16.1 C
Ohrid
Saturday, August 13, 2022

Пратениците заминаа на пауза

НАЈЧИТАНО

Собранието втор ден расправа по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година. Расправата ќе продолжи во 15:30 часот по завршувањето на редовната пауза.

И денешната расправа се одвива на ист начин како вчерашната. За збор се пријавуваат пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и говорат против францускиот предлог, а кога ќе се пријават пратеници од СДСМ за реплика во салата има неподнослива бука предизвикана од вувузели, труби и свирки со кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги попречуваат да говорат.

– Овој лист не е ни основа да се држи седница. Со него ќе ја погребите државата. Ако Преспанскиот договор помина сега ви се случува револуција – порача Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор.

-Граѓаните прашуваат во чие име преговаравте и договарате – праша таа и на говорница го искина предлогот.

Во реплика Даниела Николова од СДСМ рече дека станува збор за антиевропска коалиција која по секоја цена сака да дојде на власт. Додека говореше постојано се слушаше бука од вувузели, труби и свирчиња исто беше и при сите реплики од пратениците од СДСМ.

Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ во обраќање истакна дека и денеска и во иднина нашата држава останува буре барут во Европа.

Посочи дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и народ и има континуитет во неговото негирање. Нејзината идеа, посочи, е дека никогаш не постоел македонски  јазик. Затоа во преговарачката рамка ќе стави дека не постои и дека е дијалект на бугарскиот јазик и ќе инсистира на прифаќање на нивната вистина за историјата.

– Или треба да прифатите се што и одговара на Бугарија или никогаш да не влеземе во ЕУ. Заслужуваме како сите држави да ги имаме истите правила, во спротивно остануваме буре барут – рече Трајанов.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ во говорот рече дека со прифаќање на францускиот предлог проблемот што го имаме со Бугарија од билатерален станува мултилатерален.

– Со усвојување на едно пусулче кои го нарекувате информација ќе го остварите 100-годишниот сон на Бугарите и само ќе им дадете можност на министерот за надворешни работи и на премиерот да се сликаат – рече Ласовска.

Во реплика Ненад Коциќ од СДСМ истакна дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица свират затоа што, како што рече „го лажат народот затоа што сакаат да ја запалат Македонија“. За тоа, како што посочи, се добро платени од странски служби.

– Ја лажат јавноста затоа што им смета дека македонскиот јазик ќе влезе во ЕУ и затоа што Македонците со својот идентитет ќе влезат во ЕУ и затоа што успеавме македонската историја да не биде дел од преговарачката рамка, нагласи Коциќ.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ порача дека за францускиот предлог Владата треба да има широка поддршка што, како што рече, ја нема.

– Македонија треба да се воздржи од почнување на преговори по секоја цена бидејќи ова што го добиваме како францускиот предлог на преговарачка рамка не е предлог за отворање на преговорите, туку е за отворање на Уставот, а вие знаете дека отворањето на Уставот нема да помине. Со тоа влегувате во процес кој на Македонија ќе и донесе дополнителни внатрешно политички тензии и дополнително  затегнување на односите со Бугарија – посочи Милошоски.

Тој нагласи дека нема никаква гаранција дека земјава ќе влезе во ЕУ со договорот кој го нарече резултат на неуспехот на лошата дипломатија.

Марија Георгиевска од СДСМ во реплика, пак, го оцени однесувањето на опозицијата како обид по секоја цена да се смени власта дури ако треба и со жртви. Нејзината сопартијка Жаклина Лазаревска, исто така, во реплика рече дека е очигледно оти опозицијата ја губи битката со аргументите и затоа се обидува со свирење и правење циркус да го сокрие тоа.

Љупчо Димовски од СП во своето обраќање истакна дека за него не се прифатливи договорот, информацијата и заклучоците и оти нема намера да гласа за уставните измени кои ќе следат по ова.

– Премиерот најави широки консултации, но не смогна храброст да ја покани и Социјалистичката партија за да размениме мислења, информации и ставови и да се обидеме во конструктивен дијалог да го разубедиме да не влегува во ова апокалиптично сценарио – рече Димовски.

Според него, со францускиот предлог се поставува прашањето дали земјава аплицира за влез во Бугарија или за влез во ЕУ.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ го оцени францускиот предлог како ултимативен, срам и капитулација и со него, како што рече, ќе заглавиме во бугарскиот шовинизам.

– Преговарачката рамка не обезбедува европска иднина, туку асимилација и бугаризација. Нема Македонија да почне преговори, а ќе ги почне Албанија и тоа треба да му го кажете на народот. Со рамката не се штитат нашите интереси, туку за да станеме членки во ЕУ мора да се бугаризираме – нагласи Стојановски.

Павле Трајанов од ДС во својот говор посочи дека е за влез на земјава во ЕУ, но тој пат, како што кажа, е доста тежок, а во изминатите 10 години веќе се направени тешки отстапки.

– Како што поддржувавме Македонија да биде дел од НАТО сега поддржуваме да биде дел од ЕУ. Тој процес долго време е блокиран, првично од Грција, потоа од Франција, а сега од Бугарија. Јасно е дека долго ќе чекаме пред вратата – рече Трајанов.

Тој порача дека требаше од Владата да бидат предложени прифатливи заклучоци за сите пратеници и ги презентираше предлог-заклучоците изработени од ДС за кои рече дека во себе содржат дел од заклучоците на СДСМ и дел на ВМРО-ДПМНЕ. Додека говореше тој воопшто немаше бука во собраниската сала иако е дел од владејачкото мнозинство.

По неговото излагање следеше серија реплики од пратениците од опозицијата во кои му порачаа дека иако неговите ставови се против францускиот предлог тој се уште стои во Владата и контра реплики од Трајанов кој рече дека народот гледа и суди и додаде дека нема да поддржи уставни измени ако нема реципроцитет од бугарска страна, односно барем да ги прифатат и спроведат пресудите од Стразбур за Македонците во Бугарија.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО