17.9 C
Ohrid
Tuesday, September 27, 2022

Потенцијалните жртви се невидливи само за системот

НАЈЧИТАНО

Децата кои ги гледате секојдневно на наплатните рампи на патарините кога возите на автопатот Тетово – Скопје и ви нудат некакво овошје нема кој да ги тргне од таму. Родителите на нив заработуваат и не ги интересира дека можат да бидат повредени, а проблемот не можат да го решат ниту надлежните институции. Возачите негодуваат, но и купуваат грозје, јаготки, сливи од нив.

Од ЈП за државни патишта која стопанисува со патарините, велат дека не е дозволена никаква продажба на наплатните станици, а најмалку на деца, но никако не успеваат да ги тргнат од таму. Планирани се и посебни мерки за обезбедување на наплатните станици со што ќе се заштитат и учесниците во сообраќајот и децата продавачи. Институциите кои треба да го решат проблемот си ја префрлаат одговорноста едни на други.

Секојдневната глетка на патарините на автопатот „Мајка Тереза“, посебно на онаа кај скопско Глумово, (која може да се види и на камерите од сајтот на претпријатието), ги загрижува возачите кои велат дека овие деца треба да се тргнат од таму. Повици има и од граѓани на социјалните мрежи.

„Децана што продаваат јагоди и други овошки по наплатни рампи, се нарушување на безбедноста во сообраќајот! Абе тргнете ги, казнети ги родителите!! Некој ќе ги згази, а башка е нехигиенски. Каде се пазарната, трудовата инспекција и социјалните служби?“, прашува граѓанин.

Возач кој секој ден го минува овој автопат вели дека ако родителите не се грижат за децата треба нешто да направи државата.

– Секој ден ги има, нудат овошје, претрчуваат од една до друга кола. Можеш кога ќе тргнеш или ако сакаш да се повратиш на рампата за да платиш несакајќи да ги турнеш. Не знам дали досега имало некоја инцидент, но не треба да се чека да се случи. Надлежните, кој и да е, треба да преземат мерки децата да се тргнат од наплатните рампи зашто гледаме дека родителите не се грижат за нив, туку за парите кои ќе им ги заработат. На овој пат проблем се и импровизираните тезги кои се поставени на лента од коловозот и нив никој не ги чепка, а може да се случи несреќа. Таа лента е за тешки товарни возила – вели тој.

Од Јавното претпријатие за државни патишта кое стопанисува со наплатните станици велат дека не е дозволено деца да продаваат на просторот каде што се наплаќа, но тешко можат да се справат со тоа бидејќи и по секоја акција да се спречи појавата, таа се повторува.

– ЈПДП не допушта и не дава дозвола за продавање на наплатните станици. Напротив, преземаме мерки и активности во насока на сузбивање на појавата. Имено, ЈПДП за ова ги известува институциите кои се надлежни за постапување при појава на недозволено вршење на дејности и дејствија и институциите надлежни за постапување во случај на злоупотреба на детски труд. По нашите пријави надлежните постапуваат, но ефектот најчесто е краткотраен. Воедно, при секоја ваква забележана појава вршиме и разговор со возрасните лица, но не наидуваме на соработка – велат од ЈПДП.

Оттаму најавуваат и други мерки со кои ќе се обидат да спречат децата да продаваат на наплатна рампа.

– Во таа насока, ЈПДП веќе презема дополнителни активности за обезбедување на наплатните станици со што ќе се заштитат и учесниците во сообраќајот и децата продавачи – велат од Државни патишта.

Илија Јовановиќ од невладината „Градиме иднина“ која се занимава со појавите на искористување на детскиот труд и питачење вели дека тоа е кривично дело за родителите, а институциите не треба немо да гледаат туку да преземат активности тоа да биде спречено.

– Како невладина ќе се зафатиме и со овој проблем. Писмено ќе побараме полицијата, дали тоа ќе биде СВР Теово или СВР Скопје, да се позанимава со проблемот бидејќи искористувањето на деца е кривично дело за кое се бара 1, 3, 7, па и 15 години затвор. Постојат и парични казни за родителите. Значи дека сѐ има, ама треба да се разбудат институциите и да го видат проблемот. Овие деца дополнително се изложени на опасност да бидат повредени, па затоа е потребно итно да се реагира. Местото на овие деца е на училиште, со своите другарчиња да го живеат детството како што треба, а не да заработуваат – вели тој.

Според него, појавата е видлива и е неразбирливо зошто никој не презема ништо да ја спречи.

– Полицијата е присутна и на овие наплатни места и ги гледа децата, но не презема ништо, бидејќи родителите на овие деца и тие што продаваат на сообраќајна лента имаат пријатели во полицијата или во другите институции – вели тој.

Тој открива и дека деца кои продаваат или питачат има и на наплатните станици и на другите автопатишта и апелира возачите да не купуваат од нив, ниту пак да им даваат пари.

– Имаме деца и на наплатните станици кај Куманово. Таму тие питачат. И за ова преземаме активности и се надевам дека ќе ги разбудиме институциите да реагираат и да спречат овие деца да стојат таму – вели Јовановиќ.

Директорката на пазарниот инспекторат Анета Симеска Димоска вели дека под нивна надлежност е поставувањето импровизирани тезги на коловозна лента, но не и децата кои продаваат на наплатните станици.

– Во изминатиов период ДПИ нема спроведено активности за импровизирани тезги на коловозни ленти и доколку тоа биде организирано од МВР кои се надлежни за регулација на сообраќајот и патиштата ние секако ќе постапиме, затоа што сепак потребна е заедничка активност поради просторот односно местоположбата. А за останатите прашања ќе треба да се обратите во Министерството за труд и социјална политика и во Државниот инспекторат за труд – вели Симеска Димоска.

Од Министерството за внатрешни работи усно ни рекоа дека полицијата само асистира во акциите на Министерството за труд и социјална политика.

Плусинфо побара одговори и од Министерството за труд и социјална политика, но не доби одговори иако нивниот ангажман е главен во справувањето со проблемот на искористување на детскиот труд.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО