22.9 C
Ohrid
Tuesday, August 9, 2022

Општина Центар бара измени во Законот за градежно земјиште

НАЈЧИТАНО

Општина Центар до Министерството за транспорт и врски ќе поднесе Иницијативата за измена и дополнување на Законот за градежно земјиште со кој ќе се смени соодносот за оформување на градежна парцела. Наместо сегашните 30% од градежната парцела кои лицето подносител ги има во сопственост, да се изменат во 70%, односно можност за откуп на градежна парцела да имаат само оние лица кои ќе поседуваат сопственост од минимум 70% од градежната парцела.

Станува збор за членот 15 став 4 алинеја 3, член 51 став 1 алинеја 15, член 68 став 1, алинеја 3, член 68 став 3 и член 70 став 2 и 3 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Mакедонија“ бр. 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 31/16, 142/16 и 190/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19).

Со постоечкиот Закон за градежно земјиште предвидено е лицето кое има во сопственост повеќе од 30% од градежната парцела, градежното земјиште во сопственост на РСМ да може да го отуѓи со непосредна спогодба за оформување градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација. Исто така, законот предвидува градежното земјиште сопственост на РСМ да се отуѓи со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности. Ова се однесува и за градежното земјиште под објектот, односно делот од објектот за кој е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за градежното земјиште кое се наоѓа во рамките на градежната парцела, а не претставува земјиште под објектот.

Општина Центар смета дека со постоечкото законско решение, во делот кога градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија се отуѓува за оформување на градежна парцела, земјиштето сопственост на РСМ не е во целост заштитено. Односно истото е расцепкано поради што не може да биде предмет за реализација на капитален проект или друг објект од јавен интерес.

Со иницијативата се предлага наместо да може градежното земјиште, сопственост на РСМ, да се отуѓи со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности. Ова се однесува за градежното земјиште под објектот, односно делот од објектот за кој е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за градежното земјиште кое се наоѓа во рамките на градежната парцела, а не претставува земјиште под објектот, да се ограничи и да може да се откупи само делот кој се наоѓа под објектот, а не и градежното земјиште кое се наоѓа во рамките на градежната парцела. Лицата кои на своите парцели имаат изграден или поставен објект ќе може да го откупат само земјиштето под објектот но не и целата градежна парцела.

Овој чекор се прави затоа што со важечкото законско решение се овозможува сопствениците на објекти со мала површина да можат да ја откупат и целата градежна парцела, иако не го исполнуваат пропишаниот законски процент од 30% за сопственост на парцелата.

По изгласувањето на иницијативата, Општина Центар, овој предлог ќе го достави до ЗЕЛС и до Министерството за транспорт и врски, како надлежно министерство, каде ќе биде разгледана и ќе се постапува по неа. Со оваа иницијатива, општината го заштитува државното неизградено земјиште, го заштитува јавниот простор и ги заштитува жителите на општината.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО