More

    Владата ветува струја без шокови, експертите се чудат од каде оптимизмот

    spot_img

    На европскиот пазар цената на струјата за набавки во последниот квартал од годинава и почетокот на следната вчера за прв пат надмина 600 евра за мегаватчас, а во Франција, поради проблеми во нуклеарните централи, вчера надмина 1.000 евра.

    Колку ова може да влијае на снабдувањето со струја во земјава е тешко да се каже, бидејќи како што веќе е најавено, ЕСМ не планира увоз на струја бидејќи. Според првиот човек на компанијата, домашното производство е доволно за снабдување на  домаќинствата. Сепак, тој најави промена на цената на струјата за следната година, што значи вториот дел од зимата граѓаните ќе имаат повисоки сметки за струја.

    Од ЕСМ и од Владата уверуваат  дека увоз на струја за домаќинствата ќе се врши само во исклучителни случаи, а за задоволување на потребите на земјава ќе бидат активирани сите расположливи капацитети и веќе се увезуваат јаглен и мазут.

    Владата прогласува вонредна енергетска состојба, за да може да ја помогне компанијата во набавните на јаглен, мазут, гас за претстојната грејна сезона и со евентуален увоз на струја. Донесени се и мерки за штедење кои ќе стапат на сила од 1 септември. Сето тоа говори дека се прават подготовки за зимата, но имаат и план Б, кој ќе се активира ако излезат проблеми во снабдувањето, велат од Владата. Дополнително побарале соседите да не дозволат прекини во снабдувањето со струја оваа зима.

    Но, Владата како да не е загрижена дека и стопанството има високи сметки за струја, што ја набавува од слободен пазар. За нив засега нема планирано никакви мерки.

    Колку ова сценарио ќе биде остварливо ќе зависи главно од тоа колку ЕСМ ќе успее да ги активира сите капацитети и да обезбеди доволни количини јаглен од сопствено производство и од увоз, велат познавачите на енергетскиот сектор.

    Спиро Мавровски, поранешен раководител во РЕК Битола, вели дека за да го постигне ова, ЕСМ ќе треба да обезбеди близу 4 милиони тони јаглен за шест месеци, колку што трае зимската сезона, а таа моментално има набавено резерва од 1 милион тони.

    – Со увоз на 900.000 тони јаглен и резерви на депонија од 100.000 тони во РЕК Битола, значи 1 милион тони јаглен, тешко дека ЕСМ ќе успее да обезбеди струја за домаќинствата и уште помалку да ги помогне компаниите кои ќе бидат соочени со високи цени на отворениот пазар. Пресметките се јасни. За период од шест месеци се потребни близу 4 милиони тони јаглен. За работа само на трите блока на РЕК Битола дневно се потребни од 20.000 до 22.000 тони јаглен или 600.000 до 660.000 тони јаглен за еден месец, што е 4 милиони тони јаглен за шест месеци. Тоа значи дека ЕСМ за сигурна сезона во секој момент треба да има на депонијата на РЕК Битола од 400.000 до 600.000 тони јаглен. Тврдат дека го зголемиле производството на јаглен, но тоа не се гледа на депонијата. Ако се чуваат 100.000 тони на депонијата, колку што се потребни за 5 дена работа на трите блока, не знам како планираат да ја поминат зимата. Порано на депонијата се чуваа и по 800.000 тони јаглен – вели Мавровски.

    Според него, проблем и годинава како и секоја друга може да има во ископот на јаглен поради дождови или други временски услови, кои траат повеќе од 5 дена колку што се актуелните резерви на јаглен.

    – РЕК Битола нема железничко поврзување, па дотурот на увезениот јаглен тешко оди со камионски превоз, што значи дека резервите на јаглен во депонијата треба да бидат обезбедени од домашно производство. Дополнително, една година трае отстранувањето на дефектот во РЕК Битола и не се знае дали ќе работи сезонава, иако има најава дека поправката ќе заврши до ноември, и е набавен нов трансформатор кој треба дополнително да стигне. Сето тоа предизвикува неизвесност и може да се рече дека сегашните изјави на раководството дека нема да има проблеми во производството се сомнителни. Дури сега се најавува активирање на рудникот Живојно за следната година, а тој досега требаше да биде во функција. Да го кажа и ова. За увоз на струја лани потрошивме 170 милиони евра пари од граѓаните, а за активирање на Живојно се потребни 105 милиони евра. Каде одиме се гледа и од овој податок – вели Мавровски.

    Тој додава дека слична е состојбата и со останатите капацитети за производство на струја РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино, каде што  прашање е дали ќе се активира вториот котел. Мавровски вели дека неслучајно се прогласува вонредна состојба.

    – Во ваква состојба државата ќе може да троши за набавките на ЕСМ, било да се за јаглен, мазут, гас или за струја, за која велат нема да ја увезуваат и покрај тоа што тешко ќе ги обезбедат потребните киловати. Тие се пари на граѓаните, што значи два пати ги плаќаме сметките за струја – објаснува тој.

    ШТО ЌЕ БИДЕ СО ФИРМИТЕ?

    Државата можеби нема да треба да увезува струја за домаќинствата, но мора да мисли и за бизнисите кои соочени со високата цена на струјата која ја набавуваат од слободен пазар, ќе почнат да го намалуваат производството и да отпуштаат работници велат од бизнис заедниците.

    Дел од компаниите веќе најавија дека ќе го намалат производството кога нема да можат да ги плаќаат сметките за струја. Коморите подолг период инсистираат владата да ги слушне и примени нивните предлози, но се скептични дека нешто се прави.

    – Во овој момент нема поголем проблем за македонската економија од цената на струјата. Владата мора да најде избалансирани решенија кои ќе му овозможат на бизнис секторот да преживее. Ако тоа не се случи, многу фирми ќе се затворат и ќе се изгубат голем број работни места. Доколку луѓето останат без плата, нема да можат да ги платат сметките, колку и да се тие субвенционирани од Владата – алармираа деновиве од Стопанската комора.

    Експертите, пак, редовно препорачуваат државната енергетска компанија да договори набавка на струја однапред, за да нема проблеми при снабдувањето во случај да потфрли домашното производство.

    – Владата ништо не презема, ама им одговара на некои трговци со електрична енергија колку е повисока цената на електричната енергија толку е зголемен нивниот профит процентуално. Зошто да купува нешто што е 200 евра, ако може да го купи 500 евра и само 10 отсто ќе му биде маржата, 10 отсто на 200, или 10 отсто на 500, видете која е разликата на трговецот – изјави деновиве професорот и експерт по енергетика, Константин Димитров.

    Граѓаните, за да го надминат стресот дека можеби нема да има струја, веќе се преориентираа на греење на дрво и пелети, но велат дека и овие енергенси се скапи.

    – Само што ја добивме првата сметка за струја со нова повисока цена, директорот на ЕСМ не издржа па ни кажа дека од јануари, кога најмногу ќе трошиме струја, сметките ќе бидат повисоки, зашто планира цената на струјата да ја зголеми. Но, не сме изненадени, бидејќи тоа и на најнеинформираниот од нас му е јасно – цените скокаат, а никој не презема ништо. Колку ќе можеме ќе издржиме, а потоа нема да ги плаќаме сметките. Соседот вели дека се префрлил на дрва, ама било скапо. Сепак е сигурен дека ќе се грее зимава – вели Јане Т. од Тетово.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img