22.9 C
Ohrid
Friday, August 12, 2022

Причини за незадоволство од поштенските услуги

НАЈЧИТАНО

Главни причини за незадоволство од поштенските услуги кај физичките лица во државава се застарени процедури и цените на поштенските услуги, одговор даден од 58 проценти од испитаниците во истражувањето за потребите на корисниците на поштенските услуги, спроведено за потребите на Агенцијата за пошта. Незадоволство со 42 проценти е искажано и поради проблемите со нередовна односно несоодветна достава.

Брзината на доставата на поштенските пратки е основата за дефинирање на квалитетот на обезбедување на поштенските услуги и за ова прашање се изјасниле исто дури 83 проценти од испитаниците, по што следи локацијата на поштенските единици со 64 проценти и 54 проценти цената за поштенската услуга.

Седумдесет проценти од испитаниците не се запознаени со постапката за поднесување на рекламации кај давателот на поштенски услуги за изгубени, оштетени поштенски пратки и пречекорување на рокот за достава, а само една третина 30 проценти изјавиле дека се запознаени со оваа постапка.

Најкористени поштенски услуги се финансиските трансакции со 64 проценти, по што со 53 проценти следуваат услугата подигање пакет и со 48 проценти подигање препорачани пратки. Локацијата на поштенската единица е основна причина за посета на избраната поштенска единица и таа е пoсетена од 52 проценти од испитаниците еднаш месечно. Дури 64 проценти од корисниците рекле дека немаат предлог како да се подобрат условите за пристап до поштенските услуги.

– Педесет и осум проценти од испитаниците се изјасниле дека немаат поштенско сандаче, додека 46 проценти се донекаде задоволни од поставеноста на поштенската единица до нивниот дом. Шеесет и шест проценти од испитаниците сметаат дека е добро и корисно давателот на универзалната услуга да ги обезбедува своите услуги не само во нивните деловни простории преку нивниот персонал, туку и преку договорни пошти (приватни продавници, продажни места, трговија, бензински пумпи) – наведува АП во објавените резултати од истражувањето.

Според истражувањето, 64 проценти од испитаниците воопшто не испраќаат писма на месечна основа, три проценти испраќаат повеќе од пет писма, додека 62 процента не испраќаат пакети, а 46 проценти примаат до два пакета годишно на свое име.

Во однос на типот на писмата 49 проценти од испитаниците изјавиле дека тоа се само сметки. Педесет и два процента од испитаниците рекле дека користат електронска наплата на сметки, 41 процент од корисниците се изјасниле дека не го намалиле користењето на поштенските услуги заради електронската пошта, додека 57 проценти се изјасниле дека заради електронската пошта помалку користат поштенски услуги.

На прашањето поврзано со цената на писмото кое изнесува од 25 денари 51 процент од испитаниците се многу или донекаде задоволни, 32 проценти ниту се задоволни ниту се незадоволни. Во однос на доставата 53 проценти од испитаниците сметаат дека е доволно доставата да биде три пати во неделата или секој втор работен ден, а 47 проценти сметаат дека достават треба да биде пет дена во неделата.

Што се однесува за прашањето за деновите 51 процент од корисниците сметаат дека е во ред доставата на поштенските пратки на домашна адреса во сабота да се врши што е и оправдано сметајќи дека луѓето се дома во споредба со работните денови.

Дваесет и шест проценти од испитаниците нарачуваат пратки преку интернет и примаат до пет пратки годишно во внатрешен поштенски сообраќај, а преку социјалните мрежи 44 проценти нарачуваат до две пратки во месецот за кои 61 процент плаќаат во готово при прием на пратката.

Во однос на важноста на поштенските услуги за време на пандемија 68 проценти од испитаниците се согласуваат дека поштенските услуги се важна гранка во услови на пандемија, од причина што поштенските услуги се едни од единствените начини на комуникација каде е ограничено движењето.

Истражувањето за задоволството од поштенските услуги кај деловните корисници покажува дека 60 проценти од испитаниците најчесто користат услуги на прием и подигање на писма, сметки, на домашна адреса, 62 проценти за подигање на препорачана пратка, пратка со означена вредност или пакет при посета на поштенска единица.

Генерално деловните корисници се задоволни од поштенските услуги, бидејќи 41 процент изјавиле дека се донекаде, 23 проценти дека се многу задоволни, 26 проценти се неутрални, додека 8 проценти се донекаде незадоволни, а 2 проценти многу незадоволни. Како основни причини за своето незадоволство ги наведуваат проблемите со доставата дури 83 проценти, како и застарените процедури 61 процент.

За разлика од физичките лица, кај деловните корисници е повисок процент (43 проценти) на тие кои изјавиле дека се запознаени со постапката за поднесување рекламации кај давателот на на поштенски услуги за изгубени, оштетени поштенски пратки и пречекорување на рокот за достава, а 56 проценти од корисниците немаат поднесено рекламација по одредена поштенска услуга.

Триесет и еден процент од деловните испитаници изјавиле дека не нарачуваат преку интернет, ниту преку социјални мрежи, а подеднаков процент од околу 35 проценти услугите ги плаќаат во готово при самиот прием на пратката или електронски со платежна картичка при самото нарачување на пратката. Висок процент од 80 проценти деловните корисници се изјасниле дека користат електронска наплата на сметки, стои во истражувањето.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО