More

    Бизнисот стравува да не останеме без леб

    spot_img

    Владата уверува дека нема да има големи ефекти врз економијата ако поради конфликтот и санкциите кон Русија цената на гасот, електричната енергија и храната порасне, но бизнисмените и експертите тврдат дека ефектите ќе бидат пострашни со оглед дека компаниите се веќе во криза поради високите цени на енергенсите, а може да бидат соочени и со неможност да извезуваат во Европа поради намалена побарувачка. Земјава има слаба трговска размена со Русија и со Украина, но е увозно зависна од рускиот гас, па и секоја промена на цената ќе предизвика големи проблеми и преструктурирање во однос на енергенсите што за компаниите би значелe нови трошоци. Можните санкции против Русија во делот на енергетиката ќе ги погодат во секој случај и македонските потрошувачи.

    Ескалација на украинската криза веќе доведува до зголемување на цените на гасот. Цената на гасот во Европа денеска се искачи над 960 долари за 1.000 кубни метри, првпат од 14 февруари, покажуваат податоците на лондонската берза ICE. Горивата го достигнаа максимумот во последните 7,5 години. На лондонската берза барелот скокна за речиси 3 долари, или над 3 отсто. Состојбата не стивнува со денови, а се најавуваат многу повисоки цени.

    Иако рускиот претседател Владимир Путин повторува дека нема да има намалување на договорените испораки на гас, Европа стравува дека нема да може да обезбеди доволни количини на гас, а резервите во сите земји се на историски минимум. Колку е сериозна состојбата со снабдување со гас на Европа говори и изјавата на катарскиот министер кој рече дека нема можност да се покријат потребите за гас кој го испорачува Русија, бидејќи кај нив функционираат долгорочни договори кои не можат да ги прекинат.

    – Уделот на Русија во снабдувањето на Европа е од 30 до 40 отсто. Ниту една земја не може да замени таков волумен (гас), за такво нешто нема капацитет. Повеќето се врзани за јасни долгорочни договори и дестинации. Затоа е речиси невозможно да се замени такво количество (гас) на краток рок – изјави катарскиот министер Саад ал Кааби.

    Катар е најголем производител на природен гас во светот.

    Професорот Константин Димитров вели дека сето тоа ќе има силен ефект врз македонската економија.

    – За Европа е драматична целата состојба со обезбедување на гасот, бидејќи резервите им се на минимум, а набавката не се врши со долгорочни договори, туку на краток период со таканаречени спотови на берзите. Значи, Европа ќе има проблем и со производството на електрична енергија и ќе ги зголемува цените поради тоа. Земјава е увозно зависна од електрична енергија од Европа, а и домашното производство е насочено кој мазутот и природниот гас. Сето тоа ќе има негативен ефект кај нас. Се сомневам дека и во земјава имаме таква „селска тактика“ на набавка на гас за куси периоди, најчесто едномесечни. Не можам да кажам дека Те-То има долгорочни договори за набавка на гасот, ниту пак „Макпетрол“. Сѐ тоа ќе влијае ударот од зголемените цени во иднина да ги почувствуваме како економија, но и како граѓани во следниот период – вели Димитров.

    Според него, евентуалната ескалација на конфликтот негативно ќе се одрази и на пазарот на храната, па земјава доколку нема обезбедено резерви ќе има проблем.

    Бизнисмените, пак, со став дека и во моменталната ситуација кога конфликтот во Украина е регионален, но и доколку ескалира во целата земја, бизнисот ќе има катастрофални последици.

    – Во сегашната ситуација ќе се соочиме со многу повисоки цени на енергенсите и транспортот. Најавата од цена од 2000 евра за кубен метар гас од страна на Русија ќе го поскапе производството на Те-То кое е наменето за компаниите. Струјата за компаниите ќе биде прескапа и ќе имаме проблем. Но, тоа во овој момент изгледа е неминовно и подобра опција од можната војна во цела Украина. Тогаш, главно извозните компании, ќе се соочат со невидени проблеми, бидејќи поради случувањата европскиот пазар ќе ја намали побарувачката на нашите производ – вели Ангел Димитров од текстилната компанија „Мода“ Свети Николе.

    Иако земјава нема некоја обемна трговска размена со Украина и со Русија, сепак, компаниите кои работат во Технолошко-индустриските зони ќе имаат проблем со увоз на репроматеријали од Русија од каде се увезуваат метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав метали и платина.

    Во изминатиот период основни точки на извозот од Украина во земјата беа црни метали, односно топло валани производи (околу 70 отсто), бакарна жица (17 отсто), а останати групи на стоки во извозот изнесуваа помалку од 3 отсто. Во извозот од Македонија во Украина доминираа суровиот тутун (43 отсто), машини и механички уреди за специјална намена (11 отсто), електрични акумулатори (25 отсто), лекови (10 отсто) и земјоделски производи околу 4 отсто.

    Трговската размена меѓу земјава и Русија лани изнесуваше 233,5 милиони долари. Земјава остварила трговски дефицит во размената со оваа земја од 176,3 милиони долари. Македонските компании извезле стока на овој пазар во висина од 57,1 милиони долари. Увозот, пак, пораснал за 19,7 отсто. Од Русија е купена стока за 176,3 милиони долари. Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

    Компаниите од технолошко-индустриската развојна зона се најголеми корисници на природен гас. Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски минатиот месец изјави дека во договор со добавувачот, еден дел од количините за компаниите во зоните се обезбедуваат по доста пониска цена од пазарната.

    – Потребите на нашите корисници растат, бидејќи имаме нови корисници, нови капацитети и наша примарна цел во овој период е да обезбедиме поголеми количини. За одредена количина на гас, значи за одреден капацитет на користење имаме доста поволни цени за гасот, а за одредена количина одиме по реалните пазарни цени коишто се случуваат во моментот – рече Деспотовски.

    Негативен ефект врз работењето ќе има и кај транспортерите кои веќе го намалија обемот на работа поради енергетската криза.

    – Во случај на ескалација на конфликтот во Украина, покрај високите загуби што веќе ги имаме со енергенсите, дополнително ќе се зголеми ризикот за возење кон и од Украина и Русија, не само за превоз на стоки од земјава туку и од и до трети земји. Во тој случај иако не можат да запрат да возат, тие ќе мора да ги намалат транспортните средства кои ќе возат кон овие две земји, што пак ќе значи дополнително намалување на обемот на работа за нив – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.

    Обединетите нации веќе најавија дека поради кризата во Украина и цената на прехранбените продукти ќе оди нагоре. Двете земји кои се во конфликт се најголемите извозници на пченица во светот. Сето тоа, покрај високите цени на енергенсите негативно ќе се одрази врз земјоделието велат производителите.

    – Покрај од Србија, пченица се увезува од Украина која е најголем извозник на овој производ со светот, па можно е да имаме проблем со набавка на пченица доколку земјава не чува резерви на овој значаен прехранбен производ. Ако една Србија која произведува пченица за извоз веќе набавила брашно и други производи, тогаш што станува за нас кои сме увозно зависни и од пченица. Значи, ќе се почувствува кризата, ако не се обезбедат доволни количини резерви на брашно или пченица. А ние како земјоделски производители кои одгледуваме пченица ќе имаме проблем со обезбедување средства за прихрана на посеаните површини кои се обезбедуваат од увоз, од Романија, Русија и од други земји – рече во изјава за Плусинфо Петре Стојановски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

    Владата засега нема анализа од надлежните институции на кои производи или услуги би страдале при радикализација на состојбите меѓу Русија и Украина. На вчерашната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина и единствено го задолжи Министерството за надворешни работи да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на членовите од РСМ при Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.

    Претходно, од Владата смируваа дека ефектите ќе бидат само индиректни преку цените на енергенсите, но не и директни бидејќи трговската размена со овие земји е мала.

    – Во делот на сигурно и континуирано снабдување со електрична енергија посебно за домаќинствата, но и за стопанството не верувам дека ќе имаме некојси проблем и не очекуваме да има никакви рестрикции. За жал, кризата би можело да влијае во делот на цените на електрична енергија, имајќи предвид дека само денеска имаше сериозно зголемување на цената на берзите во споредба со претходните денови, а посебно на ХУПЕКС берзата – изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

    Тој изјави дека е обезбедено снабдување со топлина, но не кажа дали земјава има доволно резерви од енергенсите кои доаѓаат од Русија.

    Земјава инаку е увозно зависна од енергенси. 100 отсто од гасот во земјава се обезбедува од Русија преку рускиот транзитен гасовод кој поминува низ Украина, Романија и низ Бугарија, а наменет е и за Турција, Грција, Србија и за Црна Гора. Годишно, преку единствениот влез на гас кај граничниот премин Деве Баир за македонската економија влегуваат околу 400 милиони кубни метри природен гас иако гасоводот е проектиран за 800 милиони нормални кубни метри природен гас. Во 2020 година преку овој влез во земјава влегле 337.880.997 нормални метри кубни гас. Според податоците на Државниот завод за статистика, лани во ноември се увезени 47,9 милиони нормални квадратни метри гас кој главно се користел за енергетски трансформации и за комбинирани електрани. Јавни котларници и комбинирани електрани користат 86,7 отсто од увезениот гас, а за финална потрошувачка одат 12,8 отсто.

    Лани во ноември пак се увезени 102.780 тони нафтени продукти. Од нив 59,7 отсто е дизел за транспорт, нафтен кокс 11.9 отсто и мазут 7,7 отсто.

    Гувернерката на Народната банка деновиве изјави дека ефектите воз нашата економија не мора да бидат директни, но секако ќе бидат индиректни доколку геополитичките случувања го забават глобалниот економски раст.

    – Директната изложеност на нашата кон руската и украинската економија е мала и оттаму не се очекуваат позначителни директни ефекти – оцени деновиве гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежовска.

    – Сепак, доколку дојде до забавување на глобалниот раст, а особено растот на ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер, тоа може да има одредено неповолно влијание и на динамиката на растот на домашната економија. Трговијата со Русија и со Украина учествува со само два отсто во вкупната трговска размена на нашата земја. Финансиската изложеност е многу мала, додека странските директни вложувања од овие економии изнесуваат само 0,5 отсто во вкупните и не се присутни во финансискиот сектор. Само 0,1 отсто од дознаките доаѓаат од Русија и од Украина. Сепак, можни се и индиректните ефекти. Русија е меѓу најголемите извозници на енергија и метали во светот, додека Украина меѓу најголемите извозници на жито – рече гувернерката.

    Професорот Димитров смета дека причината за ситуацијата во која во кризни моменти се наоѓа државава е поради тоа што не се прават редовни анализи на состојбите, па најчесто се доцни со преземањето соодветни мерки.

    – Доколку се прават редовни анализи, тогаш енергенсите ќе беа одамна договорени за повеќегодишен период и по непроменливи цени, а храната ќе беше обезбедена во резервите. Сега не се знае што имаме во резервите и дали ќе можеме одреден период да опстанеме во крајни услови како војна – додава тој.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img