20.9 C
Ohrid
Tuesday, May 17, 2022

Скопје и Софија се далеку од договор

НАЈЧИТАНО

Сè уште нема усогласено решение со Софија како основа за заемно прифатлив договор. Продолжуваат разговорите меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, тврдат властите во Скопје.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека на 22 мај нема да има заедничка владина конференција со Бугарија од причина што агендите не го дозволуваат тоа. Во моментов, додаде тој, министерствата за надворешни работи разменуваат идеи, но нема усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор.

Решение со Бугарија, според Ковачевски, е можно единствено ако тоа се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и на меѓусебна почит меѓу политичарите, институциите и граѓаните.

– Сè додека нема такво решение кое што ќе се базира на овие вредности, нема да има решение. Во моментов, како и во претходниот период, министерствата за надворешни работи разменуваат идеи меѓу себе, меѓутоа нема изгласано заедничко решение кое што може да биде основа за меѓусебен договор и за споделување со институциите во едната или во другата држава – изјави Ковачевски, додавајќи дека разговорите продолжуваат.

Премиерот на Бугарија Кирил Петков, во изјава во петокот, исто така, потврди дека нема да биде потпишан конкретен договор во текот на посетата на бугарската делегација на Македонија на 22 мај.

– Средбата сè уште не е финализирана, но едно е сигурно, ние само го продолжуваме конструктивниот дијалог, но нема да биде потпишано ништо конкретно – изјави Петков.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во обраќањето на меѓународниот собир „Стратешки економски разговори”, порача дека Европската Унија не смее да го заборави Западен Балкан поради кризата во Украина, напротив мора да остане фокусирана на регионот.

– Северна Македонија, како и Албанија, треба да започне преговори за членство во Унијата, но исто така важно е и Украина, Грузија и Молдавија да имаат европска перспектива – рече Маричиќ на форумот организиран од Здружението за развој на деловната мрежа на Југоисточна Европа (СЕЕБДН), додавајќи дека Европската Унија е проект кој дури 80 години подоцна,  е најдобриот повоен одговор и затоа, треба и сакаме да станеме членка на ЕУ.

Во изјава за српската агенција Танјуг, тој го повтори ставот дека украинската криза би требало да биде повик за будење на ЕУ и за поголем ангажман и посветеност на Западен Балкан, да делува активно за да биде јасна нашата европска перспектива.

Тој нагласи дека од почетокот на формирање на новата Влада, се водат интензивни разговори со Бугарија и се работи на реформскиот план со цел пристапните преговори да започнат што е можно поскоро.

– Не се врзуваме со датуми, но очекуваме да се искористи лидерството на претседателот Макрон и на Франција за време на нивното претседателство и да ги започнеме преговорите, бидејќи 17 години сме држава кандидат, ги исполнивме сите услови и реално го заслужуваме тоа, но сепак останува одлуката на Унијата – рече Маричиќ.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера на средба со украинскиот колега Дмитро Кулеба на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Берлин порача дека Европа и светот се соочени со исклучителни надворешно-политички и безбедносни предизвици од геополитички аспект и наједноставниот пат за демонстрирање на стратешкото лидерство на Европската Унија и нејзиниот кредибилитет е преку ефектуирање на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија.

На средби со неговиот црногорски колега Ранко Кривокапиќ, пак, Османи нагласи дека со војната во Украина процесот на проширување на ЕУ добиваат важна, ако не пресудна, безбедносна и геополитичка димензија, посочувајќи го взаемниот интерес на двете држави за членство во Европската Унија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера упати порака до Европската Унија, „како што се обедини околу руската агресија на Украина, да се обедини и околу политичката агресија на Бугарија врз земјава и да ни дозволи конечно да ги почнеме тие преговори за членство без какви било условувања, понижувања и отстапки“.

Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Општина Кисела Вода дали постојат шанси за повлекување на бугарското вето на средбата на претставници на двете влади најавена за 22 мај во Скопје, Мицкоски изјави дека не мисли оти „постојат шанси за достоинствено тргање на ветото“.

Шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан, на средбата со министерот Османи на маргините на министерскиот состанок на глобалната коалиција против Исламска држава во Маракеш, ја подвлече целосната поддршка на Франција за постигнување балансиран и взаемно прифатлив компромис меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Како што информира Министерство за надворешни работи и Европа на Франција по средбата, Ле Дриан потсетил дека Франција е решена, во случај на договор, да организира меѓувладини конференции меѓу Европската унија и Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската унија.

Министерот Дриан ја повтори француската поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и во тој контекст ја спомена конференцијата меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, која ќе ја организира Париз во јуни во рамките на претседавањето со Советот на ЕУ. вг/сп/

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО