените што ќе влијае и на стапката на инфлацијата. Сепак, вели тој економијата нема да го оствари очекуваниот раст за да може да го намали и долгот кој се искачи над плафонот од 60 отсто од БДП.

    И опозициската ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека земјава ќе влезе во стагфлација поради високата инфлација и намалената економска активност. Партијата ја обвини власта дека сето тоа што се случува е резултат на задоцнетите мерки на владата.

    – Во јануари стапката на инфлација изнесува 6,7 отсто. Во изминативе година и половина цените на горивата се зголемени за скоро 100 отсто. Додека цените на основните намирници како брашно, зејтин, леб итн. и до 70 отсто. И додека цените растат, платите и пензиите не се зголемуваат. Ковачевски и СДСМ одбија да се зголемат пензиите за 20 отсто веднаш, и наместо тоа предлагаат покачување од 5,5 отсто од септември. Ковачевски е против зголемување на платите во јавниот сектор, а нема никаква помош ниту за стопанството. Наместо 50 отсто намалување на акцизата за горивата, владата ја намалува за само 30отсто-велат од ВМРО-ДПМНЕ.

    Според проекциите на владата растот на економијата за годинава треба да изнесува 4, 6 отсто, а инфлацијата да не надмине 2,4 отсто.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img