More

    Владата не ги активира резервите, се надева на добра волја од Србија

    spot_img

    Ако за неколку дена Србија не ја тргне забраната за извоз на пченица и владата не ги активира државните резерви, мелничарите ќе нема што да мелат, бидејќи резервите им се при крај. Од Министерството за земјоделство велат дека се очекува Србија да ја тргне забраната оваа недела и дека не се планира активирање на државните резерви на пченица, ако забраната потрае уште некој ден. Реагираше и опозицијата со барање да се активираат државните резерви и побараа одговор зошто се договараат дополнителни увози на пченица и од Бугарија, кога веќе имаме полни државни резерви.

    Мелничарите алармираат дека нивните резерви од пченица се за период од неколку дена.

    – Нашите резерви се при крај и е неизвесно што ќе се случува натаму. Имаме потпишано договори за испорака на пченица од Србија со добавувачи од таму, но поради забраната за извоз, тие не се реализираат во овој период. Има најава дека забраната ќе биде крената, но не се знае кога – вели претседателот на здружението на мелничка индустрија на Стопанската комора, Горан Малишиќ.

    Според него, поради договорените количини со Србија и повисоката цена која се нуди од бугарските трговци, моментално не е можна нова набавка на пченица.

    – Дел од мелниците имаат договори и со бугарски добавувачи, но традиционално поради пониската цена мелниците договараат увоз на пченица од Србија. Договорите се активни и очекуваме да се реализираат – додава тој.

    Во врска со информацијата дека министерот за земјоделство Љупчо Николовски вчера договорил дополнителен увоз на пченица од Бугарија, Малишиќ вели дека не знае за кого ќе се увезува.

    – Најверојатно државата планира да увезува пченица од Бугарија, бидејќи ние како приватен сектор немаме договорени количини од Бугарија. Дел од мелниците имаат договори и ги реализираат. Значи ние како приватен сектор самите треба да потпишеме договори за набавка на пченица од оваа земја. Но, имаме активни договори со српски добавувачи и чекаме да се реализираат набавките – појаснува Малишиќ.

    Министерот за земјоделство синоќа на својот фејсбук-профил напиша дека се договорени дополнителни количини увоз на пченица со бугарскиот министер за земјоделство.

    „Со мојот колега, министерот за земјоделство на Република Бугарија, Иван Иванов, договоривме дека од Република Бугарија ќе обезбедиме дополнителни количества на пченица. Заедно со нашите соседи на ваков начин градиме вистинско добрососедство и сплотени многу полесно ќе ја пребродиме и ќе се справиме со постоечката криза“, напиша Николовски.

    Од Министерството за земјоделство велат дека ја следат состојбата и се во постојана комуникација со мелничарите.

    – Засега не е потребно активирање на стоковите резерви. Во рамки на министерската конференција во Берлин, со министерот за земјоделство на Република Бугарија, Иван Иванов е договорено да се обезбеди пченица од Бугарија за Северна Македонија. Во однос на количините дополнително ќе се прецизира, откако ќе се увидат потребите на домашната мелничка индустрија. Двете министерства ќе бидат во постојана комуникација за да утврдат точна количина на пченица согласно потребите на мелничарите – велат од МЗШВ.

    Оттаму додаваат дека и со ресорното министерство на Србија се во постојана комуникација.

    – Со оглед на тоа дека во Република Србија имаше избори, очекуваме деновиве српската влада да ја укине забраната за Северна Македонија за извоз пченица, пченка, брашно и масло и за јадење. На состанокот што пред извесен период го имаше министерот Николовски со потпретседателот на српската влада Бранислав Недимовиќ, се договори дека испораката на договорените количини помеѓу економските партнери од двете земји, ќе бидат реализирани. Овие количини се обезбедуваат за да се одржи стабилноста на пазарот до почетокот на жетвата – велат од Министерството.

    Од српска страна, пак, моментално нема никаква најава за кревање на забраната за извоз на пченица, пченка, сончоглед и масло за јадење. Тамошната влада денеска само ја продолжи уредбата со која се ограничуваат цените на горивата.

    Денеска реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која ја обвини владата дека лажела за државните резерви од пченица и побараа да се активираат државните резерви.

    – Димитар Ковачевски и Љупчо Николовски првин тврдеа дека во стоковите резерви има доволно пченица, за потоа да признаат дека таа пченица од 45 илјади тони, која мора да ја има во резервите, не е во државна, туку сопственост на приватните мелници и трговци. За на крај да заврши со молење во Србија да се тргне забраната за извоз за пченица за Македонија, за да можат трговци да увезат 50.000 тони пченица. Откако измолија пченица од Србија, сосема ја збунија јавноста, со изјава дека пченица не е за Македонија, туку за извоз. Сега повторно владата иако вели дека имаме доволно пченица, моли за пченица од соседна Бугарија – изјави Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.

    Тој праша за кого се овие количини пченица кои ќе се повлечат од соседна Бугарија?

    – Дали владата целиот изминат период лаже за тоа колку пченица имаме, или всушност во ек на криза користејќи државни ресурси и концесии овозможуваат профит на поединци и фирми блиски до нив, кои треба само да извршат реекспорт на пченицата од Србија и Бугарија во трети држави, и така да заработат милиони?-праша Трипуновски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img