25.9 C
Ohrid
Tuesday, August 9, 2022

Поради продирањето на кинески авиони во зоната за противвоздушна одбрана, Тајван ги крена своите борбени авиони

НАЈЧИТАНО

Поради продирањето на кинески авиони во зоната за противвоздушна одбрана, Тајван ги крена своите борбени авиони, соопшти тајванското Министерство за одбрана.

Тајван, за кој Кина смета дека е нејзина територија, рече дека испратил авиони и распоредил ракетни системи за да ги „следат кинеските активности“ во својата идентификациска зона за противвоздушна одбрана.

Одлуката следуваше откако 27 кинески воени авиони се приближија до тајванскиот воздушен простор.

Тензиите посебно се зголемија откако претседателката на американскиот Конгрес Ненси Пелоси престојуваше во посета на Тајван, на што официјален Пекинг се спротистави.

„Пелоси не е свесна за мноштвото проблеми во својата земја и не се грижи за егзистенцијата и благосостојбата на своите сограѓани, туку прави политички трикови и го повторува она што со бројни факти е докажано дека е лага на векот,“ напиша на Твитер портпаролката на кинеската Влада Хуа Чунјинг.

Таа додаде дека посетата на Пелоси на Тајван го разоткрива злокобниот мотив за користење на човековите права како изговор за мешање во внатрешните работи на други земји, поткопување на стабилноста на Кина и ограничување на развојот на Кина.

Велика Британија и Германија веднаш реагираа и побараа деескалација на ситуацијата.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ја повика Кина да ја деескалира ситуацијата во врска со посетата на Ненси Пелоси.

– Не го поддржувам нивниот воспалителен пристап. Сосема е нормално она што се случува (се мисли на посетата на Пелоси) и ја повикувам Кина на деескалација – рече Трус.

За зголемените тензии коментираат и германските власти.

– Берлин заедно со меѓународните партнери се залага за деескалација во Тајванскиот Теснец – изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.

Тој додаде дека воените закани се неприфатливи. Германија одржува блиски односи со Тајван, кој е важен партнер, изјави портпаролот на редовната владина прес-конференција.

Германската влада поддржува јасна политика „Една Кина“ како и САД, додаде владиниот портпарол.

Високи владини претставници во Тајван ги повикуваат граѓаните да останат смирени пред плановите на Кина да одржи воздушни и поморски воени вежби во водите што го опкружуваат островот.

Од денеска до недела, Кина ќе одржи вежби на шест точки околу Тајван, приближувајќи се на 9 наутички милји од нејзините две главни поморски пристаништа во Келунг и Каосиунг. Вежбите се очигледна одмазда за посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, третата највисока функционерка во Вашингтон, јави ДПА.

Откако потврди дека САД „стојат со Тајван“, Пелоси замина вчера вечерта по речиси 20-часовна посета на Тајпеј. Посетата на Пелоси ги зголеми стравувањата од воена криза во Тајвански теснец што го дели копното на Кина од островот.

Официјални лица во Министерството за национална одбрана на Тајван ги осудија кинеските воени вежби како „еквивалентни на блокада“ и „кршење на меѓународното право“.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО