More

    Владата љубоморно го крие новиот пакет антикризни мерки

    spot_img

    Какви антикризни мерки подготви владата и кој ќе може да добие некаква помош останува тајна се до донесувањето на ребалансот на буџетот, кој е во собраниска расправа или поточно до почеток на есента. Од владата упорно тврдат дека тоа ќе бидат таргетирани мерки насочени кон најранливите категории граѓани и бизниси и дека за нив се обезбедени 76 милиони евра со кратење трошоци, но и со зголемен дефицит во буџетот.

    Граѓаните ги очекуваат новите антикризни мерки со надеж дека што поголем број од нив ќе бидат помогнати, а бизнисот кој не сака изненадувања очекува да види вистински мерки кои ќе го помогнат да не доживее колапс и ќе влијаат на нивниот развој.

    Владата најави дека околу 76 милиони евра се проектирани за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците – во насока на зголемување на приносите, како и средства за покачување на пензиите и зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход.

    Исто така е најавено дека во најкраток рок по донесување на ребалансот на буџетот ќе започне имплементација на новите антикризни мерки.

    – Новиот модел на таргетирани мерки, кој е во насока на последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка – велат од Владата.

    Што конкретно содржи новиот антикризен пакет прашавме во Владата , но не добивме никаков одговор. Но, затоа, пак, веќе втор пат она што е најавено го повторува во своја изјава или колумна министерот за финансии Фатмир Бесими, каде што исто така не дава детали.

    Тој, меѓутоа кажува, дека нема да има намалување на даноците за горивата и за храната, но затоа, пак, ќе има поголема контрола на уплатата на даноците и другите давачки од страна на бизнисите и на граѓаните.

    – Наплатата на даноците треба да се насочи кон заштитата на ранливите семејства. Со намалувањето на даноци за сите, значи дека се субвенционираат и оние на кои не им е потребна поддршка, за сметка на ранливите категории граѓани – објаснува Бесими.

    За разлика од Владата, од владејачката СДСМ велат дека помошта за граѓаните и бизнисите ќе дојде наесен, кога ќе им биде најпотребна.

    Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, пак, не верува дека по ребалансот на буџетот, на кој се повикува, Владата ќе има сила да донесе нови мерки, бидејќи веќе се разговара за предвремени парламентарни избори.

    – И ребалансот како и буџетот е скроен, не да ги поддржи најпогодените слоеви на населението, туку да ја задржи оваа гарнитура на власт. Така ќе биде и со најавените нови мерки. Прашање е дали по ребалансот буџетот ќе има сила да поддржи нови мерки, бидејќи дел од парите поради задржување на владејачкото мнозинство ќе треба Владата да ги потроши на партиските војници кои се вработени во огромната јавна администрација и да се плаќаат гласачите со пари од државниот буџет бидејќи се очекуваат предвремени избори – изјави пред некој ден Хајредини.

    Мерките ги очекуваат и граѓаните и бизнисмените соочени со зголемени трошоци.

    – Слушам мерките ќе биле насочени кон ранливите категории граѓани. А тоа се социјалците и пензионерите. Да нив треба да им се помогне, но што станува со нас луѓето кои работиме, а сме на работ на сиромаштија, земаме минимални плати и не можеме да сврзете крај со крај. Најавената нова цена на струјата ќе ги голтне нашите плати уште на почетокот на грејната сезона според новите тарифи, а што ќе јадеме и дали треба да живееме – вели Ане, вработен во мал скопски бизнис.

    И бизнисмените со месеци укажуваат на потребата да добијат некаква помош за да ги намалат трошоците поради високите цени на струјата, горивата и репроматеријалите.

    – Какви и да сe мерките во подготовка, тие треба да бидат насочени кон задржување во живот на бизнисите за да можат да ги задржат и вработените, но и да се реализира она што го очекува Владата – да се соберат очекуваните пари од даноците и другите давачки во буџетот – вели Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата.

    Според него, Владата не смее да дозволи да дава помош во последен момент за бизнисите.

    – Не смее да се дозволи да се гасне пожар во последен момент. Економските политики треба да се водат така што ќе се создаваат услови за водење на бизнис во кои бизнисите ќе можат да се развиваат, а не да се доведат до крајот па потоа да им се помага. Во овој случај, не само бизнисите, туку и вработените се тие коишто ќе претрпат штета – додава тој.

    Бошков смета дека со декларативен однос нема да се намали сивата економија и да се подобри наплатата на даноците, бидејќи очекува пример од владата.

    – Владата најавува борба со сивата економија, но без искоренување на корупцијата во политичките редови, нема да има резултати кај даночната евазија, бидејќи нема да може да ги натера бизнисите да имаат доверба во државата и да плаќаат давачки, ако таа е корумпирана, а парите се трошат според политичките потреби. Дополнително не сум сигурен дека во една ваква сложена кризна ситуација треба да се биде ригорозен кон бизнисите кои едвај преживуваат – вели Бошков.

    И претседателот на Стопанската комора Бранко Азески денеска потсети дека треба да се слуша бизнисот на кој му требаат добро осмислени мерки кои ќе го помогнат да ја надмине кризата со високата цена на енергенсите која, како што вели, ќе се задржи на подолго.

    Мерките, според него, треба да бидат пропратени со промени во однесувањето на институциите.

    Препораките на ММФ и на Светска банка на кои се повикува министерот Бесими, препорачуваат да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, а да се даде поддршка на најранливите. Како тоа ќе го изведе Владата ќе се види, а мерките на сила ќе ги видиме најверојатно во септември.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img