15.9 C
Ohrid
Friday, May 20, 2022

Се очекува да овозможи долгорочна енергетска независност

НАЈЧИТАНО

Важноста на новиот терминал за течен гас (ЛНГ) во Александруполи за енергетска независност, ослободување од рускиот гас и диверзификација на изворите, ја истакнаа премиерите на Северна Македонија, Грција и на Бугарија, Димитар Ковачевски, Кирјакос Мицотакис и Кирил Петков, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, за време на свечената церемонија во грчкиот град, по повод почнувањето на реализацијата на изградбата на пловниот терминал за ЛНГ, јави дописничката на МИА од Атина.

Веднаш по поздравните обраќања премиерите на Бугарија и Грција го потпишаа Договорот за започнување на реализацијата на проектот.

Премиерот Ковачевски во обраќањето рече дека „ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката“ и дека станува збор за проект за „долгорочна енергетска независност за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време“.

Тој додаде дека користењето нови извори на енергија и замената на јагленот со гас се нашите најважни стратешки интереси.

Грчкиот премиер рече дека присуството на балканските лидери на манифестацијата го претставува единството на Балканот, но и дека „нашиот полуостров може да има свое место во стратегијата за енергетска транзиција на целиот континент“.

Мицотакис истакна дека со овој, но и со други планирани проекти набргу ќе може рускиот гас да се замени со други извори, а конкретните земји може да имаат клучна улога на новата енергетска мапа.

Осврнувајќи се на присуството на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Мицотакис рече дека тоа ја симболизира европската димензија на овој проект“, кој е „со важен геополитички отпечаток“.

Мишел, од своја страна, рече дека новиот терминал нема да помогне само во енергетската независност, туку ќе придонесе во долгорочните цели за климатските промени, а овој проект испраќа јасна порака дека ја земаат судбината во свои раце.

– Не седиме и разговараме за стратешката автономија, туку сме активни, сите заедно, со нашите пријатели од Балканот сакаме да ја изградиме нашата заедничка иднина – рече Мишел.

Бугарскиот премиер Петков истакна дека е потребно земјите да работат заедно, потенцирајќи дека „економскиот притисок на Кремљ врз Бугарија и Европската унија нема да успеат“. Споменувајќи го денешниот настан како доказ за тоа, Петков додаде дека Грција и Бугарија со поддршка на европските институции ги поставуваат темелите за интерконекторот меѓу двете земји што „ќе ја смени енергетската мапа на Европа“.

Претседателот на Србија Вучиќ се осврна на потребата за взаемна соработка, нагласувајќи дека со поддршка на ЕУ земјите од регионот ќе успеат да ги надминат сите тешкотии.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО