26.9 C
Ohrid
Tuesday, July 5, 2022

Предлогот на Макрон е огромна можност за Македонија, ама си бара жртва

НАЈЧИТАНО

Ретка можност е претставник на една голема сила во Европската Унија кон којашто се стремиме да ги понуди своите услуги иако е свесен за стотиците неуспешни посредувања помеѓу балканските политичари низ минатото. Францускиот претседател Емануел Макрон практично го става на тест својот политички кредибилитет, а тоа во меѓународната политика не е воопшто мала работа.

Вака првиот министер за надворешни работи Денко Малески гледа на работите откако Макрон вчера изјави дека е подготвен да одржи состанок со Скопје и со Софија во Париз со цел конечно решавање на билатералниот спор, но како што рече, средбата со претставниците на државниот врв на Македонија и на Бугарија ќе се случи тогаш кога ќе дојде време за тоа.

Кога Макрон вели дека средбата ќе се случи тогаш кога ќе дојде време, тоа значи дека недели се во прашање, а не месеци или години.

Денко МалескиПрв министер за надворешни работи

– Предлогот на францускиот претседател има голема тежина, особено поради фактот што во целата оваа работа прсти има замешано и Америка. Кога Макрон вели дека средбата ќе се случи тогаш кога ќе дојде време, тоа значи дека недели се во прашање, а не месеци или години. Тој е спремен да го стави својот авторитет во служба на почеток на преговорите во текот на француското претседателство. Ова навистина е еден голем преседан, кој, имајќи ја предвид тежината на Франција, скоро и да гарантира почеток на преговори – објаснува Малески за Плусинфо.

Тој посочува дека во моментов постои едно големо прашање, а тоа е: која е улогата на Македонија и на Бугарија во процесот?

– Кога македонскиот премиер Димитар Ковачевски и бугарскиот претседател Румен Радев велат дека не постои француски предлог, јас не сум сигурен дека и двајцата воопшто разбираат дека компромисот не е некое убаво испечено француско јадење коешто ќе ги засити и ќе ги задоволи и Бугарите и Македонците, туку компромисот во меѓународните односи се дефинира како голтање жива жаба од страна на политичарите. Ете тоа е дефиницијата. Има ситуации како што е оваа сега, а кога политичарот треба да голтне жива жаба во корист на перспективата на сопствената држава и на сопствениот народ – вели нашиот соговорник.

Според Малески, потегот и изјавата на Макрон никако не треба да се сфаќаат како нов пораз, односно како нова корпа што ЕУ ѝ ја удира на Македонија од глава.

– Ова е неверојатна можност за Македонија во меѓународната политика, ама под услов да се разбере меѓународната политика. А кој не знае и кој не ја разбира меѓународната политика, тој ќе продолжи да си зборува и да го бара виновникот кај сите други освен кај самиот себеси. Но, секоја посериозна анализа на меѓународната политика ќе покаже дека ова не само што не е корпа, туку е и огромна шанса за нас – објасни Малески.

За потсетување, францускиот претседател Емануел Макрон, по синоќешните телефонски разговори со бугарскиот претеседател Румен Радев и со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, соопшти дека е подготвен да ги пречека во Париз „кога ќе дојде време“ властите од Бугарија и од Македонија со цел да се склучи билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.

Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, „веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји“, потсети Елисејската палата по разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Димитар Ковачевски.

За време на разговорите, Емануел Макрон ја изразил својата „целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на Македонија“.

Софија го блокира пристапувањето на Македонија во ЕУ од ноември 2020 година поради спорови поврзани со јазикот и со историјата. Пред оваа бугарска блокада, земјава со години се соочуваше со ветото на Грција која не го прифаќаше името Македонија, кое исто така е име на нејзината северна провинција, гледајќи го како узурпација на нејзиното историско наследство. Атина го укина ветото во 2018 година кога на името на земјата беше додадена додавката „Северна“.

Пет земји во моментов се официјално кандидати за ЕУ: Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Турција. Во 2019 година, Емануел Макрон стави вето, со уште две земји-членки, на отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија, со барање да биде усвоена нова методологија за пристапување во ЕУ.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО