5.3 C
Ohrid
Wednesday, November 30, 2022

Ќе се учи критичко восприемање на медиумските содржини

НАЈЧИТАНО

Четири високообразовни институции ќе ја вклучат медиумската писменост во своите студиски програми. Тоа се: Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово и Економскиот факултет на Универзитетот ФОН.

– Тие ќе ги ажурираат постоечките или ќе воведат нови предмети за медиумска писменост, ќе работат на истражувања, ќе создадат нова литература и ќе осмислат различни активности со студенти – рече Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Овие високообразовни институции беа избрани од вкупно 11 факултети кои се пријавија на повикот на ИКС и ИРЕКС во рамки на петгодишниот проект за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“.

– Преку овие мали грантови сакаме да го заокружиме процесот на вклучување на медиумската писменост и критичкото восприемање на медиумските содржини на сите нивоа на формалното образование – од основно до високо – рече Михајло Лахтов, директор на ИРЕКС Скопје.

– Оваа поддршка доаѓа во вистинско време бидејќи преку образованието за медиумска писменост, може да се влијае врз јавноста преку оформување на идните генерации на професионалци – рече Демуш Бајрами, декан на Факултетот за јазици, култури и комуникации при Универзитетот Југо-источна Европа.
Филолошкиот факултет од Скопје увидел дека во нивните студиски програми недостасува современа литература во оваа област, па освен што медиумската писменост ќе се воведе како посебен предмет, истата ќе се спроведе на сите нивоа на образование.

– Планираме да ги спроведеме овие активности во прв, втор и трет циклус на студии – рече проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет, Катедра за македонски јазик и литература „Блаже Конески“.

Педагошкиот факултет ќе ги подготвува идните наставници и библиотекари самите да стекнат и да научат како да ги поучуваат своите идни ученици следејќи ги новите наставни програми кои, меѓу другото, вклучуваат и медиумска и дигитална писменост што основците веќе ги следат од тековната учебна година. Факултетот за општествени науки (ФОН) ќе ги ажурира наставните содржини за студентите на Економскиот факултет.

Ова е прва година во која високообразовните институции аплицираа за грантови во износ од 8.500 американски долари. Повикот ќе се повторува и следните години.

Проектот „Младите размислуваат“ е спроведен од Меѓународниот одбор за истражување и размена (ИРЕКС) во соработка со локалните партнери Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ), а е финансиски поддржан од УСАИД.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО