More

    Академик Коцарев за Преспанскиот и за Договорот со Бугарија

    spot_img

    Извор на сите наши витални проблеми се сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, рече претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Љупчо Коцарев, во своето експозе на Годишното собрание на МАНУ, за кое рече дека е авторски текст во кое изнесува негови лични ставови и наведе три предизвици за земјава – македонскиот опстој, ЕУ-интеграцијата и иднината на државата.

    Според првиот човек на Академијата, Договорот со Бугарија, Преспанската спогодба и промената на Уставот заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот, затоа што, рече тој, „секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални или недостоинствени документи, а такви се трите документи од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст“.

    Република Македонија во 2018 година, рече Коцарев, под тоа име била призната од над 130 земји од 193 членки на Обединетите нации или речиси од 80 проценти од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги трите суперсили Кина, Русија и САД. Преспанската спогодба не само што ги избришала тие факти, рече претседателот на Академијата, туку покажала дека „САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на нашите соседи, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок“.

    – Според мое мислење, токму заради македонското опстојување, а имајќи го предвид мултиполарниот поредок во светот, геостратегискиот светоглед на Македонија треба да вклучува негување на принципиелен и достоинствен однос кон трите суперсили – рече Коцарев.

    Зборувајќи за евроинтеграциските процеси, претседателот на МАНУ рече дека веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување, праќајќи, како што рече, јасни сигнали за Македонија, но и за други балкански држави, дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, неоставрен сон.

    – Ако ЕУ преку ветото на една своја членка, како услов за почнување на преговорите, бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор, туку и да ја ревидира синтагмата „фашистички окупатор“ што, за жал, е поддржано од дел од македонските политичари, но и од македонските квазиисторичари, зар тоа не придонесува за разнебитувањето на македонската држава. Поради тоа, се поставува прашањето: која е пораката што ЕУ и ја праќа на Македонија? Дали, всушност, вратата на ЕУ семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период или засекогаш? – рече Коцарев во експозето.

    Во однос на третиот предизвик на државата – нејзината иднина, претседателот на Академијата смета дека основна премиса за градење просперитетна Македонија е промена на изборниот модел, односно една изборна единица и промена на моделот на формирање на извршната власт.

    – Ако Македонија е граѓанска држава, треба засекогаш да го напуштиме сегашнот хибриден модел на владеење, мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија, и да го замениме со граѓанска консенсуална демократија. Во консенсуалната или пропорционалната демократија, партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови. Македонските влади, главно, но посебно во изминатата деценија, се резултат од пазарења и уцени, тие се партиско-етнички, некомпетенти, корумпирани и нефункционални, што резултира со подредена улога на Парламентот, институциите и правосудниот систем – оцени Коцарев, според кого е неопходно слабеење на позициите на извршната власт на централно и на локално ниво.

    Во заклучокот на експозето, претседателот на МАНУ порача дека македонскиот опстој е нераскинливо  врзан со науката и уметноста и ги повика политичарите, како што рече – заради иднината на Македонија и заради благосостојбата на нејзините жители,  „засекогаш да престанат со нивното арогантно, ненаучно и нарцисоидно чекорење во иднината“, уверен дека „конечно ќе најдеме сили наместо партиските и личните интереси, науката да прерасне во вистинскиот водич на нашата иднина“.

     

    Фото: МИА

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img