2.1 C
Ohrid
Monday, November 28, 2022

Расте стравот на граѓаните дека нема да можат да излезат на крај со високите цени на храната, струјата, горивото

НАЈЧИТАНО

Расте стравот на граѓаните дека нема да можат да излезат на крај со високите цени на храната, струјата, горивото… Тие се жалат дека и покрај владината мерка за ограничени маржи на прехранбените производи секојдневно се соочуваат со нови повисоки цени. Дел од нив веќе се зголемени за 100 отсто. Владата и покрај преземените мерки е немоќна да го запре трендот. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави повторно ограничување на цените и на маржите, но не кажа кога овие мерки ќе се случат и кои производи ќе бидат со ограничени цени, а кои со ограничени маржи. Мерката за ограничување на профитната маржа е продолжена до крајот на годината.

Учесниците во процесот на раст на цените секој од своја страна со објаснување. Трговците молчат, земјоделците и граѓаните негодуваат, а бизнисот вели дека има високи трошоци и тие мора да ги вградат во цената на производот, ако не сакаат да пропаднат. Но како нивниот производ и покрај ограничените маржи добива и до двапати повисока цена во трговските објекти, велат, е прашање на контрола на оној кој ги донел мерките.

Економистите, пак, додаваат дека претходните ограничувања на цените на производите дури сега се почувствуваа во маркетите и затоа се потребни комбинирани мерки на фискалната и монетарната власт.

Граѓаните се револтирани од секојдневниот пораст на цените.

– Исто е цела година. Шетаме од маркет во маркет за да пронајдеме производ по пониска цена, но нема. Ако денеска си нашол поевтин производ, утре во истиот маркет ќе видиш залепена повисока цена. Трговците како да се натпреваруваат кој ќе закачи повисока цена на ист производ. Велат, производителите ги покачиле цените. Тогаш зошто истиот производ кај различен трговец е со друга цена? Која маржа пресметува едниот а која другиот – вели граѓанин.

Земјоделците кои подолг период се незадоволни од откупнните цени на своите производи, притиснати од повисоките трошоци и огромната разлика во цената што ја гледаат во трговските објекти, веќе почнаа сами да ги продаваат своите производи. Дел од нив покренаа иницијатива за таква продажба на социјалните мрежи која е прифатена и од граѓаните.

– Да, таа иницијатива е добра. Барем на ваков начин преку директно купување од земјоделците, ќе се обидеме да им ставиме до знаење на трговците да не си играат со нас. Веќе нарачав директно од земјоделците, а цената е реална. Барем парите ќе одат кај оној кој се мачи да произведе, наместо кај трговците профитери – вели друг граѓанин.

Бизнисмените кај кои цената на репроматеријалите, струјата и транспортот драстично пораснаа отворено кажуваат дека и цените на нивните производи ќе се зголемат. Таков беше случајот со преработувачите на млеко.

– Од една страна има висока инфлација над 16 отсто, високи цени на струјата и најава за уште повисоки и нормално е фирмите да ја вградат претпоставената инфлација во цената на производот. Ако не го направат тоа ќе бидат соочени со проблем да ги платат следните нарачки на репроматријали и да не можат да ги плаќаат сметките за струја. Ако не сакаш да ја затвориш фирмата за кусо време, мораш да размислуваш и да се однесуваш пазарно – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

 

ТРГОВЦИТЕ ЈА КОРИСТАТ СИТУАЦИЈАТА ЗА ПРОФИТ

Според Димитров, очигледно е дека дел од работодавачите, во случајов трговците, ја користат ситуацијата и сакаат да заработат многу повеќе од дозволеното.

– Во основа мислам дека проблем е мерката која ја донесе владата а со која се ограничија профитните маржи. Овие маржи тешко се контролираат и не знам како инспекторите, доколку вршат контроли ги контролираат. Сметам дека многу подобро би било да се ограничат трговските маржи, не на профитните како што е сега. Притоа треба да се утврди методологијата на утврдување на цените кај трговците. Да се утврди колку (2,3,5 отсто) трговците можат да ја зголемат цената која ја добиваат од производителот. Така полесно ќе се врши контрола, а цените нема да растат многу – додава тој.

За најавата за повторно ограничување на цените на одделни производи, Димитров вели дека ако се носи треба да биде со ограничено времетраење, бидејќи ако е на подолг рок, трговците ќе изгубат интерес да продаваат производи од кои нема да заработуваат.

– Тогаш во продавниците ќе имате сè друго произведено од брашно, колачи, бурек, кифли …, но не и леб чија цена ќе биде ограничена. Трговците нема да сакаат да продаваат производи на кои нема да заработуваат – појаснува тој.

Министерот за економија денеска изјави дека се подготвуваат мерки за помош на најранливите категории граѓани, а ќе се донесат и соодветни мерки во делот на замрзнувањето на цените и на маржите. Но, тој не кажа за кои производи ќе бидат ограничени цените, а за кои маржите и кои маржи.

Од Министерството за економија велат дека врз основа на состојбата на терен при инспекција кај трговците на големо и трговците на мало кои вршат продажба на основните прехранбени производи од страна Државниот пазарен инспекторат ќе се оцени дали ќе се прошири опфатот на производи за кои ќе се пропише трговска маржа.

Оттаму додаваат дека мерката за ограничени маржи е продолжена до крајот на годината, а овој инструмент треба да ги ограничи цените на производите, но не може да го намали дејството врз цените од растот на увозните и берзанските цени.

– Со примена на трговските маржи како инструмент за контрола на цените се врши ограничување на цените бидејќи во висината на трговските маржи се опфатени трговскиот профит и оперативните трошоци на трговците. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци. Воедно, во Одлуката јасно е пропишано дека се забранува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици – појаснуваат од Министерството за економија.

Владините претставници апелираат производителите и трговците да се однесуваат соодветно на состојбата и да не прават профити како резултат на кризата, а што сведочат и резултатите од работењето на некои од производителите и трговците.

Економистите, пак, велат дека моментално се потребни координирани мерки на владата и Народната банка за зауздување на инфлацијата. Владата треба да ги донесе најавените таргетирани мерки, а централната банка да ги искористи инструментите наменети за тоа.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО