28.9 C
Ohrid
Wednesday, May 25, 2022

Одбележување на Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот

НАЈЧИТАНО

Европските земји денеска го слават Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, во сеќавање на почетокот на создавањето на Европската Унија и завршувањето на Втората светска војна во Европа во 1945 година.

Годинава се навршуваат 77 години од крајот на Втората светска војна и 72 години од покренувањето на иницијативата за создавање на Европската Унија.

Во земјите на ЕУ, особено е важен Денот на Европа, што означи пресвртница во односите на европските земји, но и отворање пат кон создавање заедничка држава на континентот. Во Русија пак, фокусот е на прославата на Денот на победата во Втората светска војна.

Во Стразбур денеска ќе се затвори Конференцијата за иднината на Европа. Ќе присуствуваат францускиот претседател Емануел Макрон и претседателките на Европската Комисија и Европскиот Парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола.

Макрон во Германија ќе има средба со канцеларот Олаф Шолц.

Зградите на Европската унија во Брисел синоќа беа осветлени во боите на украинското знаме по повод Денот на Европа.
„Ние сме со Украина и нејзиниот народ во нивната борба за слобода, мир и демократија: истите вредности врз кои беше изградена ЕУ пред 72 години“, напиша Европската служба за надворешни работи на Твитер.

Земјите на ЕУ, како и други европски земји, Денот напобедата над фашизмот го одбележаа вчера, додека Русија и уште некои земји, ќе го прослават денеска. Денот на победата над фашизмот се слави во знак на сеќавање на денот, кога нацистичката Германија потпиша капитулација во Втората светска војна, 1945 година.

Русија секој 9 мај организира традиционална воена парада на Црвениот плоштад во Москва,  на која земјата прикажува воени достигнувања.

Денот на Европа е востановен во знак на сеќавање на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман од 1950 година. Тоа се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ.

Декларацијата беше предлог за поранешните непријатели, Франција и Германија, да воспостават нов облик на соработка, со цел, војна во Европа да не се случи повторно.

Предлогот доведе до создавање на Европска заедница за јаглен и челик во 1951 година, потоа Европска економска заедница, а денешна Европска Унија.

Денот на Европа, делегацијата на Европската Унија заедно со Европската куќа ќе го одбележат со низа активности организирани под слоганот #ThinkForward.

Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава, со оглед на тоа што 2022 година е Европска година на младите, програмата вклучува голем број активности кои се посветени ним и кои ги вклучуваат младите.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир и младите европски амбасадори Рената Пенчова и Александар Каратошо денеска ќе имаат интеракција со младите од WB6 од Европската куќа во Скопје.

Работниот дел од конференцијата ќе се одржи на 9 и 10 мај во Младинскиот културен центар каде ќе се сретнат 30 млади луѓе од целиот регион на Западен Балкан за да разговараат за решенија за подобра свест за менталното здравје, зајакната регионална соработка и помирување како и за Европскиот зелен договор. Оваа конференција се организира со поддршка на Советот за регионална соработка (РЦЦ) и скопскиот огранок на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).

Главниот јавен настан се одржа синоќа со концертот на меѓународно признатиот филмски композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев во Градскиот парк во Скопје. Ансамблот на Дуке Бојаџиев од двајца наратори и 25 члена оркестар ќе изведе спој на оркестарска и филмска музика, некои традиционални балкански композиции и вечната љубовна поезија на Руми на македонски и албански јазик.
Програмата за Денот на Европа за 2022 година започна на 5 мај со изложба на уметнички дизајнирани портрети на млади луѓе под наслов „Иднината на Европа“ поставена во трговскиот центар „Ист Гејт“ во Скопје.
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО