22.9 C
Ohrid
Tuesday, August 9, 2022

Османи и Петтовска ѝ одговорија на Захарова за тенковите донирани на Украина

НАЈЧИТАНО

Република Северна Македонија е суверена држава, која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност – се вели во заедничко соопштение на Министерството за надворешни работи и на Министерството за одбрана на изјавата на портпаролката на руското МНР Марија Захарова, која претходно ја оцени како „голема грешка“ одлуката на властите на Северна Македонија да ѝ донираат на Украина тенкови од типот Т-72.

„Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а пред сè во поддршка на мирот, човековите права и меѓунарoдниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција. Република Северна Македонија како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации“ – се вели во соопштението на МНР и МО.

Според шефицата на руската дипломатија, иако македонската донација е „безопасна, зашто станува збор за застарена опрема, со неа, според Захарова, „се дава поддршка за продолжување на криминалните активностите на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“.

„Луѓето кои исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија“ – вели Захарова во изјавата објавена на веб страницата на МНР на Русија.

Министерството за одбрана неодамна соопшти дека ќе испрати тенкови од типот Т-72 како како донација за Украина, во рамки на договорот за соработка и обврските кои произлегуваат од членството на земјава во НАТО. Бројот на тенковите не беше наведен, а МО информираше дека станува збор за тенкови кои се дел од тенковскиот баталјон на Армијата за кој е планирано да биде расформиран. Станува збор за „трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа“, појасни МО.

Во меѓувреме ВМРО-Народна партија, чиј лидер Љубчо Георгиевски беше премиер во времето кога овие тенкови се набавени, излезе со соопштение во кое тврди дека тенковите се купени од Украина и се во функција.

„Сакаме да потенцираме дека тенковите Република Македонија не ги доби како донација од Русија, како што пишуваат некои медиуми, туку државата ги купи од Украина, што беше многу важна помош со оглед дека тогаш имаше неофицијално ембaрго за продажба на оружје за Македонија. Сакаме да додадеме и нагласиме дека тенковите не се добиени како помош туку се купени со македонски пари“ – појасни ВМРО-НП во соопштението.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО