23.9 C
Ohrid
Monday, May 23, 2022

Опозицијата постави услов, на власта ѝ фали консензус

НАЈЧИТАНО

Министерот за правда Никола Тупанчевски пред неколку дена најави изготвување на нов Закон за избори, во кој ќе бидат вметнати препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а вети и дека политичките партии од Македонија наскоро ќе добијат покана за учество во работни групи, со цел да помогнат во процесот на изготвувањето на новиот закон.

Според тоа што го дознавме од контактот со партиите, поканата на Тупанчевски сè уште не пристигнала. Во ВМРО-ДПМНЕ размислуваат да зедат активно учество во изготвувањето на новиот изборен законик, но порачуваат дека најнапред ќе треба заедно со владејачкото мнозинство да се изгласа предлогот за една изборна единица.

– До сега не сме биле контактирани ниту пак сме имало било каква комуникација на министерството за правда или владата со ВМРО-ДПМНЕ на темата работни групи. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е ајде утре, еве привремено да ја тргнеме блокадата и да изгласаме сите заедно во парламентот една изборна единица, да не бидат шест, другиот ден веќе ќе ги добие Тупанчевски тимовите кои ќе работат на измените на изборниот законик согласно препораките ОБСЕ – вели нашиот извор во ВМРО-ДПМНЕ.

И од Левица се надеваат дека власта ќе изнајде сили да пронајде консензус во сопствените редови, за да биде изгласана една изборна единица, како вовед во донесувањето на новиот Закон за избори.

– Како што изминува времето, нè радува тоа што експертската јавност во целост, а сега и политичките партии, ја согледуваат неопходноста од измени во изборниот законик. Уште не знаеме во која насока измените ќе се движат, но, се надеваме дека политичките партии ќе имаат слух за потребата од воведување на една изборна единица. Прво, на тој начин ќе придонесеме за демократизација на општеството, и позитивно стимулирање на политичката култура преку диверсификација на политичките претставници на граѓаните. Ние, веќе поднесовме предлог законско решение, а со оглед на тоа дека постојат повеќе модели и рамки на кои во процесот можеме да се повикаме и да ги евалуираме, сметаме дека можеме заедно со останатите политички партии преку работните групи да стигнеме до консензус – вели портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.

Во изјавата дадена за Плусинфо, Мециновиќ додава и дека е крајно време да се сменат актуелните законски решенија, кога е во прашање изборниот процес во Македонија.

– Нема да го повлечеме предложеното законско решение, туку, отворени сме за амандманско дополнување и изменување, со заклучоци кои ќе бидат прифатливи за сите. Како и министерот кој ги најави овие измени, така и ние сметаме дека е крајно време за овие измени, за да може да се отклучат стегите врз демократските капацитети на земјата, и посебно ќе очекуваме поддршка за овие измени од номинално про-европските партии. Несомнено, не можеме да очекуваме дека процесот може да се реши брзо, но можеме да посочиме дека брзото решавање е од императивно значење. Особено кога сегашната Влада нема изборен легитимитет – додава Мециновиќ.

Една изборна единица е желба и на помалите партии од владината коалиција, а лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, неколкупати се закани со преминување во опозиција доколку не биде усвоен неговиот предлог.

Од СДСМ пред неколку дена повторија дека го прифаќаат предлогот за една изборна единица, нешто што долго време е дел од нивните заложби. Сепак, главен кочничар на реформите е партијата на Али Ахмети, ДУИ.

– Ова е нов, стар став, како и да го наречеме бидејќи сегашната законска рамка осудува таков модел, затоа не можеме да се водиме од потребите или желбите на разни политички партии кои зависно од околностите ги менуваат и ставовите. Нашиот став е конзистентен, непроменет до ден денес. Каков модел и да сакаме да воведеме, ќе биде потребен меѓупартиски консензус – посочи пред неколку дена Арбр Адеми од ДУИ.

Од Алијансата на Албанците се согласни да го менуваат Законот за избори, но наместо една изборна единица, тие предлагаат осум. Ова дополнително ја усложнува ситуацијата, односно консензусот го прави недостижен.

Министерот Тупанчевски појасни дека новиот закон ќе мора да биде донесен најдоцна шест месеци пред наредните избори.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО