14.9 C
Ohrid
Thursday, September 29, 2022

Хотелите во охридско-струшкиот регион се полни до 10 август

НАЈЧИТАНО

Хотелите во охридско-струшкиот регион се полни до 10 август. Туристи кај нив има главно од Холандија и од Турција, а туристи на минување кои се задржуваат неколку дена има и од Израел и Полска, Франција, па дури и од Аргентина и од Бразил. Хотелиерите, меѓутоа, не очекуваат голема финансиска добивка годинава бидејќи работат со многу пониски цени, во однос на зголемените трошоци, а сезоната наместо во мај им почна во јули. Сепак, тие се надеваат дека со она што ќе го заработат годинава ќе можат да отплатат дел од долговите од претходните две години.

– Имаме преполни хотели што е неочекувано добро по она што го имавме изминатите две години. Хотелите се полни до 10 август, по што очекуваме ваквиот тренд да продолжи и во септември, ако се разбира не се влоши состојбата со ковид-19 и нема нови кризни состојби кои ќе влијаат на патувањето на граѓаните – вели Крсто Блажески, претседател на хотелската асоцијација (ХОТАМ).

Блажески вели дека во хотелите туристи има главно од Турција и од Холандија.

– На охридското крајбрежје можат да се видат и туристи кои агенциите ги носат во регионалните тури и ги има од Израел, Полска и од други земји што е добро за туризмот – додава тој.

Хотелиерите, вели Блажески, се надеваат на добра туристичка година за да исплатат дел од долговите.

– И ако биде добра сезонава нашата финансиска состојба нема да се подобри многу бидејќи скоро секој хотел има долгови направени во текот на двете изминати кризни години. Работиме со цени од пред сезона, а нашите трошоци се зголемија поради цената на струјата, транспортот и повисоките цени на храната. Затоа не очекуваме некакви финансиски добивки. Добро ќе биде, ако успееме да покриеме дел од долговите – вели Блажевски.

И Дончо Нацевски од агенцијата „Арбо травел“ вели дека во туристичките региони во земјава летово може да се почувствува раздвижување што е добро со оглед на лошите две изминати години.

– Иако во помали групи од оние што ги имавме во 2019 година кога имаше групи од 30 луѓе и доаѓаа на 7 дена, годинава се враќаат групите на „Арбо“ од Франција, Германија, Швајцарија и од Полска, а има и индивидуални домашни туристи кои летуваат во Охрид. Тоа значи дека има раздвижување што е добро и за туризмот во земјава, но и за работата на секторот. Бројот на туристи од странство се зголемува и ако направиме споредба со 2019 година, сега сме некаде на 70 отсто од тогаш. Добро е што наши колеги од помали туристички агенции годинава успеаја да донесат и туристи од јужноамериканскиот континент, од Аргентина и од Бразил, како и од Мексико, Шпанија и Португалија со регионални тури. Тоа всушност е и наша цел да опфатиме што поголем број земји од кои ќе носиме туристи во земјава – вели Нацевски.

Тој се надева дека сезоната ќе потрае и наесен иако бројките на болни од ковид растат.

– Да се надеваме дека трендот на повисоки бројки на туристи ќе се задржи и на есен, но со оглед на зголемените бројки на болни од ковид, треба да се очекува враќање на ковид мерките или можеби некакво затворање како во изминатите години. Ќе видиме што ќе се случува – додава тој.

Блажевски, пак, покрај бројките на ковид болни, го загрижува проблемот со недостиг на кадар и воведената практика да се вработуваат и обучуваат деца од 16 и 17 години.

– Околу 15 до 20 отсто од вработените се на возраст од 16 и 17 години. Тие секако се вработени како помошен кадар, но за нас тоа е трошок бидејќи на едно работно место, ако досега еден човек ги извршувал работите сега се потребни двајца. Добро е што има интерес од овие деца за работат за што и се платени, се запознаваат со работата и потоа полесно одлучуваат дали ќе останат во секторот, но на ниво на држава мора да договориме како ќе се одвива плаќањето на нивните плати. Со оглед на актуелните состојби очекуваме владата да исплати 50 отсто од трошоците за плати на овие деца. За ова наше размислување како асоцијација ќе ѝ го доставиме на владата по завршување на сезоната кога ќе направиме анализа и ќе видиме што друго треба да се промени во регулацијата на нашето работење – вели Блажески.

На добра туристичка година се надеваат и угостителите, трговците и сопствениците на соби за издавање кои годинава два пати ги зголемија цените, како што велат, поради зголемените трошоци. Пред сезоната еднодневен престој во соба во Охрид чинеше 1.500 денари, а сега цената се искачи на 2.000 денари.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО