14.4 C
Ohrid
Tuesday, September 27, 2022

Уште колку спорни историски личности ќе продефилираат во Централниот регистар?

НАЈЧИТАНО

Четири месеци по промовирањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, Министерството за правда го вергла истиот одговор дека во тек е подготовка на Закон за здруженија, граѓански организации и фондации со кој се очекува да се регулира употребата на имиња на историски личности при регистрацијата на граѓански здруженија и организации.

Во меѓувреме беше промовирано ново Здружение за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид, а најавена е и регистрација на Здружението „Цар Фердинанд“ во Богданци.

Формирањето на Здружението „Цар Борис Трети“ предизвика бурни реакции во македонската јавност, а особено голем одек имаше обраќањето на Eврејската заедница и на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија до институциите, кои изразија згрозеност и навреденост од овој чин.

Постојната правна рамка ги регулира овие прашања ама не се почитува

И денес од Министерството за правда го споделуваат истиот одговор како во април – формираната работна група наскоро ќе излезе со драфт верзија на законот.

– Работната група ќе се состане во периодот кој следува, ќе се разгледа анализата и ќе се изготви првична драфт верзија. Во моментов немаат заземено став по однос на воведување регистар, но се очекува ова прашање да се разгледа во наредниот период – велат од Правда.

Оттаму појаснуваат дека работната група ќе ги разгледа сите отворени прашања кои се однесуваат на историските личности. Сепак, оттаму потенцираат дека и со постојната правна рамка, согласно судската пракса, може да се поведе процедура за проверка на организации именувани според контроверзни историски личности.
– Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување – посочуваат од Министерството.

Регистар за забранети имиња – да или не?

Очигледно, Министерството не размислува да донесе посебен закон за забранети личности, ниту таков регистар. А такво нешто уште пролетва побараа некои политичари, ексамбасадори, аналитичари, професори и историчари, како и поранешната министерка за правда Рената Дескоска.

– Јавноста со право реагира. Се постави и прашањето околу тоа кој државен орган дозволил да се регистрира здружение под тоа име. Надлежен за регистрирање на здруженијата е Централен регистар – рече тогаш Дескоска.

Таа објасни дека доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината – согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.

Можноста за давање согласност од роднини била искористена во случајот со регистрирањето на здружението „Цар Борис Трети“.

Дескоска потсети дека во 2019 година Министерството за правда не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов и го известило и подносителот на барањето дека не може да даде согласност за употреба на тоа име. Таа во април повика веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за нивно регистрирање, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или не одобрување на употреба неговото име.

– Ние немаме закон за забранети имиња. Секоја држава има таков закон, а ние немаме. Самото отворање на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ беше една голема провокација – изјави тогаш Мухамед Халили, претседател на Советот на амбасадори.

И професорот по уставно право Јове Кекеновски смета дека треба да се регулира употребата на некои историски личности.

– Оваа материја треба да се регулира. Ние од 1991 година до денес не успеавме да донесеме закон со кој ќе се оневозможи да се промовираат личности кои промовираат антимакедонизам, и истовремено да ја осудиме нивната фашистичка дејност. Правото треба на сите да им овозможи да ги уживаат своите права, а тоа треба и странците да го почитуваат. Државите по војната донесоа закони со кои се штитат од промовирање на фашизмот. Казните во Германија, на пример, се огромни. Во Австрија државата ја откупи куќата на Хитлер за да не се развива политички туризам. Нашата држава можеше навреме да го спречи регистрирањето на установи со името на овој најголем негатор на македонската посебност. Регистер на имиња и симболи има и Германија, ама тоа не значи дека може сѐ да биде опфатено. Се остава на свеста на администрацијата и вработените да реагираат соодветно. Ако некој службеник не знае кој е Ванчо Михајлов, можеле да прашаат во Институтот за национална историја. Не е оправдување да се дозволи регистрација на здружение што го носи ова име – смета Кекеновски.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО