15.9 C
Ohrid
Friday, May 20, 2022

Финска и Шведска можат за брзо да влезат во НАТО

НАЈЧИТАНО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ќе се сретне со претседателите на сите политички партии во Европскиот парламент и ќе разговара за Украина и за безбедноста на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова е првпат генералниот секретар да биде поканет на Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент, во контекст на инвазијата на Украина од страна на Русија и сѐ поизвесната апликација за членство на Финска и Шведска во НАТО.

Финска и Шведска се членки на ЕУ.

Пред почетокот на состанокот, Столтенберг, заедно со неговата домаќинка, Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, пред новинарите порача дека процесот на зачленување на Финска и на Шведска ќе оди бргу, доколку овие две земји поднесат апликации.

– Финска и Шведска ќе бидат примени со раширени раце, тие ни се блиски партнери, силни и зрели демократии, соработуваме со години, интероперабилни се со силите на НАТО и заедно работиме во повеќе мисии и операции на НАТО, ако аплицираат, ќе бидат добредојдени и очекувам процесот да биде брз – рече Столтенберг.

Тој додаде дека не е загрижен за транзицискиот период помеѓу апликацијата и полноправното членство.

– Ќе најдеме аранжман за периодот помеѓу апликацијата и формалната ратификација во сите парламенти, уверен сум дека има начин да се исполни тој период – рече шефот на Северноатлантската алијанса. За него членството на овие две земји ќе биде „силна порака“ дека нивната безбедност е важна за сите 30 земји сојузнички на НАТО.

Мецола од своја страна потсети дека и Европската унија нуди клаузула за заедничка одбрана, преку членот 42.7 на Повелбите на ЕУ, а ЕУ е во разговори за создавање одбранбена унија.

– Земјите членки може да се чувствуваат безбедно, го имаме членот 42.7 кој ги покрива членките кои не се членки на НАТО – рече Мецола.

Столтенберг утрово во Европскиот парламент ќе разговара и за Украина и помошта која ја бара од ЕУ и од Западот.

– По моите разговори со Зеленски дека им е потребна поголема воена помош и ефективна асистенција, ќе продолжиме да повикуваме на дополнителни санкции против Русија и да го набљудуваме применувањето на постоечките пакети санкции – рече Мецола, која пред неколку недели го посети украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО