2.9 C
Ohrid
Sunday, November 27, 2022

Превозниците задоволни од средбата со Советот, но нема да возат

НАЈЧИТАНО

Приватните превозници добиле ветување од Советот на град Скопје дека ќе стори сѐ што е во негова надлежност за да се надмине проблемот со кој се соочуваат превозниците.

Претседателот на Здружението на приватни превозници „Слобода превоз” Ленин Јовановски во изјава за медиумите дадена по средбата со советниците на град Скопје, рече дека автобусите на приватните превозници нема да возат се додека не се реши проблемот. За тоа дали ќе протестираат, ќе одлучат дополнително.

– Целта на оваа средба е постигната. На следната седница што ќе се одржи во понеделник преку советнички прашања ќе побараат одговори на сѐ она што ние не можеме да го добиеме. Советот во рамки на неговите надлежности ќе направи сѐ за надминување на оваа состојба. Добро е што сите претставници на советниците сакаат да се реши ова – изјави Јовановски.

Првиот човек на „Слобода превоз“ уште еднаш повтори поради нарушените односи со Градот Скопје, ЈСП Скопје и градоначалничката Данела Арсовска ќе бидат поднесени тужби онаму каде што им се нарушени правата и обврските и истите ќе ги бараат преку правните механизми за наплата на долгот.

Останува, како што рече, проблемот со ЈСП кое ги одложува исплатите кон приватните превозници.

– Инаку во ЈСП Скопје се работи за немање на средства, сепак изнаоѓањето на решение мора да биде во тоа Јавно сообраќајно претпријатие и да побара од Советот дополнителни средства која ќе биде уплатена за да може да ги сервисираат долговите кон нас – рече Јовановски.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, по средбата, изјави дека сакаат да ја слушнат и втората страна, градоначалничката Арсовска, и сето тоа ќе се случи во понеделник.

– Сериозноста која ја прикажаа координаторите на советничките групи беше на високо ниво и речиси сите советници беа застапени на оваа средба. Од првозниците разбравме дека проблемите ескалираат по јули оваа година, кога се запираат исплатите за спорните месеци. Ние немаме надлежност за решавање на спорот, а повеќето координатори најавија на седницата во понеделник ќе поставуваат прашања до градоначалникот и до службите за да ја слушнеме и другата страна за да бидеме информирани во детали – рече Славевски по средбата.

Тој рече дека тие имаат надлежност врз ЈСП, но не и врз приватните превозници. Тие префрлиле пари на ЈСП, но тука завршувала нивната надлежност.

Веќе петти ден приватните превозници не сообраќаат поради неисплатениот долг на Јавното сообраќајно претпријатие кон нив.

Имено, пред пет дена беше соопштено дека автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата, а потоа беа исклучени и приградските линии 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73. Веќе подолго време не возат и автобусите на вториот превозник „Макекспрес“ кои сообраќаат на линиите 19, 20, 22, 53 и 54.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО