2.1 C
Ohrid
Monday, November 28, 2022

Почнува новата концертна сезона на Филхармонија

НАЈЧИТАНО

Со концертот „Зорина“, на 6 октомври почнува новата концертна сезона на Филхармонија.

Новата концертна сезона годинава има нов слоган насловен „Дамар на слободата“. Како што посочи директорката на Филхармонија Тина Иванова на денешната прес-конференција, самиот слоган значи пулс на слободата, или пулсирање кое соодвествува и со музиката, но и со начинот на живеење.

– Македонската Филхармонија на секоја концертна сезона и дава ново име. Ако минатата година нашиот слоган беше „Филхармонија во движење“, и тоа значеше дека Филхармонија не застана со работа и покрај ковид-пандемијата, оваа година слоганот е „Дамар на слободата“. Во текот на целата година ќе имаме мошне разновидна програма, ќе биде своевидно надоврзување на претходната сезона во однос на изборот на делата – рече Иванова.

Сите концерти во новата сезона, како што објасни Иванова, се насловени со архаични изрази, со тенденција да се збогати македонскиот јазик. Насловот на „Зорнина“ симболизира нов почеток или раѓање на нова зора, на нова концертна сезона.

– Свеченото отворање ни носи фантастичен диригент од Исланд, Гунди Емилсон, маестро кој за првпат ќе застане зад диригентскиот пулт со македонската Филхармонија, а како солисти ќе настапат двајца врвни пијанисти Алексеј Володин и Едит Пења од Шпанија и од Русија, добро познати имиња во светот на класичната музика и тоа ќе биде вечер посветена на Моцарт, исто така ќе биде изведена и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“  – додаде Иванова.

За првпат македонската Филхармонија почнува соработка со Кинотеката на Македонија, па така следната вечер, на 5 октомври ќе биде прикажан филмот „Амадеус“ на Милош Форман во Кинотеката.

Со концертот насловен „Далга“ кој ќе биде изведен и во Скопје на 12 октомври, оркестарот на Филхармонија ќе гостува и во Белград на 16 октомври. Диригент на овој концерт е маестро Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи Рафаел Агире на гитара од Шпанија. На програмата се дела од Петровски, Родриго и Чајковски.

– Гостувањето во Белград е од исклучително значење за нашата институција, историски настан за нас – рече Иванова.

До крајот на годината со оркестарот на Филхармонија ќе настапат диригентите Кондрад ван Алфен, Емил Табаков, Борјан Цанев, Виктор Митревски, а како солисти ќе настапат и голем број македонски солисти – виолнистите Владимир Костов и Даниел Лазаревски, чембалистката Цветанка Созовска, тенорот Благој Нацоски.

Исто така, во рамки на програмата до крајот на оваа година е и концертот за деца „Магичен глас“ како и концертот „Омаж за маестро Александар Џамбазов“ кој ќе се реализира во рамки на програмата на фестивалот „Денови на македонската музика“.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО