7.9 C
Ohrid
Monday, October 3, 2022

Сѐ уште не се одобрени вакцини за подваријантите на омикрон

НАЈЧИТАНО

Колку старите вакцини кои се направија врз основа на првиот кинески сој на коронавирусот се ефикасни против новите подваријанти на сојот омикрон BA. 4 и BA. 5? Ова прашање се поставува откако Комисијата за заразни болести вчера препорача населението да почне да се вакцинира со четврта доза вакцина против ковид-19. Вакцинацијата со четврта доза е предвидено да се спроведе со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“.

Според д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, во моментов сите податоци покажуваат, дека иако вакцините се произведени за првиот или т.н. кинескиот сој на ковид-19, ја вршат својата функција.

– Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот ковид-19. Ние внимателно ја следиме ситуацијата и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат, зашто вакцините се безбедни и ефикасни – вели д-р Мехмедовиќ.

Тој додава дека се следи состојбата на производителите на вакцини, кои се тркаат со еволуцијата на вирусот за да произведат модифицирани вакцини, но засега нема нови кои се одобрени од американската Администрација за храна и лекови (ФДА), како и од Европската агенција за лекови (ЕМА).

– Не можеме да препорачаме нешто кое нема одобрение за употреба. Доколку се создадат нови вакцини, надлежните органи кај нас треба да обезбедат доволни количини од вакцините кои ќе бидат модифицирани токму за овие подваријанти на омикрон – додава Мехмедовиќ.

Веќе подолго време кај нас, но и во светот се укинати речиси сите ковид-мерки кои беа воведени за да се спречи ширењето на вирусот. Барем засега, во Македонија нема најава да се вратат маските и секој граѓанин сам избира дали ќе носи макса за превенција. Деновиве нагло почна да расте бројот на новозаболени со ковид-19, но иако сѐ уште официјално не се секвенционирани новите варијанти на сојот омикрон, лекарите сметаат дека тие најверојатно се причина за појавата на новиот летен бран.

– Податоците покажуваат раст на бројот на новозаболени со коронавирусот. Ние во Комисијата ги разгледуваме можностите за враќање на некои од превентивните мерки. Сепак, одлучивме тоа да не го сториме. Сметаме дека актуелната состојба, бројот на хоспитализирани, бројот на слободни кревети, како и на починати, во моментов не е причина за дополнително воведување превентивни мерки – изјави портпаролот на Комисијата за заразни болести.

Четврта доза може да примат лицата над 18-годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против ковид-19. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци. Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години.

Од Министерството за здравство во Македонија информираа дека имаат 480.000 вакцини за заштита од ковид, од кои 380.000 од производителот „Фајзер“ и 100.000 од „Модерна“, со рок на траење уште четири месеци или до средината на октомври.

Последните подваријанти што ги загрижуваат експертите се тесно поврзани со сојот омикрон што го поттикна скокот на инфекции зимоска. Тие беа додадени на списокот за мониторинг на Светската здравствена организација (СЗО) во март и беа означени како варијанти на загриженост во Европа.

Производителите „Фајзер“ и „Модерна“ посочија дека не можат да испорачаат вакцини адаптирани на подваријантите BA. 4 и BA. 5 пред октомври, додека експертите предупредуваат дека процесот може дополнително да се забави.

Од друга страна, вакцината наменета за оригиналната верзија на омикрон е поблиску и „Модерна“ и „Фајзер“ почнаа да ја прават, со можност за испорака во текот на летото.

Дали придобивките од тие понови вакцини, кои не се приспособени на најновите подваријанти, ги надминуваат недостатоците на подолгото чекање, зависи точно од тоа кога ќе пристигнат и колкава штета ќе направи вирусот пред тоа, велат научниците, нагласувајќи дека во секој случај, од клучно значење е некоја форма на подобрена вакцина да биде достапна до есен.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО