More

    Вонсудска спогодба ќе овозможи да продолжи изградбата на болница за 200.000 граѓани во Источна Македонија

    spot_img

    Спорот за изградбата на Клиничката болница во Штип помеѓу „Бетон Штип“ и грчката компанија „Интракат“, за кој повеќе години се бараше разврска, вчера конечно заврши со вонсудски договор.

    Долгот вреден 2,6 милиони евра грчката компанија „Интракат“ прифати да го подмири со исплаќање на доспеаните фактури и обврски кон „Бетон Штип“, а „Бетон Штип“, македонската компанија која е во реорганизација, прифати да се откаже од каматите на долгот вредни над 500.000 евра.

    За потсетување, во 2018 година, неподмирувањето на обврските од страна на „Интракат“, како изведувач, кон „Бетон Штип“, како подизведувач на проектот „Клиничка болница Штип“ и неоснованото раскинување на договорот за подизведување, ја доведоа „Бетон Штип“ во стечајна постапка, а истото повлече и отпуштање на 400 работници и неплатени обврски кон повеќе од 600 домашни правни субјекти кои работеа на проектот.

    „Интракат“, од друга страна, ги отфрлаше овие обвинувања со оправдување дека за побарувањето дознале откако им биле блокирани сметките. Во меѓувреме, сите градежни активности  на болницата, која требаше да биде готова во 2019 година, беа стопирани.

    – Она кое што беше пласирано во јавностa, како пречка за изградбата на болницата, во еден нормален разговор го решивме со компанијата „Бетон Штип“, направивме еден исчекор, практично „Бетон Штип“ направи исчекор и сакам да се заблагодарам, затоа што се склучи овој вонсудски договор и дојде до решавање на долгогодишниот спор. Со тоа, првиот чекор, кој беше причина за застој на градежните активности, на мое задоволство веќе е отстранет, благодарение на разговорите што ги направивме со „Бетон Штип“ – изјави Иван Јорданов, градоначалник на Општина Штип.

    Тој додаде дека очекувам од страна на ресорното Министерство и Владата да се издвојат средства за да продолжи изградбата на Клиничката болница и комплетно да се заврши, бидејќи временските рокови се одамна надминати, на штета на граѓанитe.

    – Затоа очекуваме што е можно побрзо од нивна страна да се одобрат финансиски средства, бидејќи нема веќе пречки за изградба на Клиничката болница и на задоволство на жителите на Штип и Источна Македонија, да се заврши проектот со што ќе се обезбеди подобра здравствена услуга во целиот Исток – изјави Јорданов.

    „Бетон Штип“ тврдeше дека причина за стопирањето на работата на Клиничката болница не се побарувањата кон грчката компанија „Интракат“ и  поставената блокада, туку дека сите градежни активности, изведувачот на проектот, грчкиот „Интракат“, поради финансиски проблеми, ги прекинал уште 18 месеци пред започнување на самиот спор помеѓу компаниите.

    – Постигнавме спогодба со грчката компанија која е изведувач на Клиничката болница Штип и со тој наш потег успеавме да го откочиме проектот и да дадеме втора шанса овој проект конечно да успее. Ние спорот го водевме веќе три години, со цел да ги наплатиме нашите побарувања врз основa на сработено во Клиничката болница во Штип. Сега, со медијаторство на градоначалникот на Штип, кој единствено ја разбра проблематиката на овој случај, дека се работи за интересот на граѓаните од цел овој регион проектот да успее, ние, како „Бетон Штип“, направивме потег, вонсудски да се спогодиме, да се откажеме од каматите, да прифатиме да се плати долгот на рати и да дадеме шанса изведувачот да не отиде во стечај, туку да го продолжи овој проект и заедно со Министерството и со надлежните институции да го заврши проектот со кој овој град, односно цела Источна Македонија, ќе добие нова, современа клиничка болница – изјави Ванчо Мијалчев , директор на „Бетон Штип“.

    Завршницата и вчерашниот исход  за овој случај не значат само продолжување на активностите за градење на Клиничката болница која треба да опслужува регион во кој живеат повеќе од 200.000 луѓе, туку и дека наплатените средства од „Интракат“ конечно ќе завршат кај доверителите, повеќе од 600 македонски правни субјекти кои беа оштетени, а работеа како подизведувачи на проектот „Клиничка болница Штип“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img