25.9 C
Ohrid
Tuesday, August 9, 2022

Стотка за леб, ќе вивне и цената на брашното

НАЈЧИТАНО

Лебот и во екот на летото поскапе за 8 до 10 денари. Во продавниците не може да се најде леб под 50 денари. ’Ржаниот леб се продава по цена од 93 денари, а интегралниот 84 денари. Белиот леб на парчиња има цена од 56 денари. Маркетите велат дека новите цени се резултат на повисоката производствена цена, а пекарската индустрија се правда дека новата цена на енергенсите главно струјата и гасот кои поскапеа за 100 отсто се виновни за новите цени на нивниот производ.

– Новите цени на лебот се резултат на зголемените трошоци во пекарската индустрија каде што цената на струјата драстично поскапе. Помалите пекарници сега се во четвртата категорија на потрошувачи на струја каде што цената им порасна од 2 на 11 денари. Кај поголемите пекари кои имаат над 1.000 вработени дополнително има и поскап гас. Порано тие плаќаа 55 денари нормален метар, а сега цената им скокна на над 100 денари. Со тоа трошоците се зголемени, а тоа мора да се одрази и на цената – вели претседателот на Асоцијацијата на мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора Горан Малишиќ.

Тој додава дека ако има нови цени на струјата и на гасот до крајот на годината ќе има ново зголемување на цената на лебот.

Според него, моментално цената на брашното како суровина во пекарниците нема промена, но тоа нема многу да потрае бидејќи над 100.000 тони пченица треба да се увезе по берзанска цена.

– На домашниот пазар обезбедивме 55.000 до 60.000 тони пченица и тоа влијае моментално да нема нови цени на брашното, но сѐ ќе зависи од цената на пченицата која моментално се увезува а која има берзанска цена. Ако расте цената на берзата ќе расте и цената на брашното. Овде влијание ќе има и конкуренцијата на увезеното брашно, но мелниците, ако им се исплати ќе работат, ако не ќе затворат – вели Малишиќ.

Тој очекува владата која ги ограничува цените на прехранбените производи и нивните маржи да ги субвенционира енергенсите со цел да се одржи пристојно ниво на цени.

– Нашето барање од претходно за субвенционирање на енергенсите останува. Ако владата може да ги регулира цените на прехранбените производи, тогаш мора да ги помогне компаниите да опстанат. Тоа може да го направи само преку помош која ќе ја даде за енергенсите, бидејќи дел од фирмите нема да можат да ги плаќаат високите сметки и нема да работат. Тоа пак ќе се одрази и на пазарот – додава тој.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО