15.9 C
Ohrid
Saturday, August 20, 2022

Страшен пожар го зафати северниот дел од Атина

НАЈЧИТАНО

Преку порака од бројот за итни случаи 112 од жителите на четири населби беше побарано да се евакуираат поради големиот шумски пожар што кусо по 17 часот избувна во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а огнените јазици веќе предизвикаа материјална штета на куќи, јави дописничката на МИА од Атина.

 

 

Шумскиот пожар започна од планината Пендели и поради силниот ветер брзо се спушти и се прошири кон населените места, а ситуацијата е полоша од претходно и затоа зголемен е бројот на пожарникари кои учествуваат во справување со огнената стихија.

Според портпаролот на противпожарната служба на Грција, Јанис Артопиос во гаснење на пожарот од копно и воздух, интервенираат 350 пожарникари (28 се пожарникари од Романија кои се во Грција), 13 пешадиски тима, 60 противпожарни возила, пожарникари волонтери и цистерни од општините, а периодично интервенираат 15 авиони и девет хеликоптери, и покрај силниот ветер.

 

Артопиос рече дека се мобилизираат противпожарни сили од северна и централна Грција и од Епир за да помогнат во гаснењето на пожарот, а сите противпожарни служби од Атика се во општа готовност.

Паралелно мобилизирани се и полицајци за превентивна евакуација на населби, а засега, нема пријави за заглавени лица во пожарот.

 

 

Од бројот за итни случаи 112 првично, беше испратена порака до жителите на шест населби во близина на пожарот да бидат подготвени за евентуална евакуација, а помалку од половина час подоцна жителите на една од населбите добија нова порака да се евакуираат, по што следеа уште две пораки за евакуација на уште три населби.

Силниот ветер од над осум бофори (над 65 километри на час) брзо го шири пожарот и дополнително го отежнува гаснењето на пожарот.

Се чини дека пред пожарникарите е тешка вечер, со оглед на тоа гаснењето од воздух прекинува кога ќе се стемни, а воздушните средства интервенираат само додека е дење.

Чадот од пожарот е видлив во повеќе делови на Атина.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО