20.9 C
Ohrid
Tuesday, May 17, 2022

Со симболот на љубовта се бориме против говорот на омраза

НАЈЧИТАНО

Борбата против говорот на омраза е неопходна во нашето општество, и е должност на секој граѓанин, кој како единка има исклучителна важност и значајна улога против дискриминацијата и обезбедување слободно и разновидно општество, е главната порака на заедничката кампања на Европската Унија и Советот на Европа „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“.

Розите како симбол на љубовта и хармонијата, пак, беа главна тема на оваа активност која на едно место ги собра младите активисти, Младите Европски Амбасадори, дел од Амбасадорите против говор на омраза и поддржувачите на кампањата. Иницијатива има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните за различните форми на говор на омраза и дискриминација кои се насочени кон одредени заедници и поединци, како и да промовира различни начини за борба против говорот на омраза, пред сè преку ширење позитивни пораки за прифаќање и почитување на различностите, преку симболично „споделување на љубовта“ со црвени рози.

– Говорот на омраза којшто е изразен во, низ и кон медиумите и новинар(к)ите е особено проблематичен и општеството и сите негови чинители мора да преземат сериозни мерки кон ова, зашто на тој начин, ваквата појава само се пренесува постојано од уво в уво и тоа е причина за нејзино држење во живот, но и проширување. Особено внимание треба да се обрне на говорот на омраза кој е насочен кон новинарките и медиумските работнички, зашто токму овој родов аспект на говорот на омраза ни покажува каде сè ние треба да се посветиме во оваа желба за блокирање на омразата, а споделување на љубовта – истакна новинарот и Амбасадор против говор на омраза Огнен Јаневски.

Денис Јанкуловски, медицински работник, добитник на наградата „Европеец на годината“ за 2021 година и Амбасадор против говор на омраза, смета дека говорот на омраза последниве години, за жал, зема сè поголем замав, премногу лоши зборови излегуваат на површина.

– Тој говор е застапен речиси во секоја тема, насекаде. Невнимателно избраните зборови и тоа како знаат да влијаат врз оние кон кого се насочени, дури и неверојатно е дека постојат такви зборови. Затоа ние мора секојдневно да бидеме што погласни во препознавањето, осудувањето и потиснувањето на овој говор и нашиот глас да биде слушнат. Треба да укажуваме дека многу поубаво секој ќе се чувствува кога говорот ќе му биде исполнет со убавини, со пријатни зборови, со почит кон секого, без разлика што не се согласуваме во некои ставови и размислувања – истакна Јанкуловски.

Лејла Дервишагиќ, раководителка за оперативно работење на Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје истакна дека преку оваа кампања посакуваат да бидат поблиску до граѓаните и да ја испратат пораката дека љубовта е алтернатива на омразата.

– Сите можеме да се бориме против говор на омраза преку споделување на нашите заеднички европски вредности како толеранција, почит кон останатите, љубов и посветеност кон тоа да живееме во општество без омраза – вели Дервишагиќ.

Кампањата за подигање на свеста „Блокирај ја омразата; Сподели ја љубовта“, се спроведува во земјава од декември 2021 година, а е проширена и „онлајн“ преку веб-страницата и каналите на социјалните медиуми, како и преку разни отворени јавни настани. Кампањата вклучува истакнати јавни личности, институции и реномирани активисти за човекови права, кои промовираат разлноликост и еднаквост во локалните заедници и во регионот, преку лични приказни, сведоштва и размена на добри практики.

Кампањата е дел од проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во Северна Македонија”, во рамки на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022″, финансирана од Европската Унија и Советот на Европа.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО