23.9 C
Ohrid
Monday, May 23, 2022

Потпишан договор за поконкурентна, одржлива и поотпорна рурална економија

НАЈЧИТАНО

Нова петгодишна Програмска рамка се потпиша денеска од страна на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) и Република Северна Македонија, при што двете страни се обврзаа да ги продолжат заедничките напори за постигнување поконкурентна и поотпорна рурална економија која поттикнува создавање на работни места и инклузивен, зелен раст.

Договорот го потпишаа министерoт за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и заменик регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, Набил Ганги во рамки на нивната денешна средба со генералниот директор на ФАО, Кју Донгју.

Приоритетите на новата Програмска рамка на ФАО за Северна Македонија за периодот 2021–2025 година се во согласност со приоритетите на Владата, Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021 – 2027 и Рамката за соработка за одржлив развој меѓу Северна Македонија и Обединетите нации 2021 – 2025, во насока на трансформирање на системот за храна и усогласување на земјоделството и руралната економија со стандардите на Европската унија и Целите за одржлив развој.

– Оваа рамка е продолжување на долгогодишното партнерство меѓу ФАО и Северна Македонија и нашите заеднички напори за унапредување на развојот на земјоделството, зајакнување на малите земјоделци и семејните земјоделски стопанства и инвестирање во одржлива иднина и сигурност на храната за македонскиот народ – изјави Ганги.

Според министерот Николовски, соработката со ФАО е интензивна, се спроведуваат многу заеднички проекти кои се од огромен интерес за државата.

– Подготвени сме да ги продолжиме активностите и одличната соработка со ФАО преку која Министерството, Владата и граѓаните на нашата држава директно на терен го гледаат бенефитот. Ќе го спомнам само успехот кој го направивме со тековните проекти за консолидација на земјоделското земјиште во рамките на Националната програма за консолидација, со кои направивме историско придвижување во подобрување на структурата на земјоделското земјиште, што крајно придонесе за намалување на трошоците и зголемување на приходите на земјоделците – рече Николовски.

Од Канцеларијата на ФАО во Скопје потенцираат дека земјоделството е еден од клучните економски сектори и значаен работодавач во руралните средини, со 12 отсто од бруто домашниот производ и околу 22 отсто од вкупната вработеност.

– Сепак, бројни предизвици влијаат на развојот на секторот, меѓу кои расцепканоста на земјоделското земјиште, ограничен пристап до инфраструктура, земја, вода, енергија, знаење и финансиски услуги, слаби вредносни синџири и ранливост на климатските промени. Имајќи го ова предвид, ФАО е подготвена да ја поддржи Северна Македонија во две главни области – градење на посилна рурална економија во согласност со стандардите на ЕУ, со фокус на малите земјоделски стопанства и жените фармери; и унапредување на климатската акција, природните ресурси и управувањето со ризиците од катастрофи – наведува Канцеларијата и додава дека ФАО ќе ја поддржи Владата на Северна Македонија во развој на ефективни политики и овозможување инвестиции за рурална трансформација, подобрување на структурата на земјоделското земјиште и мобилноста на пазарот на земјиште, модернизирање на производството, зајакнување на вредносните синџири и овозможување климатски паметно, отпорно земјоделство.

Ќе продолжи и поддршката на Министерството за земјоделство во спроведување на тековните проекти за консолидација на земјоделското земјиште во рамките на Националната програма за консолидација на земјиштето и нејзино понатамошно проширување на национално ниво, како и спроведување на други инструменти за пазарот на земјиште.

– Преку споделување на знаење и јакнење на капацитети, ФАО ќе му помогне на МЗШВ и на другите релевантни партнери во развој на политики и мерки за подобрени советодавни, ветеринарни и фитосанитарни услуги, како и во напорите за усогласување на управувањето со здравјето на животните, безбедноста и квалитетот на храната со стандардите на Европската инија, во насока на задоволување на домашните потреби, како и соочување со предизвиците во глобалните прехранбени синџири. Во рамки на вториот приоритет на програмата, ФАО ќе ги поддржи напорите на земјата за климатска акција. Ова вклучува одржливо управување со природните ресурси (земјиште, вода, шуми и биодиверзитет), градење климатска отпорност на земјоделското производство и намалување на ризиците од катастрофи во земјоделството – посочуваат од Канцеларијата на ФАО во Скопје.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО