8.5 C
Ohrid
Sunday, December 4, 2022

Првиот човек на Светска банка предупредува: Глобалната рецесија тешко ќе се избегне

НАЈЧИТАНО

Претседателот на Светска банка Дејвид Малпас предупреди дека руската инвазија на Украина може да предизвика глобална рецесија поради зголемените цени на храната, енергијата и вештачките ѓубрива и е загрижен поради забавувањето на кинеската економија, пренесоа британските медиуми.

Малпас на деловната конференција во средата рече дека ќе биде тешко да се „избегне рецесија“, пренесува Би-Би-Си. Тој, исто така, рече дека „заклучувањето“ на голем број градови поради коронавирусот во Кина предизвикува загриженост за забавувањето.

Неговите коментари се најнови во серијата предупредувања за зголемен ризик од пад на активноста во светската економија.

„Ако го погледнеме светскиот БДП… сега е тешко да се очекува дека ќе избегнеме рецесија“, рече Малпас, без да даде конкретни проценки, додавајќи дека само удвојување на цените на енергијата е доволно за да предизвика рецесија.

Минатиот месец, Светска банка ја ревидираше својата проценка за глобалниот економски раст оваа година за речиси цел процентен поен, на 3,2 отсто.

Малпас, исто така, рече дека многу европски земји се уште се премногу зависни од Русија за нафта и гас, додека западните земји се залагаат за планови за намалување на нивната зависност од руската енергија.

На виртуелната конференција на Американската стопанска комора, Малпас исто така предупреди дека руските потези за намалување на снабдувањето со гас може да предизвикаат „значително забавување“ во регионот.

Повисоките цени на енергијата веќе ја оптоваруваат Германија, најголемата економија во Европа и четврта по големина во светот, потсети тој, додавајќи дека земјите во развој се тешко погодени од недостигот на ѓубрива, храна и енергија во исто време.

Тој изрази загриженост поради „заклучувањето“ поради короната во некои од најголемите градови во Кина, вклучително и финансискиот, производствениот и бродскиот центар Шангај, што го забавува растот на светската економија.

„Кина веќе имаше одредена криза на пазарот на недвижности, така што проценката за економскиот раст на Кина за 2022 година е значително намалена дури и пред руската инвазија“, рече Малпас.

Во средата, кинескиот премиер Ли Кечијанг рече дека втората по големина економија во светот била посилно погодена од последниот круг на карантин отколку на почетокот на пандемијата во 2020 година.

„Некои провинции пријавуваат само 30 отсто од повторно отворени бизниси… односот мора да се зголеми на 80 отсто за краток временски период“, рече тој.

Целосни или делумни блокади беа воведени во март и април во десетици кинески градови, вклучително и Шангај, а овие мерки предизвикаа нагло забавување на економската активност низ целата земја. Во последните недели официјалните бројки покажуваат дека се погодени големи делови од економијата, од производство до трговија.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО